Свет
Хотелите во Берлин распродадени за годишнината на падот на Ѕидот
Берлинските хотели се распродадени за годишнината на падот на Берлинскиот ѕид, а германската престолнина очекува и високи гости од странство. Над 100 илјади расположливи легла во Берлин се зафатени за 9 ноември и тоа во најголем дел од Германци, кои сакаат повторно да ја доживеат еуфоричната ноќ
Берлинските хотели се распродадени за годишнината на падот на Берлинскиот ѕид, а германската престолнина очекува и високи гости од странство.Над 100 илјади расположливи легла во Берлин се зафатени за 9 ноември и тоа во најголем дел од Германци, кои сакаат повторно да ја доживеат еуфоричната ноќ, кога, по мирниот протест, падна Берлинскиот ѕид и најави обединување на Германија и крај на студената војна.На 20-годишнината од падот на Ѕидот ќе учествуваат и британскиот премиер Гордон Браун, претседателот на Русија Дмитриј Медведев и шефот на француската држава Никола Саркози.Празнувањето својата кулминација треба да ја доживее на таканаречената забава на слободата, кај Бранденбуршката порта, симболот на обединета Германија, која се наоѓа на поранешната граница меѓу источен и западен Берлин./крај/ста/мп
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Германскиот министер за внатрешни работи: Имаме интерес криминалците да ја напуштат земјата; Германија депортираше маж во Сирија
За прв пат од почетокот на војната во Сирија во 2011 година, Германија депортираше сириски државјанин во таа земја, соопшти денес германското Министерство за внатрешни работи. Медиумите јавуваат дека станува збор за 38-годишен маж кој бил осудуван неколку пати за тешка кражба и нанесување телесни повреди.
„Протераниот сириски државјанин беше предаден на властите во Дамаск утрово“, изјави портпаролот на министерството. Тој додаде дека депортацијата е извршена врз основа на договор со сириската влада. „Овој договор овозможува редовна депортација на осудени криминалци и лица кои претставуваат закана“, рече тој.
Од соборувањето на режимот на Башар ал-Асад во Германија, се води дебата за тоа дали бегалците од Сирија без изгледи за престој и интеграција треба да бидат депортирани во Сирија.
Христијанско-демократската коалициска влада на канцеларот Фридрих Мерц, која е на власт од мај, како една од своите главни цели ја наведе зголемената депортација на криминалци и опасни лица.
Министерот за внатрешни работи Александар Добриндт рече дека депортациите во земји како Сирија ќе станат норма. „Нашето општество има легитимен интерес криминалците да ја напуштат земјата“, рече Добриндт.
Фото: депозоитфотос
Свет
Полски аналитичари: Украина ја чека „леден мрак“
Украинскиот енергетски систем се соочува, како што се проценува, со еден од најтешките предизвици од почетокот на конфликтот, пишуваат аналитичарите на полскиот портал „Виртуелна Полска“.
Во анализата се наведува дека руските вооружени сили, според достапните проценки, акумулирале значителни резерви на дронови за напад, со намера да ги користат за време на врвот на студениот период, во последната недела од декември.
Според полските аналитичари, Русија складирала најмалку 2.000 дронови и се верува дека чека продолжени мразови за да започне масовни напади. Во текстот се наведува дека овие напади би можеле да започнат во моментот кога температурите ќе паднат на околу минус пет степени Целзиусови.
Експертите интервјуирани од публикацијата веруваат дека комбинираната употреба на околу две илјади дронови од типот Геран-2 би овозможила извршување на три до четири разорни бранови на напади, со минимални временски паузи меѓу нив.
Особено се истакнува ефектот на ниските температури врз оштетената инфраструктура. На температури под нулата, велат аналитичарите, оштетените компоненти брзо замрзнуваат, дефектите се случуваат во низа, додека тимовите за итни интервенции се физички ограничени во работата на отворено.
Во такви услови, се заклучува во анализата, дури и делумно нарушување на системот за воздушна одбрана би можел да доведе до долгорочни прекини во снабдувањето со електрична енергија, вода и греење, што би ги оставило украинските градови во услови на, како што се наведува, „леден мрак“.
Се потсетува дека претходно денес Министерството за одбрана на Руската Федерација објави дека руските сили извршиле масовен комбиниран напад врз објектите на украинскиот енергетски и воено-индустриски комплекс.
Фото: депозитфотос
Свет
Макрон: Го поддржуваме суверенитетот и територијалниот интегритет на Данска и Гренланд
Претседателот на Франција, Емануел Макрон, денес изјави дека во Нук ја потврдил „непоколебливата“ поддршка на Франција за суверенитетот и територијалниот интегритет на Данска и Гренланд.
„Гренланд им припаѓа на своите граѓани, а Данска е негов гарант. Се придружувам на гласот на Европејците во изразувањето на нашата целосна солидарност“, рече Макрон на Икс.
Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, на почетокот на својот втор претседателски мандат, во јануари оваа година, изјави дека има намера да го преземе Гренланд, наведувајќи ја како објаснување неговата стратешка позиција за безбедноста на Соединетите Американски Држави, додека Данска, која ја контролира таа арктичка територија во последните 300 години, одби да се откаже од Гренланд, пренесува Танјуг.
Трамп се обиде да го купи Гренланд за време на неговиот прв претседателски мандат, но данската и гренландската влада ја отфрлија таа понуда од 2019 година, потсетуваат медиумите.
Фото: депозитфотос

