Европа
Денеска ќе се расправа за предлогот каталонскиот, баскискиот и галицискиот да станат официјални јазици на ЕУ
Европскиот совет за општи работи, во кој членуваат министрите за надворешни работи на 27-те земји на ЕУ, ќе се состане денеска за уште еднаш да го разгледа предлогот на Шпанија за воведување на каталонскиот, баскискиот и на галицискиот јазик како официјални на Европската Унија, објави каталонскиот весник „Ла Вангардија“.
На оваа тема ќе разговараат откога шпанската влада оствари низа средби со лидерите на разни земји, особено оние што беа резервирани кон таквата идеја на состанокот во септември. За да може трите наведени јазици да станат официјални, потребна е согласност од сите 27 земји.
Документите на ЕУ се преведуваат на официјални јазици, а политичарите, на пример, во Европскиот парламент, може да зборуваат на својот мајчин јазик доколку е официјален.
Последниот официјален јазик стана хрватскиот во 2013 година кога Хрватска стана членка на ЕУ. Предлогот на Мадрид веројатно нема да се гласа денеска, но некои земји, кои се жалат дека тоа ќе го поскапи функционирањето на ЕУ, може да го омекнат својот став.
„Ла Вангардија“ пишува дека вратата би можела да се отвори за каталонскиот јазик, кој го зборуваат 10 милиони луѓе во Каталонија, Балеарските Острови, провинцијата Валенсија, дел од провинцијата Арагон, Андора, францускиот регион Роселон и италијанскиот град Алгуер на островот Сардинија.
Бројот на говорници на каталонски е поголем од бројот на луѓе што зборуваат некои од официјалните јазици на ЕУ, како што се хрватскиот, словенечкиот, данскиот, финскиот, словачкиот, малтешкиот, естонскиот, латвискиот, литванскиот и ирскиот, забележува весникот.
Шпанскиот социјалистички премиер Педро Санчез, кој бара поддршка од сепаратистичките партии во Каталонија, Баскија и Галиција за да остане на власт уште четири години, се согласи со барањето на автономните покраини да ги воведат нивните јазици како официјални ЕУ-јазици.
Од 19 септември политичарите во шпанскиот парламент може да зборуваат на овие три јазици и да водат дискусии на нив. Предлогот каталонскиот, баскискиот и галицискиот да станат официјални јазици на ЕУ досега беше отворено поддржан од Словенија, Белгија, Португалија, Романија и од Кипар.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Во Киев се урива споменик кој ја слави блискоста меѓу Русија и Украина
Властите на Киев во вторникот почнаа да го отстрануваат споменикот од советската ера што ја означува врската меѓу Русија и Украина, повеќе од две години откако Москва започна инвазија врз Украина.
Неколку дена ќе бидат потребни за целосно уривање на споменикот од црвен гранит, кој се состои од дваесетина поединечни елементи, соопшти градската управа.
Тоа е всушност група статуи кои прикажуваат украински Козаци кои го опкружуваат лидерот Богдан Хмелницки и московскиот амбасадор.
Статуите ќе бидат префрлени во воздухопловниот музеј.
Споменикот е изграден во 1982 година за да го одбележи „обединувањето на украинскиот народ со братскиот руски народ“ во 1654 година, кога Хмелницки склучил сојуз со рускиот император во борбата против полско-литванскиот сојуз.
Советските историски книги го романтизираа како почеток на нераскинливо пријателство меѓу Украина и Русија.
Европа
Белоруските спортисти одат на Олимписките игри, Лукашенко: Победете ги противниците
Белорускиот претседател Александар Лукашенко денеска им порача на белоруските спортисти кои учествуваат на Олимписките игри во Париз под неутрален статус „да ги победат своите противници“.
„Ако сте избрале и одите таму под неутрален статус, истепајте ги, покажете им дека сте вистински Белоруси“, рече Лукашенко во соопштението за печатот на претседателството.
За време на посетата на регионот Могилев во Белорусија, жителите го прашале Александар Лукашенко што мисли за ова учество под неутрален статус, се вели во извештајот објавен на веб-страницата на белоруското претседателство.
„Спортистот треба да избере. Доколку одлучи да учествува на Олимписките игри, ќе биде уште пожесток. Затоа што разбирате дека состојбата на умот и гневот не се од мала важност во спортот“, реагира Лукашенко. „Вие сте Белорусија и кога ќе излезете како победници, тоа е добар начин политички да ги удрите во лице“.
Лукашенко, кој е на власт од 1994 година, ги искорени сите форми на опозиција во неговата земја, потиснувајќи мирно масовно движење во 2020 година. Тој е навикнат и на широки изјави и испади, како на пример кога парадираше со калашников во раката пред демонстрантите кои се противат на неговото владеење, нарекувајќи ги „стаорци“. Во февруари 2022 година, тој ја отвори Белорусија за руската армија за да може да ја нападне Украина од север.
Белорусија беше исклучена како земја од Игрите поради нејзината поддршка за руската инвазија на Украина, а нејзините спортисти се натпреваруваат под неутрален статус, без химна, знаме или национални обележја.
Европа
(Видео) Полицијата го бркаше убиецот со меч низ Лондон, објавена е снимка
Би-би-си објави снимка на која се гледа лондонската полиција која го брка напаѓачот со нож, кој денеска уби 13-годишно момче и повреди неколку други.
На снимката се слушаат полицајците како им викаат на граѓаните: „Заклучете ги вратите“.
Полицијата смета дека не се работи за терористички напад.
Полицајците уапсија маж вооружен со меч по извештаите за сериозен инцидент со прободување во североисточен Лондон.
Со електрошокер бил совладан 36-годишниот маж кој мавтал со меч.
„Со голема тага можам да потврдам дека 13-годишното момче кое беше избодено, почина во болница набргу откако му биле нанесени убодите“, изјави началникот на лондонската полиција Стјуарт Бел.
Уште две лица и двајца полицајци се во болница поради убодни рани и се надвор од животна опасност.
„Не мислиме дека постои закана за пошироката заедница, полицијата не бара други осомничени и се чини дека овој инцидент не е поврзан со тероризам“, рече Бел.