Европа
Ибица со план да инфилтрира странски детективи на забави за да го запре ширењето на коронавирусот
Ибица планира да се инфилтрираат странски детективи на забави каде што е регистриран зголемен број случаи на коронавирус, пренесуваат светските агенции. Планирано е да се работи со луѓе на возраст меѓу 30 и 40 години, кои се подготвени да се забавуваат на Ибица во име на борбата против пандемијата на коронавирусот.
Шпанските службеници на островот работат да соберат тим од странство кој ќе може слободно да се инфилтрира на забави на кои се прекршуваат локалните прописи предвидени против коронавирусот и тие да ги пријават на властите. Идејата доаѓа во време кога островот, познат по ноќните забави и музичката сцена и кој постојано привлекува туристи од целиот свет, се обидува да се справи со зголемената стапка на инфекции со коронавирус.
Според надлежните, забавите се местата од каде што потекнуваат новозаразените случаи.
Од друга страна, од баровите и рестораните одговорија со серија ограничувања, од забрана за собирање мешани домаќинства помеѓу еден и шест наутро до парична казна од речиси 600.000 евра за оние што организираат нелегални забави. Но, и покрај ваквите мерки, забавите не престанаа.
„Тие сега претставуваат ризик за здравјето на луѓето“, рече локалниот службеник Маријано Хуан за „Дијарио де Ибица“.
„Самата полиција вели дека им е тешко да се инфилтрираат бидејќи им се познати на локалните жители. Затоа мораме да бараме помош однадвор“, додаде тој.
Повеќето од овие нелегални забави се одржуваат во приватни куќи и се промовираат на социјалните мрежи или во туристички институции привлекувајќи туристи, локални жители и сезонски работници, посочи тој.
Локалните власти сега разговараат со компанија која проучува како најдобро да се состави тим што може да ѝ помогне на полицијата да ги открие овие забави, рече Хуан.
„Не е лесно бидејќи профилот на луѓето што ги бараме се странци на возраст од 30 до 40 години, но ние работиме на тоа две недели.
Прашањето е колку ефективна ќе биде оваа иницијатива. Прашањето за полициски влез во домови без налог веќе долго време е спорно прашање во Шпанија, што укажува на тоа дека безбедносните сили на Ибица ќе имаат мала можност да дејствуваат, дури и кога ќе го свртат вниманието кон илегалните забави.
Идејата беше остро критикувана од Социјалистичката партија, која ја предводи регионалната администрација што ја покрива Ибица. Портпаролот Висент Торес ги повика официјалните претставници на островот да дадат „сериозни предлози што имаат правна поддршка“ наместо „неодговорно однесување со лансирање идеи, со кои не може да се согласат“, пренесуваат светските агенции.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
16-годишно момче избодено во училиште во Германија
16-годишно момче е тешко повредено кога утрово околу 8 часот било избодено од тинејџер (17) во училиште во Нојкирхен-Влуин.
На нападот наводно му претходела вербална расправија.
Постариот ученик наеднаш извадил нож и го ранил 16-годишникот во горниот дел од телото.
Момчето итно било пренесено во болница, а лекарите велат дека неговата состојба е стабилна.
По прободувањето напаѓачот побегнал од училиштето, но полицијата брзо го лоцирала и го уапсила.
Според инспекторот, немало опасност по безбедноста на другите деца во училиштето.
Европа
Во Англија извикал „Алах Акбар“ и убил случаен минувач: „Го направив тоа за луѓето од Газа“
45-годишниот Ахмед Алид вчера беше прогласен за виновен за убиство и обид за убиство. На 15 октомври минатата година, барател на азил од Мароко со нож го уби 70-годишниот Теренс Карни во центарот на англискиот град Хартлпул. Тој претходно го избодел со нож својот заспан цимер Џавед Нури додека викал „Алах Акбар“.
Алид и рекол на полицијата дека сето тоа го направил „за луѓето од Газа“. Само осум дена пред да убие случаен минувач и да го рани својот цимер, милитантите на Хамас го нападнаа Израел. Алид се заколнал дека ќе убиел повеќе луѓе доколку имал митралез и друго оружје, изјави обвинителот Џонатан Сендифорд во Судот во Тесајд.
Алид делел куќа со други баратели на азил во североисточна Англија. Тој бил вознемирен што Нури го прифатил христијанството. Цимерите рекле дека Алид почнал да носи нож откако на телевизија видел прилог за настаните во Газа.
Европа
Крим главна цел: Пентагон откри за што Украина ќе ги користи моќните ракети АТАКМС
Министерството за одбрана на САД ја појасни целта за испорака на ракети со долг дострел во Украина, кои неодамна беа испорачани во тајност. Како што објави „Њујорк тајмс“, целта на испораката на американските ракети АТАКМС е да се зголеми притисокот врз Крим, кој беше анектиран од Русија по референдумот во 2014 година.
Крим го претставува центарот во кој се лоцирани голем број руски воздушни и копнени сили и кој досега, како што пишува американскиот дневен весник, „за нив бил релативно безбедно засолниште“. Ова го тврди анонимен американски функционер. Сепак, Пентагон одби да каже колку точно од овие проектили со дострел од 300 километри се испорачани на украинската страна.
Советникот за национална безбедност на Белата куќа, Џејк Саливан, претходно ја потврди испораката на овие ракети без да прецизира дали тие се модифицирани и имаат зголемен дострел.
Украинските сили веќе употребија АТАКМС, што претседателот Володимир Зеленски го потврди на 17 април, објавувајќи дека бил извршен напад врз воздухопловната база Џанкој, која се наоѓа на 165 километри од линијата на фронтот. Министерството за одбрана на Руската Федерација не ги коментираше овие наводи.
Pentagon reveals Ukraine’s targets for ATACMS missiles – NYT — (the usual baffling lack of retaliation threats from #Putin– instead just the usual bleating that ‘it’s impossible to justify’..Bring Stalin back to life please, Russia) https://t.co/8pi0Lx8tbt #CapeTown #SouthAfrica pic.twitter.com/ZtI5cG3r2m
— Peter Mayson (@theforeverman) April 26, 2024
Американскиот дневен весник потсетува дека Украина првпат добила ракети АТАКМС во септември минатата година, но дека станува збор за верзија со половина дострел. Се шпекулираше дека Украина можеби користела американски ракети за да го урне кримскиот мост, што на почетокот на месецов го потврди и самиот претседател Зеленски, велејќи дека неговата влада „навистина сака да го уништи мостот на Крим“.
Тој е симбол на руската окупација и преку овој мост Русија испорачува воена опрема и ги снабдува војниците во Украина. Во неколку наврати досега мостот беше цел на украински напади.
– Мислам дека е вистинското време, а шефот (Бајден) донесе одлука дека е вистинско време да и го обезбеди на Украина оружјето неопходно за тековната борба. Тоа е добро осмислена и многу конструктивна одлука – изјави адмирал Кристофер Грејди, заменик командант на Здружениот генералштаб на американската армија.
Руската страна го осуди потегот на САД, а рускиот амбасадор во Вашингтон Анатолиј Антонов рече дека тоа „ја зголемува заканата за безбедноста на Крим, вклучително и Севастопол и другите руски градови“.