Свет
Важно кој е потписник, а не кој ги дал парите
Не држи образложението на претседателот Бранко Црвенковски дека неговата сопруга не дала пари за авансот со кој содружници од фирмата „Семос“ сакале да купат простор во зградата „Тифани“.
ПРАВНИЦИТЕ ЗА ДОГОВОРОТ НА ЈАСНА ЦРВЕНКОВСКА ЗА „ТИФАНИ“
Не држи образложението на претседателот Бранко Црвенковски дека неговата сопруга не дала пари за авансот со кој содружници од фирмата „Семос“ сакале да купат простор во зградата „Тифани“. Потписот на Црвенковска стои на договорот со инвеститорот Палевски, велат професори по управно право од Правниот факултет.
Авансот од 160.000 евра не е пријавен во анкетниот лист за имотот на семејството на претседателот.
– Црвенковска е потписник на договорот. Од правен аспект не е важно кој ги дал парите, важно е кој се потпишал. Претседателот дефинитивно требало да го пријави овој аванс – велат на факултетот.
И според поранешни членови на антикорупциската комисија, функционерите се должни да пријават секаква промена во анкетниот лист, без разлика дали е заем, долг или аванс.
Според Законот за спречување на перењето пари од 2004 година, трансакција на сума повисока од 15.000 евра мора да пријават и тој што ги дава и тој што ги зема парите. Авансот од 160.000 евра е даден во 2002 година. Бидејќи тогаш немало ваква одредба во законот, Агенцијата нема да го испитува потеклото на парите.
Во Управата за јавни приходи и во Јавното обвинителство не кажуваат детали за тоа што ќе преземат случајот со анкетниот лист на Црвенковски. Во УЈП велат дека ја проверуваат вистинитоста на податоците во анкетните листови на сите функционери. Во обвинителството велат дека допрва ќе одлучат дали врз основа на пишувањата на медиумите ќе собираат докази за евентуална постапка.
Државната комисија за спречување корупција најави дека во скоро време ќе разгледа случајот.
Претседателот Црвенковски завчера изјави дека парите за авансот не се на неговата сопруга и поради тоа не бил обврзан тоа да го пријави во анкетниот лист за имотната состојба.
Во два наврата, и како премиер и како претседател на државата, Бранко Црвенковски во анкетниот лист за неговата имотна состојба заборавил да го пријави авансот за простор што неговата сопруга Јасмина Црвенковска, со уште три лица сакале да го купат во зградата „Тифани“ на нивниот довчерашен сопартиец Љупчо Палевски. Уплатата е извршена во јули 2002 година како аванс за купување простор од 550 квадратни метри во деловно-станбената зграда „Тифани“. Тоа беше авансно плаќање или повеќе од 30 отсто од вредноста на просторот (447.000 евра).
Во 2004 година дотогашниот премиер Црвенковски е избран за претседател на Република Македонија. Законот е јасен во делот на обврската дека функционерите треба да го пријават и имотот на семејството. Според Законот за спречување на корупцијата, избран или именуван функционер е должен во рок од 30 дена да достави анкетен лист за недвижен имот и подвижни предмети во поголема вредност, во негова сопственост или во сопственост на неговото семејство. Законот прецизирал дека под семејно домаќинство се подразбираат брачен другар, деца, родители, браќа, сестри, посвоители или посвоеници, со кои функционерот живеел во заедница. Антикорупциската комисија по стапувањето на претседателската функција на Бранко Црвенковски, во мај 2004 година соопшти дека тој нема обврска повторно да даде отчет за својата имотна состојба. Тие тогаш одлучија дека во согласност со Законот за спречување на корупцијата станува збор за континуитет во вршење јавна функција и во случајот претседателот не треба да пополни нов анкетен лист.
И откако стана претседател, кабинетот на Црвенковски соопшти дека нема промени во неговата имотна состојба. Авансното уплаќање за деловен простор во „Тифани“ го нема никаде во неговиот анкетен лист. Ни пред ни потоа.
A
. Д.
Црвенковски повика на проверка на неговиот имот
Управата за јавни приходи и Државната комисија за спречување на корупцијата што е можно побрзо да ја проверат мојата имотна состојба, повика вчера претседателот Црвенковски.
– Ги повикувам сите надлежни институции да дојдат и да го проверат мојот имот. Од моја страна има спремност за целосна соработка бидејќи нема што да се крие. Не постои побарување на име на мојата сопруга и тоа е единствената причина зошто такво нешто нема ниту во имотниот лист. Кога пред три години го пополнував имотниот лист се консултирав со правни експерти. Тие ме подучија дека токму внесувањето непостојно побарување би значело прекршување на законот – изјави Црвенковски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Здравствено предупредување во Велика Британија поради студеното време
Четиридневно здравствено предупредување поради студеното време е на сила во Велика Британија од денес, а Метеоролошката служба предупреди на снег и мраз.
Предупредувањето на Агенцијата за здравствена безбедност на Велика Британија ги опфаќа централните и северните области на земјата и трае до понеделник во 8 часот наутро, објавува „Sky News“.
Метеоролошката служба објави дека арктичката морска воздушна маса донесе постудени услови и издаде жолто ниво на предупредување за снег и мраз.
Оваа состојба ја опфаќа практично цела Шкотска и поголемиот дел од северна Англија.
„На локациите над 200 метри во Шкотска и северна Англија може да се видат 2-5 см снег, но на локациите над 300 метри може да се видат двојно повеќе, дури и до 10 см“, изјави главниот прогнозер на Метеоролошката служба, Џејсон Кели.
Утре низ целата земја се предвидува утро со мраз и температури под нулата, а на некои места се очекува сув ден, прв од почетокот на годината, имајќи ја предвид големата количина на врнежи од почетокот на јануари.
Северна Ирска, исто така, го забележа највлажниот јануари во последните 149 години, според „Скај њуз“.
Метеоролошката служба најави дополнителни дождови, силни ветрови и снег во северните области.
Европа
Данска ќе обезбеди четири борбени авиони Ф-35 за мисијата на НАТО во Арктикот
Данска ќе обезбеди четири борбени авиони Ф-35 за мисијата на НАТО „Арктички стражар“, изјави данскиот министер за одбрана Троелс Лунд Поулсен.
НАТО во среда објави дека ја започнал мисијата за зајакнување на своето присуство на Арктикот, како дел од напорите за намалување на тензиите во рамките на алијансата предизвикани од желбата на американскиот претседател Доналд Трамп да ја преземе контролата врз Гренланд од Данска.
„Нашиот придонес (со борбени авиони Ф-35) го зајакнува целокупното присуство во регионот и ја нагласува улогата на Данска како активен сојузник на Арктикот и Северниот Атлантик“, рече Поулсен во соопштението.
Министерот им рече на новинарите пред Минхенската безбедносна конференција дека очекува и САД да придонесат во мисијата на НАТО.
НАТО започна со планирање на мисијата откако Трамп и генералниот секретар Марк Руте се сретнаа во Давос минатиот месец. По таа средба, Трамп ги повлече заканите за царини за европските земји и ја исклучи употребата на сила за преземање на контролата врз Гренланд.
Руте и Трамп се согласија во Давос дека НАТО треба да преземе поголема одговорност во Арктикот, со оглед на руските и кинеските амбиции во областа.
Свет
Зеленски потпиша: Украина воведува санкции за 91 брод од руската „флота во сенка“
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, потпиша указ за спроведување на одлуката на Советот за национална безбедност и одбрана за воведување санкции врз 91 брод кои се дел од таканаречената руска „флота во сенка“, објави Канцеларијата на претседателот на Украина.
Канцеларијата забележува дека Русија ги користела овие бродови за транспорт на нафта и нафтени деривати од руските пристаништа до трети земји, пренесува Укринформ.
Како што е наведено, ова е направено со заобиколување на санкциите на Европската Унија, Г7 и други земји, што е потврдено од резултатите од мониторингот во Црното, Црвеното и Балтичкото Море.
Санкцираните бродови пловеле под знамињата на околу 20 земји, наведува Укринформ, додавајќи дека само едно од нив било руско, а другите биле знамињата на Панама, Либерија, Камерун, Барбадос, Маршалските Острови, Хонг Конг, Сиера Леоне, Тонга, Палау, Гвинеја, Коморите, Бахамите, Индонезија, Малави, Гвинеја-Бисао, Џибути, Гвајана и Есватини.
„Украина ќе им обезбеди релевантни информации на овие земји, а исто така ќе соработува со партнерите за понатамошна синхронизација на санкциите во нивните јурисдикции. Од оваа листа на бродови, 27 веќе се под санкции од партнерите – САД, Велика Британија, Швајцарија и Европската Унија. Работата за воведување санкции за преостанатите 64 ќе продолжи“, забележува публикацијата.
Кабинетот на претседателот нагласува дека воведувањето санкции врз „флотата во сенка“ е приоритет, бидејќи овозможува да се изврши притисок врз секој што транспортира руска нафта и со тоа ѝ помага на Русија да добие средства за финансирање на војната против Украина.
„Танкерите на „флотата во сенка“ се клучна алатка за заобиколување на санкциите за нафта, па затоа нивната идентификација и воведувањето санкции против нив мора да се изврши брзо и без исклучок. Секој таков брод мора да се смета за елемент на финансирање на руската воена машинерија“, рече Владислав Власјук, советник и комесар на претседателот за политика на санкции, пренесува Танјуг.

