Европа
(Видео) Мишел и Фон дер Лаен се сретнаа првпат по инцидентот со фотелјата
Претседателот на Европската комисија, Урсула фон дер Лаен, и претседателот на Европскиот совет, Чарлс Мишел, се состанаа првпат од минатонеделниот протоколарен инцидент во Анкара.
Вон дер Лаен и Мишел одржуваат редовни состаноци еднаш неделно. Најновата средба привлече особено внимание поради инцидентот што се случи во Анкара минатиот вторник.
За потсетување, тогаш турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, ги прими Фон дер Лаен и Мишел, а на состанокот Мишел доби место веднаш до Ердоган, а Фон дер Лаен мораше да седи на блискиот кауч од страна. Мишел воопшто не реагира.
Медиумите инцидентот го нарекоа „Софагејт“.
За најновата средба, портпаролот на Комисијата рече дека тоа е нормална неделна средба меѓу претседателот на Комисијата и претседателот на Европскиот совет за да се разговара за низа актуелни теми.
Според извори од Комисијата, Фон дер Лаен изјавила дека нема да дозволи да се повтори слична ситуација. Меѓу двете институции постои несогласување за тоа кој ја претставува Европската Унија во странство според протоколот. Во Европскиот совет тие тврдат дека Мишел како претседател има предност во протоколот за што не се согласуваат во Европската комисија и велат дека и двајцата треба да имаат ист третман.
Според фотографиите од претходните самити на ЕУ и Турција, јасно е дека, на пример, тогашните претседатели на Комисијата и Европскиот совет, Жан-Клод Јункер и Доналд Туск беа третирани целосно еднакво. Сепак, поранешниот претседател на Комисијата, Јункер, тврди дека претседателот на Европскиот совет има предност според протоколот и дека се случуваше тој да заврши на каучот, анализираат медиумите.
Многумина му забележаа на Мишел што не реагира веднаш и не се откажа од местото.
Тој последните денови во медиумите изјави дека му е жал за она што се случило, но дека не сака да реагира за да не предизвика уште поголем инцидент.
„Оттогаш не спиев добро, тие сцени постојано ми се вртат во главата“, рече Мишел и додаде дека ќе ја поправи ситуацијата ако може да го врати времето.
Поради овој инцидент, содржината и целта на посетата на Анкара целосно паднаа во втор план, пишуваат медиумите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Британска компанија ги тужи „Фајзер“ и „Бионтек“: Ја украдоа нашата технологија за вакцина против Ковид
Британската фармацевтска компанија GlaxoSmithKline (GSK) денеска поднесе тужба пред федералниот суд во Делавер против американскиот Pfizer и германскиот BioNTech, тврдејќи дека тие ги прекршиле нејзините патенти за технологијата на гласник РНК (mRNA) во нивните вакцини против Ковид-19.
Вакцините Comirnaty на Pfizer и BioNTech ги прекршуваат иновациите на GSK заштитени со патент во mRNA вакцините, развиени „повеќе од десет години пред“ пандемијата на ковид-19, се вели во тужбата.
Патентите ја покриваат технологијата за пренос на нестабилна гласничка РНК во човечки клетки, која научниците почнаа да ја развиваат во 2008 година, а GSK стана сопственик кога го купи бизнисот со вакцини на Novartis во 2015 година, се додава.
Британската компанија бара парична отштета од Pfizer и BioNTech, вклучително и такси за патент, без да наведе износ.
Портпаролката на Pfizer во соопштението нагласи дека компанијата е „сигурна во својата позиција во однос на интелектуалната сопственост поврзана со Comirnaty“ и дека има намера „енергично да се брани“ од тврдењата на GSK. Портпаролот на BioNTech одби да ја коментира тужбата.
Портпаролот на GSK рече дека компанијата верува дека нејзините патенти „ја обезбедуваат основната технологија што се користи во mRNA вакцините на Pfizer и BioNTech против ковид-19“. GSK е „подготвен да ги лиценцира овие патенти под комерцијално разумни услови за да обезбеди пристап“ до вакцините.
Европа
(Видео) 19-годишна девојка во Украина се обидела да го продаде синот, барала 23.500 евра
Во украинскиот град Днипро, 19-годишна девојка се обидела да го продаде сопствениот двегодишен син, соопшти локалната полиција, пренесоа украинските медиуми.
Девојката наводно побарала еден милион гривни, што е околу 23.500 евра за своето дете. 19-годишната девојка наводно му го понудила детето на својот познаник и договорила средба со него. Во вторникот полицијата приведе маж додека носел пари на договорена локација.
Девојката наводно рекла дека не сака да се грижи за својот син, па решила да го продаде. Со парите што ги добила планирала да отвори сопствен бизнис.
Детето е земено во полиција и предадено на надлежните органи. Против неговата мајка е подигнато обвинение за трговија со луѓе.
Европа
Уапсени тројца мажи во истрагата за бруталното убиство на Хрват во Даблин
Уапсени се тројца мажи осомничени за убиството на 31-годишен Хрват, Јосип Штрок во Даблин минатиот месец, пишуваат ирските медиуми.
Тие се осомничени дека ги претепале Штрок, кој живеел и работел во Даблин, и неговиот пријател. Штрок почина од повредите на 3 април.
Неговиот пријател за хрватските медиуми изјавил дека биле во продавница и планирале да се дружат, кога група луѓе им кажала да почнат да зборуваат англиски.
„Немате почит кон нашата земја, ова е Ирска…“, изјави тој за Јутарњи. Тие влегле во автобусот и не забележале дека напаѓачите ги следат и биле нападнати одзади.
„Прво ме удрија со нешто, не знам дали беше шипка или палка. Ги прашав полицајците за деталите што ги виделе на видеото, а кои наводно ги имаат“, рече тој, додавајќи дека следното нешто се сеќава е кога се разбудил во болница.