Европа
Германија: Поминаа годините кога државната каса беше полна
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2020/06/Germanija-2.jpg)
Германскиот министер за финансии, Кристијан Линднер, неодамна во интервју за АРД јасно ја кажа целта на федералниот буџет за 2024 година: „Дефицитите се превисоки. Мерките воведени поради кризата го поттикнаа задолжувањето“, рече Линднер. Сега, смета тој, се работи за консолидација.
Линднер со предлог кој предвидува расходи во следната година од 445 милијарди евра, што е речиси 30 милијарди помалку од оваа година, но сепак за приближно 90 милијарди повеќе од 2019 година кога беше донесен последниот буџет пред коронавирусот.
Во наредната година би требало да штедат сите ресори, освен Министерството за одбрана. Денис Роде од владејачката Социјалдемократска партија и член на Комисијата за буџет на Бундестагот вели: „Ова е најпредизвикувачкиот буџет што сме го имале досега. За нас е важно на крајот да се зачуваат внатрешната, надворешната и социјалната сигурност. И тоа го гледам во овој буџет“, вели Роде.
Големи заштеди, според познавачите, се постигнуваат со намалување на буџетските средства за пензиско осигурување. Дополнително, оние со повисоки плати не треба да добиваат помош за време на бременост и породилно отсуство.
Но, има и барања за зголемување на расходите. Така, според предложеното, треба да се зголеми поддршката за оние граѓани што може да работат, а немаат работа и не добиваат пари за невработените.
Исто така, рестораните се борат против враќањето на целосниот ДДВ, што беше најавено за следната година. Одржувањето на намалената стапка на ДДВ би значело три милијарди евра помалку приходи во државната каса. Индустриите што трошат многу енергија бараат државна помош или даночни олеснувања за трошоците за електрична енергија. А тоа би ја чинело државата милијарди.
За сето ова, според аналитичарите, има малку простор поради одредбата за забрана за прекумерно задолжување. Забраната за прекумерно задолжување гарантира дека идните генерации нема да останат со преголем товар на камати, потсетува претставникот на владејачките либерали и експерт за буџет, Ото Фрике.
Но, од СПД, а особено од редовите на владејачките зелени, може да се слушне тврдењето дека се потребни инвестиции во иднина. Некои би сакале да ја вратат забраната за прекумерно задолжување тврдејќи дека се потребни повеќе пари за инфраструктура и заштита на животната средина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2022/08/makfax_logo_350px.jpg)
Европа
Германската полиција уби навивач кој со секира влегол во фан-зоната на Европско првенство (ВИДЕО)
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2024/06/germanija.jpg)
Германската полиција во Хамбург имаше полни раце работа. Во градот каде хрватската фудбалска репрезентација ќе го одигра следниот натпревар на ЕП, оној против Албанија, полицијата застрела и уби еден маж. Германските полицајци биле принудени на тоа, бидејќи мажот сакал со секира да нападне случајни минувачи во фан-зоната за време на Првенството.
Напаѓачот во Хамбург прво ги нападнал навивачите со секира, а потоа ги нападнал и обезбедувањето.
Полицијата прво употребила солзавец, а потоа пукала. Еден од истрелите на полицаецот бил предупредувачки, а вториот го погодил.
Наспроти првичните вести, нападот очигледно нема никаква врска со Европското фудбалско првенство.
„Местото на нападот е далеку од просторот каде се следат првенствените натпревари. Нема индиции дека напаѓачот има врски со некоја од навивачките групи“, соопштија од полицијата.
Денеска во Хамбург се игра натпреварот помеѓу Полска и Холандија и градот е преполн со навивачи на двата табора.
Европа
Четворица загинати во страшна сообраќајка во Грција, пожарникарите го сечеа возилото за да ги извадат телата (ВИДЕО)
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2024/06/soobrakajka.jpg)
Во сударот меѓу автобус и автомобил, што се случи денес наутро пред Токсотес Ксанти, на стариот национален пат Ксанти-Кавала во Грција, четири лица загинаа, а три се повредени.
Според првите информации, во судирот што се случил нешто по 08:00 часот, едно возило изгубило контрола и удрило во автобус што минувал.
Патниците загинале на лице место, а пожарникарите го сечеле возилото за да дојдат до телата на настраданите во автомобилот.
Европа
Без пратеници Роми остана Европскиот парламент
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2022/04/evropski-parlament.jpg)
Со приближно 10 до 12 милиони жители во Европа, од кои околу шест милиони живеат во ЕУ, Ромите се едно од најбројните европски етнички малцинства. Сепак, во новиот состав на Европскиот парламент, избран минатата недела, првпат по 2004 година нема ниту еден европратеник припадник на ромската заедница.
Еден од најгласните застапници за правата на Ромите во Европскиот парламент досега беше Интергрупата за антирасизам и различности (АРДИ), чии цели се промовирање на расната еднаквост и информирање за проблемите со кои се соочуваат малцинствата. Без претставници на Ромите во ова тело, постои стравување од потенцијално поместување на приоритетите, како и намалување на сфаќањето на вистинските предизвици со кои се соочува ромската заедница.
Вклучувањето на претставниците на Ромите во процесот на одлучување би овозможил посеопфатно разбирање за потребите на заедницата, која има тешка историја низ целиот европски континент. Припадниците на ромската заедница се соочуваат со дискриминација низ цела Европа – 68 отсто од Ромите предвремено го напуштаат образовниот систем, а 80 проценти од нив живеат под прагот на сиромаштија.
Ваквите предизвици се вкоренети во стотиците години систематски предрасуди и социјална исклученост, кои продолжуваат да се одржуваат дури и до денес.
Една од земјите со процентуално најголема застапеност на Ромите во ЕУ е Романија. Според официјалните статистичките податоци 2,99 проценти од жителите на Романија се Роми, но според ромските организации реалната стапка на припадници на ромската заедница во земјата надминува осум отсто од вкупното население. Но, меѓу кандидатите за европратеници од Романија немаше ниту еден Ром, што е уште еден доказ за маргинализација на ромската заедница во земјата.
За споредба, унгарското малцинство кое сочинува 5,25 отсто од населението, освои два од вкупно 33-цата романски европратеници.
Отсуството на ромски кандидати за европратеници може да се припише на предизвиците со кои се соочуваат Ромите во политичкото мобилизирање, како поради систематското угнетување кое го одржува циклусот на сиромаштија во заедницата, така и поради бројните стереотипи кои ги спречуваат гласачите да се одлучат за ромските партии.