Свет
Кризата предизвикува немири во Европа
Економската криза не заобиколи ниту една европска држава, а се повеќе луѓе своето незадоволство го изразуваат на улица
Економската криза не заобиколи ниту една европска држава, а се повеќе луѓе своето незадоволство го изразуваат на улица, што може да прерасне во немири и насилства.
Европските влади стравуваат од социјални немири, а некои економисти прогнозираат дека кризата ќе трае уште најмалку пет години.
Економската криза во Европа најмногу ги погодува источните држави, кои очајно молат за обемна парична помош за спас на економиите, а лоши вести доаѓаат и од западна Европа, каде државите една по друга паѓаат во рецесија.
Кризата носи отпуштања, затворања на фирми, смалување на социјалните издатоци, и затоа многу аналитичари сериозно и со пезимизам предупредуваат од масовни протести, кои можат да прераснат во социјални немири и насилства.
Но, протестите низ Европа започнаа…
Прво се протестираше на Исланд, порано една од најбогатите држави на светот, која поради крахот на банките речиси „банкротираше“. Под притисок на налутените демонстранти на улиците во јануари годинава оставка даде исландскиот премиер и таа држава прва ја загуби владата поради кризата.
Следна влада што падна под удар на кризата беше летонската. Економијата на Летонија по години процут падна во минус од десет насто, а престолнината Рига во јануари беше сведок на најголемите антивладини протести од независноста на државата. По еден месец замина владата.
И соседната Литванија во јануари ја тресеа протести. Најавеното намалување на социјалните издатоци ги разгневи граѓаните, кои со камења фрлаа по зградата на парламентот. Интервенираше полицијата со солзавец, а премиерот Кублиус, остана решителен и најави дека нема да отстапи од пакетот мерки за штедење.
Кризата жестоко удри и по Украина, која беше принудена да ги моли меѓународните финансиски институции за обемен пакет помош. Но, изгледа дека и милијарди долари нема да бидат доволни. На крајот на февруари во Киев имаше два големи протести – од едниот беше побарана оставка на претседателот Виктор Јушченко, а на друг протест налутените штедачи бараа пропаднатите банки да им ги вратат парите.
Остриот пад на цените на енергентите, на чии крила цветаше руската економија, предизвика драматично освестување. Неизвесноста предизвикува протести од Москва до Владивосток. Стотини демонстранти комунисти во февруари на Црвениот плоштад протестираа поради начинот на кој владата се справува со кризата, а имаше и неколку собири од кои е повикана владата да си замине.
Својот глас во Полска го кренаа вработените во воената индустрија, која најави масовни отпуштања, откако владата го скастри буџетот за одбрана. Демонстрантите палеа гуми и фрлаа молотови коктели за владата да го слушне нивното барање за зачувување на работните места, молбата за егзистенција.
Незадоволни во моментот во Бугарија се полицајците и земјоделците. Чуварите на редот бараат зголемување на платите за 50 насто и подобри услови за работа. Бидејќи законот не им дозволува штрајк, тие од декември се во „тивок“ протест. Земјоделците од друга страна бараат определување на минималната цена за млекото и стопирање на увозот на евтини производи.
Наместо да се зафати со барањата на демонстрантите парламентот федерацијата во БиХ, ја откажа седницата на која требаше да биде усвоено намалување на јавната потрошувачка, заради ограничување на буџетскиот дефицит. Работниците и инвалидите веќе организираат неколку протести поради високата стапка на невработеност и острите мерки на владата за намалување на јавниот долг.
Но не се ранливи само малите држави и поранешните социјалистички земји, кризата им се заканува и на европските економски велесили.
Најголемата европска економија Германија се бори со рецесија, а најпогоден е автомобилскиот сектор. Пред десетина дена протестираа 150 илјади работници на Опел, кои бараа од нивниот американски сопственик Џенерал Моторс да ги отповика намерите за затворање на погоните.
Дури 2,5 милиони демонстранти на крајот на јануари излегоа на улиците во Франција, а претседателот Саркози, кој претходно беше пофален, како се справува со кризата, се најде во премрежје на критики и на работниците и на стопанствениците, кои не се одушевени од мерките. Саркози, за да ги смири работниците вети дополнителни 2,65 милијарди евра за социјални трансфери, но и покрај тоа осум синдикати за 19 март закажаа масовен штрајк./крај/сло/мп
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Шведска студија: Една петтина од жените воопшто не сакаат да раѓаат деца
Истражување на „Афтонбладет“ покажува дека 22 отсто од жените во Шведска на возраст од 20 до 45 години воопшто не сакаат деца, додека таков став имаат само 8 проценти од мажите. Резултатите укажуваат на загрижувачки демографски трендови и го објаснуваат падот на стапката на плодност низ Европа.
Минатата година стапката на плодност во Шведска падна на 1,43 – најниско ниво откако се води статистика од 1749 година. Просекот во ЕУ е 1,38. За одржување на бројот на населението без миграција потребни се околу 2,1 деца по жена.
Според податоците, најниска стапка имаат Малта (1,06), Шпанија (1,12) и Литванија (1,18), а највисока Бугарија (1,81) и Франција (1,66).
Мартин Колк, професор по демографија на Универзитетот во Стокхолм, оценува дека разликите меѓу желбите на жените и мажите за родителство се слични со трендовите во земји со многу ниска плодност како Јапонија, Јужна Кореја, Шпанија и Италија. Тој посочува дека останува прашањето дали младите ќе имаат деца подоцна или целосно ќе се откажат од родителството.
Најчести причини што ги наведуваат младите жени во Шведска за одложување на мајчинството се стабилни приходи, соодветен партнер, подобро домување и сигурна работа. Раѓањето деца сè повеќе се гледа како планиран проект, кој бара исполнување на повеќе услови.
Демографите предупредуваат и на таканаречена „демографска инерција“ – намалувањето на бројот на жени во репродуктивна возраст значи дека дури и мало подобрување на стапката на плодност нема брзо да го зголеми бројот на новородени. Во некои земји, како Италија, трендот можеби веќе тешко ќе се промени без имиграција.
Свет
Ерик Дејн една недела пред неговата смрт: „Се обидувам да си го спасам животот“
Ерик Дејн почина на 54-годишна возраст по битка со амиотрофична латерална склероза (АЛС), потврди неговото семејство. Ѕвездата на серијата „Вовед во анатомија“ (Grey’s Anatomy) остави зад себе и силна порака за борбата против болеста.
„Се обидувам да си го спасам животот и, ако моите постапки можат да ги поместат работите напред за мене и безброј други, задоволен сум“, рече тој во интервју за Time100 објавено минатата недела.
Неговото семејство го опиша како страствен застапник за свеста и истражувањето за дегенеративната болест. Тие додадоа дека тој бил решен да направи разлика за другите што се борат во истата борба.
АЛС е дегенеративна болест за која нема лек и постепено ги ослабува мускулите сè додека лицето повеќе не може да функционира самостојно. Со текот на времето, пациентите повеќе не можат да јадат или дишат без помош. Дејн јавно ја откри својата дијагноза во април минатата година, а пациентите со АЛС обично живеат помеѓу две и пет години по дијагнозата.
Во интервјуто, тој зборуваше за своите напори за подигање на свеста за болеста и обезбедување средства за истражување. Тој се приклучи на одборот на директори на Target ALS и им помогна да ја постигнат својата цел да соберат половина милион долари. Тој, исто така, ја започна иницијативата I AM ALS, со цел да обезбеди 1 милијарда долари федерално финансирање за истражување на болеста.
„Неопходно е да го споделам моето патување со што е можно повеќе луѓе затоа што повеќе не чувствувам дека мојот живот е само мој“, рече тој претходно, објаснувајќи зошто јавно зборува за својата дијагноза.
Тој призна во „Добро утро Америка“ дека дијагнозата го направила „лут“ и дека ја изгубил функцијата на десната рака, а се плашел дека може да ја изгуби функцијата на левата. Во јануари 2026 година, тој требаше да добие награда за неговиот придонес во истражувањето на АЛС, но не можеше да присуствува поради, како што рече, „физичките последици од АЛС“.
Свет
Украински генерал: Можеме да се бориме уште со години
Олександр Пивненко, командант на Националната гарда на Украина, изјави дека Украина е способна да води војна уште неколку години и го отфрли тврдењето на американскиот претседател Доналд Трамп дека земјата ќе изгуби ако наскоро нема прекин на огнот. Тој нагласи дека задачата на Украина е да ја зачува својата територија и население, пишува „Украинска правда“.
Во интервју за BBC News Ukrainian, Пивненко рече дека не се согласува со проценката на Трамп дека Украина ќе ја изгуби војната ако наскоро не се постигне прекин на огнот.
„Подготвени сме да се бориме уште неколку години, во тоа сум 100 проценти сигурен. Но, војните мора да завршат на крајот. Општо земено, тешко е да се разбере дека на оваа планета се убиваат луѓе за територија и ресурси. Ова мора да престане“, рече Пивненко.
Ukrainian National Guard commander Oleksandr Pivnenko tells the BBC that the Ukrainian troops would withdraw from Donbas if ordered, but that would make the resistance Ukraine put up in the last few years look pointless.
That’s the trap the Ukrainian leadership has led itself… pic.twitter.com/VFMGi3Qjrp
— Leonid Ragozin (@leonidragozin) February 20, 2026
Тој објасни дека од воена гледна точка, победата за Украина значи ослободување на окупираните територии. Тој призна дека ова можеби не е непосреден приоритет, но дека Украина останува стратешки посветена на оваа цел.
„Воената победа за Украина е, секако, враќање на нашите територии“, нагласи тој. „Разбирам дека ова можеби не е цел за денес, но останува клучно за иднината. Може да потрае неколку децении – не е важно.“
На прашањето дали Украина може да се согласи на територијални отстапки, тој одговори дека Киев во моментов не разгледува таква можност.
„Прекин на огнот по линијата на контакт е нешто што можеме да го разбереме. Но, никој нема да се откаже од територија“, рече тој.
На 13 февруари, американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека неговиот украински колега Володимир Зеленски „мора да дејствува“ и да постигне договор за завршување на војната. Неговите коментари дојдоа среде медиумските извештаи дека американските и украинските преговарачи размислуваат за потпишување мировен договор во март и одржување избори во Украина во мај.
Зеленски им рече на новинарите во тоа време дека САД предложиле завршување на војната до летото, бидејќи Вашингтон тогаш ќе се фокусира на изборите за Конгресот на САД.
На 17 февруари, пред трилатералните разговори во Женева, Трамп рече дека „подобро е Украина брзо да седне на преговарачката маса“.
Истиот ден, Зеленски во интервју за „Аксиос“ рече дека „не е фер“ што Трамп продолжи јавно да ја повикува Украина, а не Русија, да направи отстапки за мир.
Белата куќа објави „значаен напредок“ од двете страни по разговорите во Женева на 17 и 18 февруари.

