Свет
МВР и судовите ја злоупотребуваат примената на посебни истражни мерки
„Во Македонија недоследно се спроведува начелото
на примена на посебни истражни мерки и се крши правото на приватност“, оценува
Сашко Дукоски од Хелсиншки комитет.
СВЕТЛАНА УНКОВСКА
„Во Македонија недоследно се спроведува начелото
на примена на посебни истражни мерки и се крши правото на приватност“, оценува
Сашко Дукоски од Хелсиншки комитет. Тој тврди дека во анализата која Хелсиншки
ја спровел во шесте случаи кога имало примена на посебни истражни мерки е
утврдено дека во сите случаи постојат сериозни процедурални недостатоци и
злоупотреби. Вакви посебни истражни мерки се применуваат во борбата против
организираниот криминал или тероризам, односно за откривање сторители на
потешки кривични дела за кои е предвидена казна од најмалку 4 години или, пак,
делото се врши во група не помала од три лица, а дозвола за примена на посебни
истражни мерки издава јавниот обвинител или истражен судија. Дукоски го наведе
случајот на прибирање докази за откривање меѓународна група што се занимавала
со трговија со дрога. Во оваа група било инфилтрирано лице на Американската
агенција за борба против трговија со дрога (ДЕА) со прикриен идентитет и во
овој случај беа уапсени двајца грчки и четворица македонски државјани. Тој во
групата бил инфилтриран уште од јули 2004, но одобрение добил дури во ноември,
значи пет месеци недозволено учествувал во истражната постапка по наредба на
МВР.
„Во случајот ’Југ‘ за трговија со мигранти и во случајот со цариниците
осомничени за поткуп, исто така, постојат недоследности при истражните мерки“,
истакнува Дукоски. Според него, во случајот со поткупот на цариниците не може
да се преземат овие мерки, бидејќи на снимките немало група од најмалку три
лица како што барале одредбите, туку само по едно. За четвртиот случај кога во
група што се занимавала со трговија со дрога било инфилтрирано лице за да се
добијат снимени докази, во судскиот процес биле користени снимките, но без
тонски запис. „Не може да постои само снимка, а да нема звук. Во таква
ситуација имаме нем филм во кој се претпоставува кој што зборува и се договара
и со таков нем филм да судите некој со многу сериозни казни“, рече Дукоски. Тој
нагласи дека од сите анализирани предмети Хелсиншки комитет упати на големи
злоупотреби при примената на вакви мерки, но праша како поминува тоа и кај
јавниот обвинител и кај истражниот судија.
„Нашата интенција не е да се намалат ингеренциите на органите за истрага, туку
доследно да се применуваат правилата согласно со Законот за кривична постапка“,
нагласи тој. Како посебни мерки Законот предвидува следење комуникации и влез
во дом и други простории, потоа увид и пребарување компјутерски систем и
одземање податоци, тајно набљудување, следење и аудиовизуелно снимање,
симулирање кривични дела, како и користење лица со прикриен идентитет.
Според Елена Брезоска од Хелсиншки комитет, нашата земја мора да ги почитува
меѓународните стандарди при примена на посебните мерки. Конвенцијата што ја
потпиша Македонија во 2006 година обезбедува примена на вакви мерки, но
исклучиво за дела што се сметаат за сериозен криминал. Од Хелсиншки тврдат дека
во овие случаи досега не се применила мерка прислушување, но дека се користени
листинзи на повици на „Космофон“ и „Т-мобиле“, што повторно го сметаат за
кршење на правото на приватност.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Избран е новиот врховен лидер на Иран
Иранското Собрание на експерти го избра Моџтаба Хосеини Хамнеи за нов врховен лидер на Исламската Република, објавува Иран Интернешнл.
Овој историски и клучен политички потег за иднината на земјата дојде само неколку дена откако неговиот татко, долгогодишниот ајатолах Али Хамнеи, беше убиен во разорен израелски воздушен напад рано наутро во саботата.
Моџтаба Хамнеи е најстариот син на убиениот врховен лидер и личност со исклучително длабоки корени во безбедносниот и воениот апарат на државата.
Уште како млад човек, тој активно учествувал во крвавата војна Иран-Ирак, борејќи се токму во редовите на Револуционерната гарда. Неговото влијание особено се зајакна кога го презеде оперативното водство на озлогласената паравоена организација Басиџ, милиција која одигра клучна и брутална улога во насилното задушување на масовните антивладини протести по спорните претседателски избори во 2009 година.
Неговото официјално назначување на највисоката верска и политичка позиција во земјата испраќа недвосмислена порака до Западот, но и до домашната јавност, дека иранското раководство не планира никакви отстапки или поумерени политики во наредните денови.
фото/Depositphotos
Регион
Вучиќ лут на граѓаните: „Отидоа да се сончаат во Дубаи и не ме слушаа што зборував“
Првиот авион со патници од Дубаи слета во Белград рано утрово, а вториот се очекува во текот на ноќта. Српскиот претседател Александар Вучиќ е лут на граѓаните кои, како што вели, не го послушале, иако немало официјално државно предупредување против патување на Блискиот Исток, пишува N1 Белград.
„Сите оние кои се сончаа во Дубаи и не ме слушаа што зборував сега ќе ги бараат виновниците во нас, кои им помагаат да се извлечат од сето ова“, рече српскиот претседател.
Првото враќање од Емиратите до Србија беше успешно, иако летот беше одложен за неколку часа и помина подолг пат преку Оман. Патниците ја опишуваат хаотичната ситуација.
„Никој не не контактираше. Неколку пати се јавив во амбасадата, но немаа информации. Бевме сами“, рече еден од патниците. Други додадоа: „Не излеговме ниту се движевме многу. Амбасадорот не посети и тоа беше тоа.“
Еден патник рече: „Беше хаотично и воопшто не беше безопасно. Никој не ни зборуваше, но ниту ние не го очекувавме тоа. Сè решивме во лет.“ Сите се согласуваат за едно: „Секој може да каже што сака, но ситуацијата не беше безопасна.“
Дека ситуацијата не беше безопасна потврдуваат и експертите кои го следеа летот. „Безбедносните услови за тој лет не беа добри. Само 25 минути по полетувањето, целиот воздушен простор на Емиратите беше затворен бидејќи Министерството за одбрана објави дека бараж од балистички ракети се движи кон Емиратите“, вели Петар Војиновиќ од порталот „Танго Сикс“.
Ситуацијата на терен е непредвидлива, но оние што живеат и работат во Емиратите ја доживуваат поинаку од туристите.
„Градилиштето работи, има повеќе сообраќај на улиците, трговските центри се отворени, Бурџ Калифа не е евакуирана. Фала му на Бога, сè е нормално“, вели агентот за недвижности Милан Станиќ.
ИТ експертот Милан Шариќ размислува слично: „Жал ми е за туристите, нивната ситуација е поинаква. Тие се на аеродромот, слушаат звуци, не ѝ веруваат на владата тука, а за нив сè е различно“.
фото/Depositphotos
Свет
Иран: Сè уште не сме го употребиле нашето најнапредно оружје
Иран е подготвен за долга војна против САД и Израел и сè уште не го употребил своето најнапредно оружје, соопшти денес иранското министерство за одбрана.
„Имаме капацитет да се спротивставиме и да продолжиме со офанзивната одбрана подолго отколку што непријателот планираше за оваа наметната војна“, изјави портпаролот на министерството, Реза Талаеи-Ник, цитиран од официјалната новинска агенција ИРНА.
„Немаме намера да го распоредиме целото наше напредно оружје и опрема во првите неколку дена“, додаде тој.
Во меѓувреме, Револуционерната гарда вечерва објави дека испалила уште еден пламен од ракети кон Израел.
„Шеснаесеттиот бран на „Операција Вистинско ветување 4“ започна со голем број ракети и беспилотни летала лансирани од Воздухопловните сили на Револуционерната гарда кон срцето на окупираните територии“, се вели во соопштението, осврнувајќи се на Израел.
фото/Depositphotos

