Свет
ЕУ да ги разреши споровите на Балканот
Европската унија (ЕУ) треба да покаже храброст и да ги отстрани сите пречки што стојат на патот за влез на западниот Балкан во Унијата
Европската унија (ЕУ) треба да покаже храброст и да ги отстрани сите пречки што стојат на патот за влез на западниот Балкан во Унијата.
Ова, како што пренесува Макфакс, го пишува угледниот британски весник „Фајненшл тајмс“ (ФТ) во опширна анализа за блокирањето на евроинтеграциите на Македонија, Хрватска и Србија.
Весникот посочува дека пред влезот на Македонија е исправена Грција, за Хрватска пречка е Словенија, а Холандија ја блокира Србија, додека отворено се уште е и кипарското прашање.
„Кипарските Грци го наведуваат присуството на 30.000 турски војници во северниот, турски дел на островот. Спротивно на ова, не постои никаква воена причина за однесувањето на Грција, која упорно ги блокира македонските аспирации да оствари прогрес“, пишува ФТ.
Потсетувајќи дека Македонија е официјален кандидат за член на ЕУ уште од 2005 година, весникот наведува дека „на Грците им пречи употребата на зборот „Македонија“ во името на државата на нивниот сосед.
Нивниот аргумент е дека со тоа, Македонија претставува закана за грчкиот територијален интегритет, културно наследство и национален идентитет, посочува ФТ.
Поради тоа, Атина го спречи почетокот на преговорите со Македонија, не дозволувајќи и на Европската комисија да го изрази своето мислење за подготвеноста на земјата да стане член на Унијата.
Британскиот весник во анализата, наведува дека во овој спор „не е целата вина кај Грците“.
„Како пример може да послужи бизарната епизода во која учествува, никој друг туку, Александар Македонски. Македонските лидери го искористија името на Александар за да го именуваат делот од главниот Север-Југ трансевропски автопат (кој минува низ земјата). На овој начин се присвојува славниот македонски водач како јунак кој се става во контекст на современата држава, во која живее мнозинство Славо-македонско население. Кога пристигна веста за ова во Брисел, претставниците на ЕУ паднаа во очај. Грците го искористија овој потег да ги стврднат своите ставови уште повеќе„, пишува ФТ.
Весникот посочува дека „ЕУ треба да најде начин да ги разреши сите спорови, кои го блокираат процесот на проширување“ и нагласува дека Балканот е „многу чувствителен, но регион од голема стратешка важност“.
„Ако Балканот остане изолиран, тогаш ЕУ ќе биде принудена да плати висока цена за тоа“, заклучува угледниот британски весник „Фајненшл тајмс“./крај/ег/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Израел: Способноста на Иран да лансира ракети ќе биде значително нарушена
Израел очекува способноста на Иран да испали балистички ракети да биде значително нарушена во следните 24 часа, изјавија двајца израелски функционери, како резултат на зголемените напади на САД и Израел. Според нив, се очекува фреквенцијата на иранските ракетни напади да се намали до вторник вечерта и да бидат испукани помалку ракети кон Израел, пренесуваат медиумите во регионот.
Во првите три дена од војната, САД и Израел погодија повеќе од 1.200 цели. Се очекува тој број да се удвои до вторник, по она што официјалните лица го опишаа како неуморно темпо на напади што започна во понеделник и се очекува да продолжи во текот на ноќта.
Еден од функционерите рече дека се очекува нападите на американските и израелските сили во понеделник вечерта да бидат насочени кон ракетни лансери, сили за внатрешна безбедност и цели на Револуционерната гарда. Американските и израелските функционери денес нагласуваат дека темпото и успехот на воздушната кампања досега ги надминале сите очекувања.
Свет
Иранската револуционерна гарда: „Непријателот нема да биде безбеден никаде во светот, дури ниту во своите домови“
Иранската револуционерна гарда, паравоена формација на која се потпира исламската влада во Техеран, денес се закани, по повод американско-израелските напади врз Иран, дека ќе продолжи да се бори „додека непријателот не биде поразен“ и дека непријателите нема да бидат безбедни „никаде во светот, дури ни во своите домови“, објавува CNN.
Како што објави иранската државна телевизија, Иранската револуционерна гарда соопшти дека неодамнешната загуба на врховниот лидер ајатолахот Ал Хамнеи и други високи функционери „не го потресе (Иран), туку само го направи посилен“.
Високо вооружената и организирана гарда – која постои паралелно со иранската армија и вклучува доброволни одреди – вети во соопштение дека Иран ќе продолжи да се бори „додека непријателот не биде поразен“.
„Непријателот треба да знае дека неговите среќни денови се завршени и дека повеќе нема да бидат безбедни никаде во светот, дури ни во своите домови“, се додава во соопштението што го пренесе CNN.
Регион
Дачиќ симнат од респиратор
Министерот за внатрешни работи на Србија, Ивица Дачиќ денес е симнат од механичка вентилација, пренесува „Блиц“.
Медиумот пренесува дека министерот за здравство Златибор Лончар денес изјави дека здравствената состојба на министерот за внатрешни работи и претседател на Социјалистичката партија на Србија Ивица Дачиќ е подобра отколку што беше, додавајќи дека постојат причини за оптимизам, но и дека мерките за интензивно лекување и терапија продолжуваат.
„Неговата моментална состојба е подобра отколку што беше, што ни дава причина за оптимизам. Важно е што сè уште има многу работа да се направи, мерките за интензивно лекување и примената на интензивна терапија продолжуваат. Тоа е она што ќе го кажам во овој момент, а луѓето што го лекуваат ќе го објаснат подетално во текот на денот“, изјави Лончар за новинарите по посетата на здравствениот центар Вождовац.

