Европа
Габриел стравува за опстанокот на ЕУ, ја обвинува Меркел за европските проблеми
Германскиот вицеканцелар и претседател на Социјалдемократската партија (SPD) Зигмар Габриел стравува за иднината на Европската унија и не го исклучува нејзиното распаѓање, вели во интервјуто за Der Spiegel од саботата, и за европското неединство го обвинува својот демохристијански коалициски партнер во владата канцеларката Ангела Меркел, пред изборите кои ќе се одржат во 2017 година на кои тој веројатно ќе биде кандидат за канцелар.
Зигмар Габриле појаснува дека германското инсистирање на политиката на штедење во Европската унија, ја разединило повеќе од кога и да е претходно.
Најверојатниот кандидат на SPD за канцелар на парламентарните избори кои ќе се одржат годинава, индиректно ја обвинува канцеларката Ангела Меркел, чиј помал партнер е во коалициската ткн „голема влада“, и министерот за финансии од нејзината Христијанско-демократска унија (CDU), Волфганг Шојбле, предупредувајќи на погубните последици од стриктната политика на штедење во еврозоната.
„Еднаш ја прашав канцеларката што мисли за тоа што повеќе ќе ја чини Германија: да им попуши на Французите и да дозволи половина процент поголем дефицит или Марин Лепен да стане претседателка. Ми го должи одговорот до денес“, вели Габриел и додава дека ваквиот однос кон европските партнери бил незамислив во времето на Хелмут Кол, поранешниот долгогодишен канцелар и претседател на CDU.
„Доколку ние во Германија бевме присилени да промениме само дел од реформите и кастрењата, како што тоа беше во случајот на Грција, веќе одамна ќе се случеше сенародно востание“, вели Габриел.
Габриел ја обвинува Меркел и за неоординираната политика за време на избувнувањето на мигрантската криза во Европа.
„Најголемата грешка на Ангела Меркел беше што не се договори со никој освен со Австријците. Тоа на минатите канцелари не им се случуваше“, вели челниот на SPD.
Габриел ја обвинува и нејзината Унија CDU/CSU и за тоа што Германија во ЕУ наидува на отпор.
„CDU и CSU во однос на остатокот од Европа секогаш настапуваат како учители, коишто за сé подобро знаат“, вели Габриел заложувајќи се за пресврт во германската европска политика.
Според најновите анкети, SPD предводена од Зигмар Габриел има поддршка од 20 отсто од избирачите, што е за 17 отсто помалку од демохристијанската Унија CDU/CSU, и само 5 проценти повеќе од евроскептичната и противдоселеничка партија Алтернатива за Германија (AfD).
Оваа 2017 е важна изборна година и за Германија, во којашто освен парламентарните избори, се одржуваат и избори за неколку сојузни земји, меѓу другите и најнаселената Северна Рајна-Вестфалија. Меркел веќе загуби на изборите за неколку регионални влади, меѓу другите и во главниот град Берлин и во сопствената изборна единица./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Уапсен украински министер
Украинските антикорупциски тела денеска го уапсија министерот за земјоделство Микола Солски. Судот на министерот му изрече превентивна мерка притвор во траење од 60 дена, до 24 јуни. Сепак, Солски ќе биде ослободен од притвор доколку плати кауција од 75,7 милиони гривни (околу 1,7 милиони евра).
Обвинителството побара притвор поради ризик од попречување на истрагата, влијание врз сведоци и бегство. Тие истакнаа дека Солски во текот на вонредната состојба неколку пати ја минувал границата.
Адвокатот одговори дека Солски ја преминал границата поради службени патувања, освен во еден случај кога заминал на договорено отсуство. Тој се осврна и на тоа дека Солски како функционер може да патува во странство само со согласност на премиерот. Тој исто така изјави дека нема докази дека Солски би можел да се меша во истрагата или да влијае на сведоците.
Солски вчера понуди оставка откако беше осомничен за вмешаност во незаконско стекнување државно земјиште. Обвинителите тврдат дека Солски бил фатен дека поседува државно земјиште во вредност од 291 милион гривни и дека се обидел да добие друго земјиште во вредност од 190 милиони гривни.
Солски ги негира обвиненијата, за кои обвинителите велат дека се однесуваат на настани од 2017 до 2021 година, пред да стане министер за земјоделство во март 2022 година. Солски е еден од најбогатите функционери во администрацијата на претседателот Володимир Зеленски.
Ако плати кауција, ќе мора да ја предаде својата обврзница на властите и нема да му биде дозволено да разговара со други осомничени и сведоци во случајот.
Европа
Британска компанија ги тужи „Фајзер“ и „Бионтек“: Ја украдоа нашата технологија за вакцина против Ковид
Британската фармацевтска компанија GlaxoSmithKline (GSK) денеска поднесе тужба пред федералниот суд во Делавер против американскиот Pfizer и германскиот BioNTech, тврдејќи дека тие ги прекршиле нејзините патенти за технологијата на гласник РНК (mRNA) во нивните вакцини против Ковид-19.
Вакцините Comirnaty на Pfizer и BioNTech ги прекршуваат иновациите на GSK заштитени со патент во mRNA вакцините, развиени „повеќе од десет години пред“ пандемијата на ковид-19, се вели во тужбата.
Патентите ја покриваат технологијата за пренос на нестабилна гласничка РНК во човечки клетки, која научниците почнаа да ја развиваат во 2008 година, а GSK стана сопственик кога го купи бизнисот со вакцини на Novartis во 2015 година, се додава.
Британската компанија бара парична отштета од Pfizer и BioNTech, вклучително и такси за патент, без да наведе износ.
Портпаролката на Pfizer во соопштението нагласи дека компанијата е „сигурна во својата позиција во однос на интелектуалната сопственост поврзана со Comirnaty“ и дека има намера „енергично да се брани“ од тврдењата на GSK. Портпаролот на BioNTech одби да ја коментира тужбата.
Портпаролот на GSK рече дека компанијата верува дека нејзините патенти „ја обезбедуваат основната технологија што се користи во mRNA вакцините на Pfizer и BioNTech против ковид-19“. GSK е „подготвен да ги лиценцира овие патенти под комерцијално разумни услови за да обезбеди пристап“ до вакцините.
Европа
(Видео) 19-годишна девојка во Украина се обидела да го продаде синот, барала 23.500 евра
Во украинскиот град Днипро, 19-годишна девојка се обидела да го продаде сопствениот двегодишен син, соопшти локалната полиција, пренесоа украинските медиуми.
Девојката наводно побарала еден милион гривни, што е околу 23.500 евра за своето дете. 19-годишната девојка наводно му го понудила детето на својот познаник и договорила средба со него. Во вторникот полицијата приведе маж додека носел пари на договорена локација.
Девојката наводно рекла дека не сака да се грижи за својот син, па решила да го продаде. Со парите што ги добила планирала да отвори сопствен бизнис.
Детето е земено во полиција и предадено на надлежните органи. Против неговата мајка е подигнато обвинение за трговија со луѓе.