Европа
(Видео) Кирил Петков: Ќе си го одржам зборот за Северна Македонија, уморен сум од кукавици!
Неколку часа пред состанокот на Европскиот совет во Брисел, премиерот во оставка, Кирил Петков, увери дека ќе си го одржи зборот и одлуката за Северна Македонија ќе му ја остави на парламентот, пренесуваат бугарските медиуми.
„Оваа одлука мора да ја донесе бугарскиот парламент. Јас си го одржувам зборот, без разлика кој што сака од мене. Нема хипотетичка можност за ништо друго. Јас сум премиер на Бугарија и кога ќе кажам нешто, си го одржувам зборот. Но, тоа е дека во наредните денови ќе имаме одлука на Народното собрание“, рече Петков, според БНТ.
Премиерот во оставка истакнал дека лично му се допаѓа францускиот предлог и смета дека неговото прифаќање би било историска шанса за Бугарија, но тоа мора да се направи на вистински начин.
Кирил Петков упатил критики до претседателот Румен Радев дека не зазел категоричен став за ова прашање и дека не го свикал Советодавниот совет за национална безбедност.
„Ако си претседател на место, го свикуваш Националниот совет, сите заедно седиме, дискутираме и излегуваме! Но маските паднаа, се изморив од кукавици! Ќе го одржам ветувањето кон бугарскиот народ и се надевам дека ќе имаме отворена дискусија бидејќи тоа е историја. Ова е момент што не смееме да го пропуштиме. Овој предлог е многу добар, поентата е дека мора да се направи на вистински начин“, рекол Петков.
Тој го критикувал и однесувањето на опозицијата.
„Не можете да излезете на телевизија и да се биете во гради затоа што ќе направите нешто, а потоа ќе блокирате комисија. Не можам да верувам дека не може да имаат кворум на вториот ден. А знаете ли зошто немаат кворум – затоа што е страшно и не може ни претседател на Собранието да изберат. Овие се кукавици и само размислуваат како да манипулираат. Ако сте државници – одете на комисија, донесете одлука ова да го кажете пред целиот бугарски народ. Јас денеска ќе кажам дека додека Народното собрание не донесе одлука, ставот на Бугарија останува таков каков што е“, рекол бугарскиот премиер во оставка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Британска компанија ги тужи „Фајзер“ и „Бионтек“: Ја украдоа нашата технологија за вакцина против Ковид
Британската фармацевтска компанија GlaxoSmithKline (GSK) денеска поднесе тужба пред федералниот суд во Делавер против американскиот Pfizer и германскиот BioNTech, тврдејќи дека тие ги прекршиле нејзините патенти за технологијата на гласник РНК (mRNA) во нивните вакцини против Ковид-19.
Вакцините Comirnaty на Pfizer и BioNTech ги прекршуваат иновациите на GSK заштитени со патент во mRNA вакцините, развиени „повеќе од десет години пред“ пандемијата на ковид-19, се вели во тужбата.
Патентите ја покриваат технологијата за пренос на нестабилна гласничка РНК во човечки клетки, која научниците почнаа да ја развиваат во 2008 година, а GSK стана сопственик кога го купи бизнисот со вакцини на Novartis во 2015 година, се додава.
Британската компанија бара парична отштета од Pfizer и BioNTech, вклучително и такси за патент, без да наведе износ.
Портпаролката на Pfizer во соопштението нагласи дека компанијата е „сигурна во својата позиција во однос на интелектуалната сопственост поврзана со Comirnaty“ и дека има намера „енергично да се брани“ од тврдењата на GSK. Портпаролот на BioNTech одби да ја коментира тужбата.
Портпаролот на GSK рече дека компанијата верува дека нејзините патенти „ја обезбедуваат основната технологија што се користи во mRNA вакцините на Pfizer и BioNTech против ковид-19“. GSK е „подготвен да ги лиценцира овие патенти под комерцијално разумни услови за да обезбеди пристап“ до вакцините.
Европа
(Видео) 19-годишна девојка во Украина се обидела да го продаде синот, барала 23.500 евра
Во украинскиот град Днипро, 19-годишна девојка се обидела да го продаде сопствениот двегодишен син, соопшти локалната полиција, пренесоа украинските медиуми.
Девојката наводно побарала еден милион гривни, што е околу 23.500 евра за своето дете. 19-годишната девојка наводно му го понудила детето на својот познаник и договорила средба со него. Во вторникот полицијата приведе маж додека носел пари на договорена локација.
Девојката наводно рекла дека не сака да се грижи за својот син, па решила да го продаде. Со парите што ги добила планирала да отвори сопствен бизнис.
Детето е земено во полиција и предадено на надлежните органи. Против неговата мајка е подигнато обвинение за трговија со луѓе.
Европа
Уапсени тројца мажи во истрагата за бруталното убиство на Хрват во Даблин
Уапсени се тројца мажи осомничени за убиството на 31-годишен Хрват, Јосип Штрок во Даблин минатиот месец, пишуваат ирските медиуми.
Тие се осомничени дека ги претепале Штрок, кој живеел и работел во Даблин, и неговиот пријател. Штрок почина од повредите на 3 април.
Неговиот пријател за хрватските медиуми изјавил дека биле во продавница и планирале да се дружат, кога група луѓе им кажала да почнат да зборуваат англиски.
„Немате почит кон нашата земја, ова е Ирска…“, изјави тој за Јутарњи. Тие влегле во автобусот и не забележале дека напаѓачите ги следат и биле нападнати одзади.
„Прво ме удрија со нешто, не знам дали беше шипка или палка. Ги прашав полицајците за деталите што ги виделе на видеото, а кои наводно ги имаат“, рече тој, додавајќи дека следното нешто се сеќава е кога се разбудил во болница.