Свет
Никола, како можеше ова да ми го сместиш?!
„Се почна кога нотарот Никола Стојменовиќ му се јави на мојот сопруг и му рече: Владо, имам две хипотеки за Гордана“.
И НОТАРКАТА РАКОЧЕВИЌ ТВРДИ ДЕКА БИЛА НАМЕСТЕНА
„Се почна кога нотарот Никола Стојменовиќ му се јави на мојот сопруг и му рече: Владо, имам две хипотеки за Гордана“. Вака ја почнала својата одбрана пред истражните органи нотарката Гордана Ракочевиќ, која веќе трет месец е во притвор за случајот „Бачило“ и денационализирано земјиште во центарот на Скопје, а се товари за злоупотреба на службената положба.
„Време“ ексклузивно ја објавува верзијата за скандалот, според тврдењата на нотарката Ракочевиќ. Нејзините адвокати приговараат дека обвиненијата за кои таа се товари се лажни и невистинити.
„На 26 октомври, кога дојдов на работа, пред вратата на канцеларијата ме чекаше нотарот Стојменовиќ. Тој ми рече дека има некоја итна работа, па ми даде една дискета за да заверам хипотеки. Тоа се мои странки и ќе дојдат тука да се потпишат, ми рече Никола“, изјавила Ракочевиќ.
Според неа, Стојменовиќ и дал договор за заем, договор за хипотека, имотен лист за две земјишта и заверени полномоштва.
„Кога дојдоа странките, јас ги прашав дали знаат зошто се дојдени во мојата канцеларија, а тие рекоа дека ги испратил Стојменовиќ за потврдување на договор за хипотека. Се потпишаа на договорот за заем, на договорот за солемнизација и во книгата, како што е процедура. Странките доброволно се потпишаа и со тоа заврши постапката. Полномошното воопшто не беше оспорувано од страните“, изјавувала Ракочевиќ.
Таа тврдела дека не знаела дека станува збор за истото земјиште во центарот на Скопје, кое подоцна станало предмет на мега-афера.
„Првпат слушнав за тоа од телевизија, кога предметот го извади во јавност сегашниот министер за правда Михајло Маневски. Веднаш му се јавив на Стојменовиќ и го прашав како можел да ми испрати нешто такво ако не било чисто, а тој упорно тврдеше дека се е легално. Кога аферата доби замав во медиумите, со сопругот отидовме во Јавното обвинителство и го побаравме Јован Илиевски. Тој беше на годишен одмор, но во одделот за организиран криминал ми рекоа дека не е оформен предмет за ова земјиште. Оттогаш не се заинтересирав за случајот“, изјавила Ракочевиќ.
Нејзините адвокати пред неколку дена поднеле приговор на обвинението покренато против Ракочевиќ. Според приговорот, обвинението содржи лаги и невистини.
– Не е вистина дека Ракочевиќ со солемнизирање на двата договори за залог на недвижен имот ги оштетила Владимир Димитров, Слободан и Гоце Димитриевски, Даринка Тодоровска и Благоја Неделковски. И самите тие не се сметаат за оштетени, бидејќи тие договори подоцна се прогласени за ништовни, а решенијата се поништени, што значи не произведуваат правно дејство. Обвинението содржи лаги, бидејќи таму пишува дека обвинетата Гроздана Манасиевска никогаш не била во канцеларијата на Ракочевиќ, што не е точно. Таа била во нејзината канцеларија, а како потврда за тоа е копијата од нејзината лична карта и своерачниот потпис на Манасиевска во нотарската книга – тврдат нејзините бранители во приговорот.
Тие ќе испратат протестно писмо до сите дипломатски претставништва и домашни и странски невладини организации, бидејќи сметаат дека Ракочевиќ со ништо не ја злоупотребила службената положба.
– Без законска основа беше донесено поднесено барање за спроведување на истрага, без законска основа и без никакви докази сега е поднесено обвинение – тврдат адвокатите во приговорот и додаваат дека во постапката Ракочевиќ требало да биде сослушана само како сведок.
Адвокатите на 23 обвинети за случајот „Бачило“ се уште ги чекаат одговорите на приговорите, по што ќе биде закажан судскиот процес.
Саша Андоновски: Не знам што барам овде!
„Не ми е јасно зошто сум обвинет, не ми е јасно кој закон сум го прекршил ниту како сум ја злоупотребил службената положба“, тврдел поранешниот претседател на второстепената владина комисија и бивш заменик-министер за економија Саша Андоновски пред истражните органи минатиот месец. И тој е еден од 13-те обвинети, притворен за случајот „Бачило“ поради злоупотреба на службата.
„Не ми е јасно што барам јас овде. Доживеав огромен психички стрес, видни се модринките на рацете од лисиците што ми беа ставени, пукнати ми се панталоните од грубоста при претресот, иако потоа при спроведувањето во возилото полицајците ми се извинија бидејќи таква им била наредбата. Начинот на моето приведување беше како на акциски филм, сниман од МВР веројатно за да се изврши притисок, што укажува на фактот дека ова не е правен, туку политички проблем“, изјавил Андоновски пред истражните органи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Здравствено предупредување во Велика Британија поради студеното време
Четиридневно здравствено предупредување поради студеното време е на сила во Велика Британија од денес, а Метеоролошката служба предупреди на снег и мраз.
Предупредувањето на Агенцијата за здравствена безбедност на Велика Британија ги опфаќа централните и северните области на земјата и трае до понеделник во 8 часот наутро, објавува „Sky News“.
Метеоролошката служба објави дека арктичката морска воздушна маса донесе постудени услови и издаде жолто ниво на предупредување за снег и мраз.
Оваа состојба ја опфаќа практично цела Шкотска и поголемиот дел од северна Англија.
„На локациите над 200 метри во Шкотска и северна Англија може да се видат 2-5 см снег, но на локациите над 300 метри може да се видат двојно повеќе, дури и до 10 см“, изјави главниот прогнозер на Метеоролошката служба, Џејсон Кели.
Утре низ целата земја се предвидува утро со мраз и температури под нулата, а на некои места се очекува сув ден, прв од почетокот на годината, имајќи ја предвид големата количина на врнежи од почетокот на јануари.
Северна Ирска, исто така, го забележа највлажниот јануари во последните 149 години, според „Скај њуз“.
Метеоролошката служба најави дополнителни дождови, силни ветрови и снег во северните области.
Европа
Данска ќе обезбеди четири борбени авиони Ф-35 за мисијата на НАТО во Арктикот
Данска ќе обезбеди четири борбени авиони Ф-35 за мисијата на НАТО „Арктички стражар“, изјави данскиот министер за одбрана Троелс Лунд Поулсен.
НАТО во среда објави дека ја започнал мисијата за зајакнување на своето присуство на Арктикот, како дел од напорите за намалување на тензиите во рамките на алијансата предизвикани од желбата на американскиот претседател Доналд Трамп да ја преземе контролата врз Гренланд од Данска.
„Нашиот придонес (со борбени авиони Ф-35) го зајакнува целокупното присуство во регионот и ја нагласува улогата на Данска како активен сојузник на Арктикот и Северниот Атлантик“, рече Поулсен во соопштението.
Министерот им рече на новинарите пред Минхенската безбедносна конференција дека очекува и САД да придонесат во мисијата на НАТО.
НАТО започна со планирање на мисијата откако Трамп и генералниот секретар Марк Руте се сретнаа во Давос минатиот месец. По таа средба, Трамп ги повлече заканите за царини за европските земји и ја исклучи употребата на сила за преземање на контролата врз Гренланд.
Руте и Трамп се согласија во Давос дека НАТО треба да преземе поголема одговорност во Арктикот, со оглед на руските и кинеските амбиции во областа.
Свет
Зеленски потпиша: Украина воведува санкции за 91 брод од руската „флота во сенка“
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, потпиша указ за спроведување на одлуката на Советот за национална безбедност и одбрана за воведување санкции врз 91 брод кои се дел од таканаречената руска „флота во сенка“, објави Канцеларијата на претседателот на Украина.
Канцеларијата забележува дека Русија ги користела овие бродови за транспорт на нафта и нафтени деривати од руските пристаништа до трети земји, пренесува Укринформ.
Како што е наведено, ова е направено со заобиколување на санкциите на Европската Унија, Г7 и други земји, што е потврдено од резултатите од мониторингот во Црното, Црвеното и Балтичкото Море.
Санкцираните бродови пловеле под знамињата на околу 20 земји, наведува Укринформ, додавајќи дека само едно од нив било руско, а другите биле знамињата на Панама, Либерија, Камерун, Барбадос, Маршалските Острови, Хонг Конг, Сиера Леоне, Тонга, Палау, Гвинеја, Коморите, Бахамите, Индонезија, Малави, Гвинеја-Бисао, Џибути, Гвајана и Есватини.
„Украина ќе им обезбеди релевантни информации на овие земји, а исто така ќе соработува со партнерите за понатамошна синхронизација на санкциите во нивните јурисдикции. Од оваа листа на бродови, 27 веќе се под санкции од партнерите – САД, Велика Британија, Швајцарија и Европската Унија. Работата за воведување санкции за преостанатите 64 ќе продолжи“, забележува публикацијата.
Кабинетот на претседателот нагласува дека воведувањето санкции врз „флотата во сенка“ е приоритет, бидејќи овозможува да се изврши притисок врз секој што транспортира руска нафта и со тоа ѝ помага на Русија да добие средства за финансирање на војната против Украина.
„Танкерите на „флотата во сенка“ се клучна алатка за заобиколување на санкциите за нафта, па затоа нивната идентификација и воведувањето санкции против нив мора да се изврши брзо и без исклучок. Секој таков брод мора да се смета за елемент на финансирање на руската воена машинерија“, рече Владислав Власјук, советник и комесар на претседателот за политика на санкции, пренесува Танјуг.

