Европа
Утврден идентитетот на напаѓачот во Лондон
Лондонската полиција во четвртокот го објави идентитетот на извршителот на терористичкиот акт во британската престолнина ден претходно, за кој одговорноста ја презема џихадистичката организација Исламска држава.
Напаѓачот е идентификуван како 52-годишниот Калид Масуд, родум од грофовијата Кент.
„Калид Масуд е роден во Кент… Претходно бил прогласуван за виновен за повеќе кривични дела, вклучувајќи и нелегално поседување оружје“, се наведува во писмената изјава на лондонската полиција.
Терористичкиот напад се случи во 14.40 часот по локално време во средата на една од најпопуларните туристички знаменитости на Лондон. Автомобил кој возел по Вестминстерскиот мост се качил на тротоарот косејќи луѓе, дошол до зградата на британскиот парламент, каде што полицијата успеала да го сопре. Потоа возачот со нож прободел еден полицаец, кој подоцна им подлегна на повредите.
Според последните извештаи, во нападот има уште три жртви, а 40 лица се повредени. Самиот терорист бил застрелан од друг полицаец.
Илтрарадикалната џихадистичка организација Исламска држава ја презема одговорноста за нападот во центарот на Лондон. Во соопштението објавено во четвртокот на интернет ресурсот близок на групацијата Amaq News Agency, се наведува дека напаѓачот бил „војник“ на Исламската држава.
Во соопштението се истакнува дека нападот е изведен поради учеството на Велика Британија во воените операции на меѓународната коалиција предводена од САД против џихадистите во Сирија. „Лицето извршувајќи го своето дело одговори на повиците за напади врз државјаните на коалицијата“, се наведува.
Сепак, според експертите, соопштението не укажува дали нападот е директно диригиран или е изведен со помош на споменатата терористичка организација,но посочуваат дека напаѓачот очигледно бил инспириран од идеологијата на Исламската држава.
Претходно британската премиерка Тереза Меј потврди дека напаѓачот е британски државјанин, кој ѝ бил познат на разузнавачката агенција MI5 како осомничено радикализирано лице и претходно била водена истрага против него, која не дала резултати.
„Лицето била периферна фигура. Овој случај е историски, тој не бил дел од актуелната разузнавачка активност“, рече Меј.
Говорејќи во парламентот Меј истакна дека ваквите инциденти нема да ја поколебаат Британија во нејзината решителност да се справи со тероризмот./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Британска компанија ги тужи „Фајзер“ и „Бионтек“: Ја украдоа нашата технологија за вакцина против Ковид
Британската фармацевтска компанија GlaxoSmithKline (GSK) денеска поднесе тужба пред федералниот суд во Делавер против американскиот Pfizer и германскиот BioNTech, тврдејќи дека тие ги прекршиле нејзините патенти за технологијата на гласник РНК (mRNA) во нивните вакцини против Ковид-19.
Вакцините Comirnaty на Pfizer и BioNTech ги прекршуваат иновациите на GSK заштитени со патент во mRNA вакцините, развиени „повеќе од десет години пред“ пандемијата на ковид-19, се вели во тужбата.
Патентите ја покриваат технологијата за пренос на нестабилна гласничка РНК во човечки клетки, која научниците почнаа да ја развиваат во 2008 година, а GSK стана сопственик кога го купи бизнисот со вакцини на Novartis во 2015 година, се додава.
Британската компанија бара парична отштета од Pfizer и BioNTech, вклучително и такси за патент, без да наведе износ.
Портпаролката на Pfizer во соопштението нагласи дека компанијата е „сигурна во својата позиција во однос на интелектуалната сопственост поврзана со Comirnaty“ и дека има намера „енергично да се брани“ од тврдењата на GSK. Портпаролот на BioNTech одби да ја коментира тужбата.
Портпаролот на GSK рече дека компанијата верува дека нејзините патенти „ја обезбедуваат основната технологија што се користи во mRNA вакцините на Pfizer и BioNTech против ковид-19“. GSK е „подготвен да ги лиценцира овие патенти под комерцијално разумни услови за да обезбеди пристап“ до вакцините.
Европа
(Видео) 19-годишна девојка во Украина се обидела да го продаде синот, барала 23.500 евра
Во украинскиот град Днипро, 19-годишна девојка се обидела да го продаде сопствениот двегодишен син, соопшти локалната полиција, пренесоа украинските медиуми.
Девојката наводно побарала еден милион гривни, што е околу 23.500 евра за своето дете. 19-годишната девојка наводно му го понудила детето на својот познаник и договорила средба со него. Во вторникот полицијата приведе маж додека носел пари на договорена локација.
Девојката наводно рекла дека не сака да се грижи за својот син, па решила да го продаде. Со парите што ги добила планирала да отвори сопствен бизнис.
Детето е земено во полиција и предадено на надлежните органи. Против неговата мајка е подигнато обвинение за трговија со луѓе.
Европа
Уапсени тројца мажи во истрагата за бруталното убиство на Хрват во Даблин
Уапсени се тројца мажи осомничени за убиството на 31-годишен Хрват, Јосип Штрок во Даблин минатиот месец, пишуваат ирските медиуми.
Тие се осомничени дека ги претепале Штрок, кој живеел и работел во Даблин, и неговиот пријател. Штрок почина од повредите на 3 април.
Неговиот пријател за хрватските медиуми изјавил дека биле во продавница и планирале да се дружат, кога група луѓе им кажала да почнат да зборуваат англиски.
„Немате почит кон нашата земја, ова е Ирска…“, изјави тој за Јутарњи. Тие влегле во автобусот и не забележале дека напаѓачите ги следат и биле нападнати одзади.
„Прво ме удрија со нешто, не знам дали беше шипка или палка. Ги прашав полицајците за деталите што ги виделе на видеото, а кои наводно ги имаат“, рече тој, додавајќи дека следното нешто се сеќава е кога се разбудил во болница.