Европа
Рахој ги смирува тензиите во Каталонија со ветувања за инфраструктура

Шпанскиот премиер Маријано Рахој вети во вторникот во Барселона големи инфраструктурни инвестиции во Каталонија настојувајќи да ги ублажи тензиите во оваа североисточна покраина, и да ги одврати поборниците за независност од организирање референдум најавен за оваа година.
Челникот на Народната партија од десниот центар, Маријано Рахој, кој е на власт од 2011 година, истакна дека економското заздравување ќе овозможи инвестиции во железницата и патиштата во Каталонија.
„Државата ќе издвои вкупно 4,2 милијарди евра за каталонската инфраструктура до 2020 година“, изјави премиерот поред деловните личности во покраината на конференција посветена на инфраструктурата.
Наведе дека три патни краци во Каталонија, дел од автопатот крај брегот на Средоземното Море ќе бидат довршени до 2020 година. Патот би требало да поврзува девет пристаништа и единаесет аеродроми,
Каталонија е една од најразвиените покраини којашто учествува со 25 отсто во бруто домашниот производ (БДП) на Шпанија, а вложувањата во инфраструктурата е едно од барањата на регионалната влада. Последните денови таму е засилено присуството на централната влада којашто настојува да ги ублажи тензиите за најава на организирање на задолжителниот референдум за независност во септември годинава.
„Сакам просперитетна Каталонија во перспективна Шпанија. Барам од вас помош во борбата за умереност и разум. Да ја искористиме новата етапа на економското закрепнување за доброто на сите“, изјави Рахој пред стотици бизнисмени.
Истовремено во Мадрид министерот за економија, Луис де Гуидност изјави дека шпанската економија следните неколку години може да расте по стапка поголема од 2,5 отсто, што би ја намалило невработеноста.
„Работите коишто функционираат би било погрешно да се чепкаат…. Шпанија без проблеми може во следните две, три или четири години да има стапка на раст над 2,5 отсто. Стапката на невработеност ќе биде под 17 отсто на крајот од оваа година“, изјави де Гуиндос.
Меѓутоа, каталонскиот претседател Карлес Пугдмонт, кој е службен пат во САД, не верува во ветувањата на Рахој и рече дека тие не претставуваат никаква новина.
„Доста е ветувања кој систематски не се исполнуваат“, изјави за медиумите во Вашингтон. Пуигдемонт продолжува со подготовките за референдумот кој уставниот суд го прогласи за неуставен.
Во вторникот 30-ина млади демонстранти од антикапиталистичката партија Кандидатура на народното единство (CUP) се обидоа да го заземат седиштето на Народната партија на Рахој во Барселона. Влезот го ишараа и го облепија со свои плакати, а полицијата ги спречи да влезат во канцелариите. Тие носе транспаренти со пораките „Референдум Да или Да“ и „Самоопределувањето на се преговара“.
Пуигдемонт го осуди нападот на партиското седиште истакнувајќи дека тоа не е начин за остварување на целта, како и дека никому не смее да му се забрани да го изнесува своето мислење.
Рахој ден претходно порача дека нема да има референдум, бидејќи тој би бил противен на уставот и на правната држава., а дека самоопределувањето на народот, на кој се повикуваат поборниците на референдумот, се случило само во поранешните Советски сојуз, Југославија и Етиопија.
Според шпанскиот устав од 1978 година, референдумите се дозволени само на ниво на целата земја. Три под четирите најголеми партии во националниот парламент во Мадрид се против референдумот.
На поранешниот каталонски претседател Артуро Мас и неговите соработници, судот на неколку години им забрани вршење јавно должности, бидејќи во ноември 2014 година организираа необврзувачки референдум./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Украина припаѓа на Европската Унија, му рече данската премиерка на Зеленски

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, пристигна во Орхус, западна Данска, каде што ќе присуствува на одбележувањето на почетокот на данското претседателство со Советот на Европската Унија.
Според најавата на данската влада, Зеленски ќе разговара со премиерката Мете Фредериксен, претседателката на Комисијата, Урсула фон дер Лајен, и со претседателот на Европскиот совет, Антонио Коста.
Тие ќе разговараат за поголема воена поддршка за Украина, соработка со украинската одбранбена индустрија и нови санкции против Русија.
„Украина припаѓа на Европската Унија, тоа е во интерес и на Данска и на Европа. Затоа данското претседателство ќе направи сè што може за да ѝ помогне на Украина на патот кон членство во ЕУ“, рече Фредериксен.
Данската премиерка истакнува дека ЕУ мора да ја зајакне Украина и да ја ослаби Русија.
„Украина е клучна за безбедноста на Европа. Мора да го зголемиме притисокот врз Русија“, рече Фредериксен.
Европа
Анкета: Германците сакаат да го укинат пиењето под надзор кај тинејџерите

Мнозинството Германци сакаат построги закони за заштита на младите од алкохол, вклучително и елиминација на контролирано пиење, што им овозможува на 14-годишниците да нарачаат пиво во бар ако се во придружба на законски старател, покажува анкета објавена денес.
Резултатите од анкетата на „Форса“, нарачана од компанијата за здравствено осигурување Kaufmännische Krankenkasse (KKH), покажуваат дека 65 проценти од Германците ја поддржуваат забраната за контролирано пиење алкохол од страна на малолетници. Според сегашниот закон, на тинејџерите им е дозволено да купуваат и да пијат пиво, вино и пијалаци на база на вино на јавно место ако се во придружба на старател.
Тесно мнозинство од 52 процента од испитаниците исто така сакаат да се зголеми законската возраст за купување и пиење алкохол од 16 на 18 години. Анкетата, спроведена во јуни, опфати 1.004 испитаници од цела Германија на возраст меѓу 18 и 70 години.
Забраната за контролирано пиење ја застапуваат и покраинските министри за здравство, а ја поддржува и федералната министерка за здравство, Нина Варкен. Алкохолот е значаен проблем за децата и за тинејџерите, изјави Катарина Шенк, министерка за здравство во источногерманската покраина Тирингија и претседателка на Конференцијата на министрите за здравство.
Медицинските здруженија долго време апелираат до креаторите на здравствените политики да вложат поголеми напори за намалување на потрошувачката на алкохол во Германија. Германското здружение за исхрана препорачува целосна апстиненција од алкохолни пијалаци наведувајќи дека „не постои безбедно ниво на потрошувачка“.
„Колку порано младите луѓе почнуваат да пијат, толку се поголеми здравствените ризици“, вели психологот на KKH, Франциска Клем.
Покрај краткорочните последици, како што се несреќи, повреди и насилство, алкохолот го зголемува и ризикот од рак, кардиоваскуларни заболувања и заболувања на црниот дроб. Алкохолот е особено штетен за адолесцентите бидејќи нивните тела сè уште се во развој и затоа се почувствителни на неговите токсични ефекти, објавува агенцијата ДПА.
Европа
Украински функционер: Европа прави сè што може, но ќе биде тешко без американско оружје

Украина ги повика САД да продолжат со „континуираната“ воена помош, по изненадувачката најава дека некои испораки на оружје за Киев ќе бидат запрени, додека Вашингтон се обиде да го намали значењето на паузата.
Тоа е сериозен удар за Украина во време кога Русија ги засилува нападите во отсуство на дипломатски напредок за решавање на конфликтот. Американскиот претседател Доналд Трамп му се обраќа на рускиот претседател Владимир Путин од јануари, обидувајќи се да изврши притисок врз него да ги запре борбите, но без да постигне конкретен напредок.
Вчера, сосема неочекувано, неговата администрација објави дека престанала да испорачува одредени видови оружје во Киев, официјално поради загриженост за намалувањето на залихите на муниција во САД, од каде што доаѓа најголемиот дел од воената помош за Украина од почетокот на руската инвазија во февруари 2022 година.
Американските претставници вчера се обидоа да го минимизираат влијанието на потегот, без да дадат детали. „Министерството за одбрана продолжува да му презентира опции на претседателот во врска со воената помош за Украина, во согласност со целта за завршување на оваа трагична војна“, изјави портпаролот на Пентагон, Шон Парнел, за новинарите.
Портпаролката на Стејт департментот, Тами Брус, на брифингот изјави дека „ова не е суспензија на американската помош за Украина или испораката на оружје“, туку „изолиран инцидент“.
Оружјето, муницијата и опремата од Соединетите Американски Држави, како и разузнавачките информации, им овозможија на украинските сили да ги сопрат руските трупи, кои окупираа речиси 20 проценти од украинската територија. Украина останува зависна од американските испораки на оружје, изјави за АФП висок украински воен функционер.
„Европа прави сѐ што може, но ќе ни биде тешко без американска муниција“, додаде тој. Синоќа, украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека Вашингтон и Киев се обидуваат да ги „разјаснат сите детали“ во врска со воената помош што Соединетите Американски Држави сè уште ја обезбедуваат. „Продолжената американска помош за нашата одбрана и нашиот народ е во наш заеднички интерес“, рече тој.