Свет
Жена го нападна папата Бенедикт 16 за време на божиќната миса

Непозната жена го нападна и го кутна на подот Папата Бенедикт 16-ти синоќа за време на божикната миса во базиликата Св.Петар во Ватикан.
Непозната жена го нападна и го кутна на подот Папата Бенедикт 16-ти синоќа за време на божикната миса во базиликата Св.Петар во Ватикан.
Ова во петокот го јавија италијанските медиуми и потврдија дека папата паднал на подот, но за кусо време неповреден продолжил да ја води мисата.
Жената се обидела да дојде до папата во моментот додека се приближувала до олтарот, по што ја прескокнала оградата и го урнала.
Во целата мешаница најдебелиот крај го извлекол францускиот кардинал Роџер Ецеграрај кој заработил скршеница на бутната коска, по што бил пренесен во болница.
Полициските власти се сомневаат дека станува збор за намерен напад и првично соопштија дека жената сакала само да го прегрне папата.
Мисата во очи на најголемиот католички празник Божик, вчера за првпат во историјата започна во 22 часот.
Црковните власти во Ватикан соопштија дека ваквата одлука е донесена за папата Бенедикт да има повеќе време за одмор во пресрет на денешниот ден./крај/вм
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Важно е да се дејствува, а не да се зборува, му порача Илон Маск на Зеленски по објавта дека е подготвен за мировни преговори под водство на Трамп

Откако украинскиот претседател Володимир Зеленски изрази подготвеност за мировни преговори под водство на американскиот претседател Доналд Трамп, стигна реакцијата на Илон Маск.
„Важно е да се дејствува, а не да се зборува. Ќе видиме какви акции ќе следат“, рече Маск, коментирајќи ја изјавата на Зеленски.
Зеленски претходно изјави: „Би сакал да ја повторам посветеноста на Украина за мир. Никој од нас не сака бескрајна војна. Украина е подготвена да седне на преговарачка маса што е можно поскоро за да се доближи траен мир. Никој не сака мир повеќе од Украинците“.
Украинскиот претседател истакна дека тој и неговиот тим се подготвени да работат под силно водство на претседателот Трамп за да се постигне мир.
Зеленски, исто така, изрази благодарност за американската помош досега и жалење за исходот од средбата во Овалната соба кога дојде до расправија со претседателот на САД.
Свет
„Би-Би-Си“: Зеленски попушти со еден твит

Американскиот претседател Доналд Трамп му рекол на својот украински колега Володимир Зеленски за време на расправијата во Белата куќа дека „нема карти во рацете без Америка“.
Би-Би-Си во својата кратка анализа пишува дека реалноста сега се чини станала јасна, неколку часа откако Вашингтон ја прекина сета воена помош за Украина.
„Во еден твит, Зеленски попушти – барем кога станува збор за американскиот претседател, ако не и за Русија. Сепак, тој изрази подготвеност да размисли за делумен прекин на огнот – во воздух и во море – доколку Москва го стори истото“, пишува дописникот на Би-Би-Си за Европа, Дени Аберхард.
Тој повторно се заблагодари на Америка, конкретно спомнувајќи го Трамп, за нејзината претходна помош и рече дека е подготвен да потпише договор со САД за минерали.
„Украина издржа тригодишна сеопфатна инвазија на нејзиниот непријател Русија. Но, дејствијата на сојузниците ја оставија разоткриена нејзината слаба страна – радикалната промена во надворешната политика на САД под претседателот Трамп“, заклучува Би-Би-Си во својата анализа.
Свет
Полскиот премиер: Американскиот прекин на воената помош за Украина веќе стапи на сила

Прекинот на испораките на американската помош за Украина веќе стапи на сила, изјави денеска полскиот премиер Доналд Туск.
„Извештаите што ги добивме од границата, од нашиот центар во Јасионка, ги потврдуваат најавите на Американците“, изјави Туск во Варшава.
Полската новинска агенција ПАП пренесува дека Туск рекол дека „нема причина да се мисли дека американските најави се само празни зборови“.
Аеродромот кој се наоѓа во југоисточна Полска, и железничката линија што води оттаму до блиската Украина се сметаат за најважни транспортни патишта за европските и американските воени резерви за Украина.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски, исто така, обично го користи овој аеродром за своите патувања во странство.
„Се разбира, ова ги става Европа, Украина и Полска во потешка позиција, но мораме да се соочиме со новата ситуација“, рече Туск, додавајќи дека неговата влада во наредните денови и недели ќе донесе некои одлуки кои би можеле да се наречат „вонредни“ и ќе имаат потреба од целосна поддршка.
Тој исто така рече дека во овој момент треба да се избегнуваат бесмислени дискусии.
Доналд Трамп во понеделникот објави дека американската администрација привремено ја прекинува својата воена помош за Украина, земја која Русија ја нападна пред повеќе од три години.