Европа
Тесна победа на унионистите во Северна Ирска
Пробританската Демократска унионистичка партија (DUP) со тесната победа од едно пратеничко место пред националистите од Шин Фејн успеа да остане најзастапената партија во парламентот на Северна Ирска, по неделава одржаните предвремени парламентарни избори, објавено е во саботата.
Унионистите од DUP освоија 28 од 90-те места, откако Шин Фејн ја поништи предноста од десетина мандати што пробританската партија ја имаше по парламентарните избори пред една година.
Само илјада гласови ги делат двете водечки партии во Северна Ирска, покажаа резултатите од пребројувањето на 800.000 гласови од изборите за регионалниот парламент.
Двете најголеми партии сега ќе имаат рок од три седмици да ја формираат новата владата и да ги надминат несогласувањата кои доведоа до распишувањето на предвремените парламентарни избори.
Британката влада беше принудена да распише избори во Северна Ирска, откако Шин Фејн одби да номинира нов потпретседател кој би соработувал со премиерката Арлин Фостер од DUP, и покрај интервенцијата на британската премиерка Тереза Меј.
Предвремените парламентарни избори во Северна Ирска се одржаа во атмосфера на обвинувања за корупција и несигурноста од ланската референдумска одлука на повеќето британски гласачи, главно во Англија и Велс, Обединетото Кралство да ја напушти Европската унија, што претставува голем проблем за земјата којашто со децении е сцена на насилствата меѓу националистичките католици и унионистичките протестанти.
На претходните избори во мај 2016 година, Демократската унионистичка партија (DUP), која е наклонета со Велика Британија, победи со 38 места во парламентот, пред националистите од Шин Шејн, приврзаниците на обединувањето на Ирска со 28 мандати, и Унионистичката партија на Алстер (UUP) која освоите 16 мандати.
DUP ја водеше кампањата во полза на излегувањето на Велика Британија од ЕУ, додека Шин Фејн се противеше на Брегзитот. Во Северна Ирска, на крајот, 56 отсто од гласачите беа против излегувањето од ЕУ, додека на британско ниво 52 отсто од избирачите се одлучија во полза на излегувањето.
Жителите на Ирска и Британија може слободно да се движат во рамките на ткн Заедничка зона на патувања. Но сега голем број жители на Северна Ирска стравуваат од враќањето на царинските контроли кои може да ги казнуваат трговските размени и да наштети на кревката стабилност која настапи со примирјето од 1998 година. Со кој договор престана насилствотпо меѓу пробритански протестанити к католиците кои бараат обединување со Ирска, во кое меѓу 1969 и 1998 загинаа 3.500.
Со спогодбата е договорено регионалната влада задолжително да мора да има премиер и заменик премиер за да бидат застапени и двете страни. Шин Фејн и DUP на тој начин ја делат власта од 2007 година./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Британска компанија ги тужи „Фајзер“ и „Бионтек“: Ја украдоа нашата технологија за вакцина против Ковид
Британската фармацевтска компанија GlaxoSmithKline (GSK) денеска поднесе тужба пред федералниот суд во Делавер против американскиот Pfizer и германскиот BioNTech, тврдејќи дека тие ги прекршиле нејзините патенти за технологијата на гласник РНК (mRNA) во нивните вакцини против Ковид-19.
Вакцините Comirnaty на Pfizer и BioNTech ги прекршуваат иновациите на GSK заштитени со патент во mRNA вакцините, развиени „повеќе од десет години пред“ пандемијата на ковид-19, се вели во тужбата.
Патентите ја покриваат технологијата за пренос на нестабилна гласничка РНК во човечки клетки, која научниците почнаа да ја развиваат во 2008 година, а GSK стана сопственик кога го купи бизнисот со вакцини на Novartis во 2015 година, се додава.
Британската компанија бара парична отштета од Pfizer и BioNTech, вклучително и такси за патент, без да наведе износ.
Портпаролката на Pfizer во соопштението нагласи дека компанијата е „сигурна во својата позиција во однос на интелектуалната сопственост поврзана со Comirnaty“ и дека има намера „енергично да се брани“ од тврдењата на GSK. Портпаролот на BioNTech одби да ја коментира тужбата.
Портпаролот на GSK рече дека компанијата верува дека нејзините патенти „ја обезбедуваат основната технологија што се користи во mRNA вакцините на Pfizer и BioNTech против ковид-19“. GSK е „подготвен да ги лиценцира овие патенти под комерцијално разумни услови за да обезбеди пристап“ до вакцините.
Европа
(Видео) 19-годишна девојка во Украина се обидела да го продаде синот, барала 23.500 евра
Во украинскиот град Днипро, 19-годишна девојка се обидела да го продаде сопствениот двегодишен син, соопшти локалната полиција, пренесоа украинските медиуми.
Девојката наводно побарала еден милион гривни, што е околу 23.500 евра за своето дете. 19-годишната девојка наводно му го понудила детето на својот познаник и договорила средба со него. Во вторникот полицијата приведе маж додека носел пари на договорена локација.
Девојката наводно рекла дека не сака да се грижи за својот син, па решила да го продаде. Со парите што ги добила планирала да отвори сопствен бизнис.
Детето е земено во полиција и предадено на надлежните органи. Против неговата мајка е подигнато обвинение за трговија со луѓе.
Европа
Уапсени тројца мажи во истрагата за бруталното убиство на Хрват во Даблин
Уапсени се тројца мажи осомничени за убиството на 31-годишен Хрват, Јосип Штрок во Даблин минатиот месец, пишуваат ирските медиуми.
Тие се осомничени дека ги претепале Штрок, кој живеел и работел во Даблин, и неговиот пријател. Штрок почина од повредите на 3 април.
Неговиот пријател за хрватските медиуми изјавил дека биле во продавница и планирале да се дружат, кога група луѓе им кажала да почнат да зборуваат англиски.
„Немате почит кон нашата земја, ова е Ирска…“, изјави тој за Јутарњи. Тие влегле во автобусот и не забележале дека напаѓачите ги следат и биле нападнати одзади.
„Прво ме удрија со нешто, не знам дали беше шипка или палка. Ги прашав полицајците за деталите што ги виделе на видеото, а кои наводно ги имаат“, рече тој, додавајќи дека следното нешто се сеќава е кога се разбудил во болница.