Европа
(Видео) ЕУ воведе санкции за Белорусија, мајката на киднапираниот новинар тврди дека тој се бори за животот
Европската Унија синоќа одлучи да воведе нови санкции кон Белорусија и да го затвори европскиот воздушен простор за авионите од таа земја откако Минск изврши принудно слетување на авионот на „Рајанер“ за да го уапси опозицискиот новинар Роман Протасевич.
Според написите во светските медиуми, одлуката за нови санкции против Белорусија дојде зад затворени врати, тоа е многу брз и остар одговор на скандалозниот потег на белорускиот диктатор Александар Лукашенко, кој испрати борбен авион „миг“ да го пресретне патничкиот авион во кој беше новинарот. Голем број европски лидери остро го осудија потегот на Белорусија, а некои го квалификуваа како киднапирање.
❗❗Raman Pratasevich, obviously beaten, says Lukashenka's thugs treat him "correctly" and "lawfully". He is in the Minsk Detention Center #1. Terrifying video. pic.twitter.com/d7Iuj9X4MD
— Franak Viačorka (@franakviacorka) May 24, 2021
Протасевич се појави на видео на социјалните мрежи, кое беше објавено и на државната телевизија. Во видеото, за кое не е познато каде е направено, тој рече дека стои зад минатогодишните протести и немири во Минск и дека соработува со властите во тој поглед. Тој исто така на видеото вели дека во затворот се однесувал добро и дека извештаите за срцеви проблеми од кои страдал биле лажни. Со оглед на тоа дека Протасевич, според другите патници на летот, бил уапсен насилно веднаш по слетувањето во Минск и е под контрола на белоруската полиција, многу е веројатно дека признанието било изнудено, пренесуваат медиумите.
Неговите сојузници веднаш реагираа тврдејќи дека изјавата ја дал под присила.
„Вака изгледа Роман кога е под психолошки и морален притисок. Барам итно ослободување на Роман и на сите политички затвореници“, порача лидерот на белоруската опозиција, Светлана Тиханускаја, на „Твитер“. Непосредно пред објавувањето на снимката неговата мајка рече дека Протасевич е во болница во Минск и дека неговата состојба е критична. Таа вели дека не може да ги потврди информациите што ги добила од здравствената служба, но потврди дека нејзиниот син има проблеми со срцето.
„Поради неговите проблеми со срцето, тој не беше однесен во војска и еднаш беше во состојба на прединфаркт. Ако му се случи нешто, може да добие срцев удар“, рече таа.
Белорускиот претседател, Александар Лукашенко, се соочи со најголемиот предизвик во своето 27-годишно владеење кога избувнаа масовни протести по неговата контроверзна победа на минатогодишните претседателски избори. Европските лидери се заканија дека ќе го ограничат меѓународниот воздушен сообраќај над Белорусија, но потенцијално и копнениот сообраќај на земјата откако авион на „Рајанер“ мораше да направи принудно слетување.
Европската комисија (ЕК) го покани белорускиот амбасадор на разговори.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Уапсени двајца тинејџери во Франција: планирале терористички напад
Двајца 16-годишници беа уапсени претходно оваа недела во северна Франција под сомнение за планирање напади врз трговски центар или концертна сала, соопшти канцеларијата на францускиот обвинител за антитероризам во петокот.
Апсењата спречија планиран напад, соопшти канцеларијата, пренесува Ројтерс.
Обвинителот за антитероризам рече дека еден од двајцата малолетници почнал да следи џихадистичка пропаганда. Имињата на уапсените не беа објавени.
Европа
Мерц реизбран за лидер на ЦДУ
Германската владејачка партија, Христијанско-демократската унија (ЦДУ), денес го реизбра Фридрих Мерц за свој лидер.
Мерц беше поддржан од 878 од 963 членови на партијата на националната партиска конференција во југозападниот град Штутгарт.
Резултатот е негов втор најдобар досега.
Во 2022 година, тој беше избран со 94,6 проценти од гласовите на онлајн партиска конференција, а подоцна беше потврден со гласање по пошта со 95,3 проценти од гласовите. Во 2024 година, тој доби 89,8 проценти од гласовите.
Дводневниот партиски состанок доаѓа на почетокот на предизвикувачка година за ЦДУ, која се соочува со избори во пет федерални држави во март и септември.
Според анкетите, крајната десница ги надминува конзервативците во две источни држави.
Мерц на митингот изјави дека ЦДУ мора „да спречи враќање на крајнодесничарскиот радикализам на власт во федералните држави на Германија“.
Европа
Уште тројца скијачи загинаа во лавини во Австрија
Уште тројца скијачи загинаа во лавини во Австрија денес, соопштија властите, во најновиот смртоносен инцидент оваа зима.
Две лица се пронајдени мртви по лавина во скијачкиот центар Санкт Антон ам Арлберг.
„Жртвите беа извлечени од снегот, но не беше можно да се спасат“, изјави портпаролот на полицијата. Уште три лица се повредени. Властите првично не дадоа никакви детали за идентитетот, возраста или националноста на жртвите.
Претходно, 42-годишен германски скијач загина во лавина во тиролскиот скијачки центар Наудерс. Мажот скијал надвор од стазата со својот 16-годишен син, кој преживеал со сериозни повреди, соопшти полицијата. Тие се обидувале да ја преминат северната падина кога се откинала плоча од снег широка околу 400 метри, носејќи ги околу 200 до 300 метри надолу.
До 40 сантиметри свеж снег паднале во делови од Тирол во последните денови. Властите предупредија дека ризикот од понатамошни лавини останува висок. Само во среда во Тирол беа регистрирани повеќе од 30 лавини.

