Свет
Масакр во Перу: 14 лица убиени, меѓу нив и две деца
Четиринаесет лица, меѓу кои и две деца, беа убиени од огнено оружје во перуанска област, каде што се произведува кокаин, а вооружените сили се сомневаат дека напаѓачите се членови на маоистичката бунтовничка група „Брилијантен пат“.
Убиените се жители на селата Сан Мигел дел Ене, на југот на земјата, што е центар за производство на кокаин во Перу. Владата тврди дека „Брилијантен пат“, маоистичка бунтовничка група, која се бореше со перуанската армија од 1980 до 2000 година, сè уште е активна во областа предизвикувајќи илјадници жртви.
„На местото на нападот се пронајдени летоци со кои жителите се повикуваат да не учествуваат на изборите во 2021 година“, се вели во соопштението на армијата обвинувајќи ја за нападот бунтовничката група предводена од Виктор Квиспе Паломино.
Бунтовниците ги запалиле телата на некои од жртвите до степен да не се препознаваат, објави денеска перуанската армија, пренесува „Ројтерс“.
Летоци што ги повикуваат Перуанците да се воздржат од гласање на претседателските избори се најдоа на местото на масакрот, се вели во соопштението на вооружените сили на Перу.
Војската ги нарече убиствата чин на геноцид и рече дека бунтовничката група „Брилијантен пат“ претходно ваквите напади ги квалификува како форма на социјално чистење.
Во соопштението на вооружените сили граѓаните на Перу се уверуваат дека ќе имаат безбеден изборен процес.
„Веројатно ќе има уште убиени“, изјави полицискиот командант. Големиот планински регион, каде што се случи масакрот, е центар на постојани операции на безбедносните сили против остатоците од групата „Брилијантен пат“ за кој полицијата смета дека се главни за шверцот со дрога.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Русите уапсија двајца нивни војници за грозоморни злосторства
Двајца руски војници се приведени под сомнение дека убиле пет лица во окупираниот дел од областа Херсон. Александар Осипов и Александар Кајгородцев веќе ги признале злосторствата што ги направиле во селата Подо-Калиновка и Абрикосовка, пишува рускиот медиум Ура.ру.
Меѓу жртвите се двајца полицајци и началникот на селото Љубов Тимчак, кој е назначен од Русија. Телото на началникот било пронајдено во средата, а на него биле видливи рани од огнено оружје, оган и експлозивни направи.
Полицијата набрзо добила дојава од заменик началникот на округот Алешински за откривање на уште две изгорени и осакатени тела на маж и жена. Безбедносните сили ги уапсиле осомничените истиот ден, а набрзо се испоставило дека станува збор за руските војници Александар Осипов и Александар Кајгородцев.
Свет
Шефот на НАТО: Кина сака добри односи со Западот и и помага на Русија, не може да ги има и двете
Кина мора да престане да ја поддржува руската војна во Украина ако сака да ужива во добри односи со Западот, изјави денеска генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, предупредувајќи го Пекинг со невообичаено остри зборови дека не може да ги има и двете. За време на посетата на Берлин, шефот на западната воена алијанса рече дека помошта на Пекинг е од витално значење за воените напори на Москва бидејќи ја зајакнува воената економија на Русија со споделување на врвна технологија, како што се полупроводниците.
„Минатата година Русија увезе 90 отсто од својата микроелектроника од Кина, која се користи за производство на проектили, тенкови и авиони. Кина исто така работи на Русија да и обезбеди подобрени сателитски способности“, рече Столтенберг. „Кина вели дека сака добри односи со Западот. Во исто време, Пекинг продолжува да го поттикнува најголемиот вооружен конфликт во Европа од Втората светска војна. Не може да ги има и двете“, предупреди тој.
Столтенберг ги предупреди западните сојузници да не станат зависни од Кина како што беа од Русија. „Во минатото направивме грешка што станавме зависни од руската нафта и гас. Не смееме да ја повториме таа грешка со Кина и да зависиме од нејзините пари, суровини и технологии. Зависноста не прави ранливи“, додаде тој.
Кина ги зајакна трговските и воените врски со Русија во последниве години, бидејќи САД и нивните сојузници воведоа санкции и на двете, но особено на Москва, поради нејзината инвазија на Украина. Рускиот претседател Владимир Путин изјави во четвртокот дека планира да отпатува за Кина во мај, но не прецизираше точно кога.
Свет
САД градат привремено пристаниште во близина на Газа за испраќање хуманитарна помош
Соединетите Држави почнаа да градат пристаниште во Газа, соопшти денеска Пентагон, проект кој треба да ја олесни испораката на хуманитарна помош на палестинската територија. Пристаништето треба да профункционира на почетокот на мај.
Во март, претседателот Џо Бајден објави дека американската војска ќе изгради привремено пристаниште на медитеранскиот брег на Газа за да добива хуманитарна помош по море.
Изградбата е дел од напорите да се спречи гладувањето во палестинската енклава, која веќе пет месеци се наоѓа во средината на израелската воена кампања против Хамас, која го опустоши Појас Газа и ги потопи нејзините 2,3 милиони луѓе во хуманитарна катастрофа.
„Можам да потврдам дека американските воени бродови, вклучително и УСНС Бенавидез, почнаа да градат привремено пристаниште…“ изјави за новинарите портпаролот на Пентагон, Патрик Рајдер.
ОН предупредија дека Газа е во опасност од глад и се пожалија на „огромни пречки“ при добивањето помош и нејзино дистрибуирање низ енклавата.
Агенциите за помош и администрацијата на Бајден го молеа Израел да ја олесни испораката на помош во Газа и да им дозволи на нивните конвои безбедно поминување на територијата.
Рајдер рече дека Пентагон следи некој вид минофрлачки напад во Газа што предизвика минимална штета во близина на областа каде што се гради пристаништето, но додаде дека американските сили сè уште не почнале да преместуваат ништо во областа и дека нема американски сили на теренот.