Свет
Д-р Дејан Докиќ приведен поради поткуп од 300 евра
Дознаваме дека раководител на осигурителна компанија самоиницијативно му ги оставил парите на работната маса, како спонзорство за научен труд
Дознаваме дека раководител на осигурителна компанија самоиницијативно му ги оставил парите на работната маса, како спонзорство за научен труд
Директорот на Клиниката за пулмологија, д-р Дејан Докиќ, вчера беше приведен во полиција, наводно, поради поткуп од 300 евра.
Вработени од крим-полиција вчера околу пладне упаднале во кабинетот на д-р Докиќ и го затекнале кога ги примал парите од пациентот.
Банкнотите биле обележени, а д-р Докиќ бил изнесен од главниот влез на клиниката околу 14 часот и однесен на распит во МВР.
Во полицијата велат дека долго работеле на случајот.
– Откако ни беа упатени најави, во МВР беа преземени посебни истражни мерки – од бележење банкноти до снимање телефонски разговори и се’ друго што е неопходно. Тоа го направивме во соработка со Јавното обвинителство, од кое добивме одобрение за мерките. Кај докторот се најдени 300 евра обележени пари. По акцијата за апсење корумпирани полицајци и цариници, сега се работи на расчистување на митото и корупцијата во здравството – велат во полицијата.
Директорот на Клиничкиот центар, Борче Георгиевски, вчера не сакаше да коментира за приведувањето на директорот на Пулмологија се’ додека не добие службено известување од полицијата.
Д-р Алексеј Дума, претседател на Лекарската комора на Македонија изјави:
– Ако се потврдат сомневањата на полицијата, ја поддржуваме Владата во борбата против корупцијата.
Вчера попладнето приведениот лекар требаше да даде изјава пред истражен судија.
Д-р Дејан Докиќ пред неколку месеци трет пат стана директор на Клиниката за пулмологија, а пред околу една година поднесе и кандидатура за академик во МАНУ.
Лани, германската фирма „Алергофарма“ му додели на Докиќ меѓународно признание за учество во наоѓање на вакцината „акароид“, која ќе биде спас за околу 10 отсто од нашето население, кое е алергично на домашната прав.
За пронаоѓањето на најновата вакцина, која е одобрена од Европската комисија за лекови и вакцини, д-р Докиќ работеше со проф. д-р Тони Фру од Универзитетот во Саутемптон, Велика Британија.
Последен пат д-р Докиќ во јавноста се појави на манифестацијата „Златна бубамара“, на која доби јавна благодарност од Тоше Проески затоа што успешно ја излечил неговата алергија пред настапот на Евросонг во 2004 година.
Најавено апсење
Новинари од еден весник на албански јазик уште вчера изутрината се јавувале на Клиниката за пулмологија и се интересирале „дали е уапсен директорот“. Извори од Клиниката велат дека првично биле изненадени од таквото прашање, но работата станала сомнителна кога по само неколку часа д-р Докиќ навистина бил приведен. Дознаваме дека поткупот, како што велат, бил наместен и испланиран од раководно лице на една осигурителна компанија, кој решил да го искомпромитира д-р Докиќ со тоа што на работната маса самоиницијативно му оставил 300 евра како спонзорство за научен труд.
(Р.Д.)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Здравствено предупредување во Велика Британија поради студеното време
Четиридневно здравствено предупредување поради студеното време е на сила во Велика Британија од денес, а Метеоролошката служба предупреди на снег и мраз.
Предупредувањето на Агенцијата за здравствена безбедност на Велика Британија ги опфаќа централните и северните области на земјата и трае до понеделник во 8 часот наутро, објавува „Sky News“.
Метеоролошката служба објави дека арктичката морска воздушна маса донесе постудени услови и издаде жолто ниво на предупредување за снег и мраз.
Оваа состојба ја опфаќа практично цела Шкотска и поголемиот дел од северна Англија.
„На локациите над 200 метри во Шкотска и северна Англија може да се видат 2-5 см снег, но на локациите над 300 метри може да се видат двојно повеќе, дури и до 10 см“, изјави главниот прогнозер на Метеоролошката служба, Џејсон Кели.
Утре низ целата земја се предвидува утро со мраз и температури под нулата, а на некои места се очекува сув ден, прв од почетокот на годината, имајќи ја предвид големата количина на врнежи од почетокот на јануари.
Северна Ирска, исто така, го забележа највлажниот јануари во последните 149 години, според „Скај њуз“.
Метеоролошката служба најави дополнителни дождови, силни ветрови и снег во северните области.
Европа
Данска ќе обезбеди четири борбени авиони Ф-35 за мисијата на НАТО во Арктикот
Данска ќе обезбеди четири борбени авиони Ф-35 за мисијата на НАТО „Арктички стражар“, изјави данскиот министер за одбрана Троелс Лунд Поулсен.
НАТО во среда објави дека ја започнал мисијата за зајакнување на своето присуство на Арктикот, како дел од напорите за намалување на тензиите во рамките на алијансата предизвикани од желбата на американскиот претседател Доналд Трамп да ја преземе контролата врз Гренланд од Данска.
„Нашиот придонес (со борбени авиони Ф-35) го зајакнува целокупното присуство во регионот и ја нагласува улогата на Данска како активен сојузник на Арктикот и Северниот Атлантик“, рече Поулсен во соопштението.
Министерот им рече на новинарите пред Минхенската безбедносна конференција дека очекува и САД да придонесат во мисијата на НАТО.
НАТО започна со планирање на мисијата откако Трамп и генералниот секретар Марк Руте се сретнаа во Давос минатиот месец. По таа средба, Трамп ги повлече заканите за царини за европските земји и ја исклучи употребата на сила за преземање на контролата врз Гренланд.
Руте и Трамп се согласија во Давос дека НАТО треба да преземе поголема одговорност во Арктикот, со оглед на руските и кинеските амбиции во областа.
Свет
Зеленски потпиша: Украина воведува санкции за 91 брод од руската „флота во сенка“
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, потпиша указ за спроведување на одлуката на Советот за национална безбедност и одбрана за воведување санкции врз 91 брод кои се дел од таканаречената руска „флота во сенка“, објави Канцеларијата на претседателот на Украина.
Канцеларијата забележува дека Русија ги користела овие бродови за транспорт на нафта и нафтени деривати од руските пристаништа до трети земји, пренесува Укринформ.
Како што е наведено, ова е направено со заобиколување на санкциите на Европската Унија, Г7 и други земји, што е потврдено од резултатите од мониторингот во Црното, Црвеното и Балтичкото Море.
Санкцираните бродови пловеле под знамињата на околу 20 земји, наведува Укринформ, додавајќи дека само едно од нив било руско, а другите биле знамињата на Панама, Либерија, Камерун, Барбадос, Маршалските Острови, Хонг Конг, Сиера Леоне, Тонга, Палау, Гвинеја, Коморите, Бахамите, Индонезија, Малави, Гвинеја-Бисао, Џибути, Гвајана и Есватини.
„Украина ќе им обезбеди релевантни информации на овие земји, а исто така ќе соработува со партнерите за понатамошна синхронизација на санкциите во нивните јурисдикции. Од оваа листа на бродови, 27 веќе се под санкции од партнерите – САД, Велика Британија, Швајцарија и Европската Унија. Работата за воведување санкции за преостанатите 64 ќе продолжи“, забележува публикацијата.
Кабинетот на претседателот нагласува дека воведувањето санкции врз „флотата во сенка“ е приоритет, бидејќи овозможува да се изврши притисок врз секој што транспортира руска нафта и со тоа ѝ помага на Русија да добие средства за финансирање на војната против Украина.
„Танкерите на „флотата во сенка“ се клучна алатка за заобиколување на санкциите за нафта, па затоа нивната идентификација и воведувањето санкции против нив мора да се изврши брзо и без исклучок. Секој таков брод мора да се смета за елемент на финансирање на руската воена машинерија“, рече Владислав Власјук, советник и комесар на претседателот за политика на санкции, пренесува Танјуг.

