Европа
Париз: Напаѓачот на Орли извикувал „ќе умрам за Алах“
Мажот кој во саботата утрото ги нападна војниците на парискиот аеродром Орли носел канта со бензин и извикувал „ќе умрам за Алах“, објави во саботата вечерта јавниот обвинител на француската престолнина Париз, Франсоа Моленс.
Според војниците кои биле очевидци на нападот, ангажирани на обезбедувањето на аеродромот Орли во рамките на операцијата „Sentinelle“, напаѓачот го ставил воздушниот пиштол на главата на војничката и извикувал „Фрлете го оружјето. Ставите ги рацете зад главите. Тука сум за да умрам за Алах. Вака или онака, ќе има мртви“.
Меѓутоа војниците запукале и го убиле напаѓачот кого парискиот државен обвинител Франсоа Моленс го идентификуваше како 39-годишниот Зиед бен Белгасем. Обвинителот додаде дека во врска со овој напад се уапсени три лица. Полицијата ги привела братот и таткото на напаѓачот, објавија претходно судски извори, истакнувајќи дека тоа е рутинска постапка во такви ситуации.
Обвинителот Моленс потврди дека е отворена терористичка истрага, имајќи го предвид изборот на целта и догазите дека Белгасем бил радикализиран, а кој според радиото France Info, повикувајќи се на безбедносен извор близок на истрагата, е 39-годишен парижанец,.
Беноа Брулон, портпаролот на француските антитерористички сили, изјавил дека војничката е во добра состојбa, наведува Reuters. Во разговорот за телевизијата BFM TV открива дека споменатата припадничка на воздухопловните сили паднала на подот додека се борела со својот напаѓач. „Тогаш нејзините колеги отвориле оган за да ги заштитат неа и нејзините колеги“, додаде Брулон.
Министерот за внатрешни работи на Франција, Бруно Ла Ру, претходно ја потврди информацијата дека за пукањето врз полицијата на северот од главниот град Париз претходно во саботата е осомничено истото лице убиено при нападот на Орли кој нападна војничката.
Претходно во саботата утрото беше објавено дека на северот од Париз бил отворен оган врз тројца полицајци, и притоа напаѓачот ранил еден од нив и успеал да побегне. По пукањето врз полицајците, осомничениот избегал со автомобил, кој подоцна е пронајден на паркингот на аеродромот Орли. Во автомобилот биле пронајдени маица со дамки од крв и документи на напаѓачот. Според изјавата на Ла Ру за BMF TV, „можна е поврзаност“ меѓу двата инцидента. Додаде дека ранетиот при рутинската проверка на документите полицаец е хоспитализиран./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
(Видео) Напад со ХИМАРС врз Белгород, гори нафтено складиште во Луганск, се шират снимки
Украина изврши ноќни напади врз термоцентрала во рускиот регион Белгород и складиште за нафта во окупираниот Луганск, според руските власти и снимки од очевидци објавени на социјалните медиуми. Нападите го прекинаа снабдувањето со електрична енергија во делови од Белгород, објавува „Киев Индепендент“.
Според локалните канали на Телеграм, Белгород, град на само 34 километри од украинската граница, бил погоден од повеќекратни ракетни системи HIMARS. Се вели дека целта била термоцентралата на градот. Вјачеслав Гладков, гувернерот на регионот Белгород, подоцна објави дека „масивниот ракетен напад“ ја таргетирал енергетската инфраструктура во и околу градот.
It’s lights out in Belgorod again. It is clear that russia cannot protect this city. It should be surrendered to Ukrainian forces who can provide better protection.
Fact: None of this would’ve happened if I had been the president of russia. pic.twitter.com/7HIGxDYhy5
— Rock – NAFO Raccoon (@NAFORaccoon) February 26, 2026
„Нанесена е сериозна штета на енергетската инфраструктура. Ова доведе до прекини на електричната енергија, прекини во снабдувањето со вода и проблеми со греењето“, рече Гладков. „Киев Индепендент“ не можеше независно да ги потврди тврдењата во времето на објавувањето.
Истата ноќ, беа објавени фотографии и видеа од запален складиште за нафта во Луганск, кој е под руска окупација од 2014 година. Локалните жители објавија дека на пожарот во фабриката му претходеле низа експлозии.
Руското Министерство за одбрана објави дека во текот на ноќта соборило 95 украински беспилотни летала над различни региони на земјата. Украина редовно напаѓа воена инфраструктура длабоко на руска територија и на окупирани територии за да ја ослаби борбената моќ на Москва. Киев ги смета нафтените објекти за легитимни воени цели бидејќи тие директно ги финансираат воените напори на Русија.
Нападите доаѓаат во време кога Русија води сопствена кампања за уништување на енергетската мрежа на Украина во текот на есента и зимата, оставајќи илјадници луѓе низ цела Украина без греење и електрична енергија.
Европа
Работник згмечи автомобил на депонија во Минхен: Не забележал дека има човек внатре
82-годишен Германец загина во автомобил смачкан од кран што се користи за сечење и дробење стари автомобили во отпад во минхенскиот округ Оберзендлинг во среда попладне.
Според полицијата, автомобилот бил закажан за уништување, а се верува дека човекот влегол во возилото незабележано. Во моментот на несреќата, 60-годишен вработен во компанијата управувал со тешка машина што се користи за дробење стари автомобили.
Работникот прво го смачкал покривот на возилото со кранот, а потоа го превртел на покривот. Дури тогаш, според полицијата, сведок забележал дека во автомобилот има лице, објавува Би-Би-Си.
82-годишникот претрпел смртоносни повреди кога покривот на возилото бил смачкан. На местото на настанот биле повикани служби за итни случаи. Интервенирале пожарникари, работници на брзата помош и полиција. Пожарникарите морале да користат специјална опрема за да го извлечат телото од автомобилот.
Според портпаролот на полицијата, возилото не му припаѓало на починатиот маж. Се верува дека 82-годишникот, кој живеел во Минхен, дошол на местото за да собира старо железо. Сообраќајната полиција во Минхен започна истрага за околностите на несреќата.
Европа
Полска сака да ги забрани социјалните мрежи за деца под 15 години
Полска планира да воведе закон со кој ќе им се забрани на децата под 15 години да користат социјални медиуми и ќе ги направи платформите одговорни за проверка на возраста на корисниците, изјави министерката за образование Барбара Новацка во интервју објавено денеска, објави Ројтерс.
Владејачката Граѓанска коалиција ќе презентира нацрт-предлог со кој ќе се изрекуваат казни за платформите што остануваат достапни за помладите корисници. Новацка додаде дека законот би можел да стапи во сила на почетокот на 2027 година. „Гледаме последици за менталното здравје на децата и младите, како и пад на нивните интелектуални способности“, рече Новацка, истакнувајќи дека нивото на казните за компаниите сè уште се дискутира.
Неколку европски влади, вклучувајќи ги Данска, Грција, Франција, Шпанија и Велика Британија, разгледаа слични ограничувања поради тврдењата дека социјалните медиуми се штетни или предизвикуваат зависност кај малолетниците. Владата на Велика Британија објави во јануари дека разгледува ограничувања за заштита на децата на интернет, откако Австралија спроведе слични закони во декември.
Иницијативата би можела да ја доведе Варшава во конфликт со американските технолошки компании како „Мета“ или „Икс“ на Елон Маск. Некои од тие компании се спротивставија на ограничувањата откако Австралија воведе забрана минатата година.

