Европа
Шефот на турската дипломатија го обвини Берлин
Турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу ја предупреди во вторникот вечерта Германија на Турција да не ѝ дели уроци од демократија и го обвини Берлин за вмешување во нејзините внатрешни работи пред одржувањето на референдумот за зголемување на овластувањата на претседателот на државата.
„Ве молам да не ни делите уроци за човекови права и демократија. Германија не би смеела да се меша во нашите избори и во нашиот референдум“, изјави турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу обраќајќи се од балконот на резиденцијата на турскиот конзулат во германскиот северен пристанишен град Хамбург, според процените на AFP, пред околу 200 симпатизери.
Анкара го обвини Берлин кој претходно ги откажа собирите на турските доселеници во германските градови во поддршка на референдумот кој ќе се одржи на 16-ти април, а исто така и за ускратување на учеството на функционери од Турција на нив, што подоцна беше ублажено.
„Сакаме да им кажеме на нашите германски пријатели да престанат со тие лоши потези. Оние коишто сакаат да заокружат ‘да’ на референдумот се блокирани, тоа не е исправно“, критикуваше Чавушоглу.
Додаде дека во средата утрото ќе се сретне со германскиот колега Зигмар Габриел.
Според податоците на полицијата, околу 250 противници на турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган, главно алавити кои живеат во околина на Хамбург, се собрале во близина на конзулатот, а некои од нив носеле транспаренти со натписот „Диктатор Ердоган, не!“.
Германските власти во понеделникот вечерта ја повлекоа дозволата за одржување на собирот на кој требаше да зборува Чавушоглу, бидејќи местото на одржување во Хамбург го оцениле за несоодветно, но со та не го откажаа самиот собир.
Турбулентните односи меѓу Германија и Турција траат веќе втора година, а особено откако германските пратеници изгласаа резолуција прогласувајќи го масовните убиства на Ерменци во текот на Првата светска војна за геноцид од страна на Османлиското царство, што Анкара не го прифаќа, па потоа пораснаа и поради критиките на Берлин на турскиот одговор на неуспешниот обид за државен удар од 15-ти јули 2016 година, а дополнително пораснаа откако во понеделникот беше затворен германско-турскиот дописник на весникот Die Welt во Турција, Дениз Јучел.
Односите меѓу Анкара и Берлин повторно деновиве ги карактеризираат тензии и вербална војна откако властите во Германија на бројната тамошна турска заедници ѝ го откажаа одржувањето на трите собири за поддршка на референдумот со кој во Турција треба да бидат зголемени овластувањата на претседателот на земјата а на кои треба да учествуваат турски министри,
Германија ја има најбројната турска дијаспора во светот, од околу три милиони граѓани. Во Германија, исто така, е и бројна курдската заедница, со повеќе од милион припадници, која се противи на актуелната турска власт.
Владата на канцеларката Ангела Меркел последните месеци повеќепати ја повика турската заедница да не ги увезува судирите кои ја потресуваат Турција на територијата на Германија. Германските функционери ги негираат политичките мотиви за откажувањето на собирите./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Уапсени двајца тинејџери во Франција: планирале терористички напад
Двајца 16-годишници беа уапсени претходно оваа недела во северна Франција под сомнение за планирање напади врз трговски центар или концертна сала, соопшти канцеларијата на францускиот обвинител за антитероризам во петокот.
Апсењата спречија планиран напад, соопшти канцеларијата, пренесува Ројтерс.
Обвинителот за антитероризам рече дека еден од двајцата малолетници почнал да следи џихадистичка пропаганда. Имињата на уапсените не беа објавени.
Европа
Мерц реизбран за лидер на ЦДУ
Германската владејачка партија, Христијанско-демократската унија (ЦДУ), денес го реизбра Фридрих Мерц за свој лидер.
Мерц беше поддржан од 878 од 963 членови на партијата на националната партиска конференција во југозападниот град Штутгарт.
Резултатот е негов втор најдобар досега.
Во 2022 година, тој беше избран со 94,6 проценти од гласовите на онлајн партиска конференција, а подоцна беше потврден со гласање по пошта со 95,3 проценти од гласовите. Во 2024 година, тој доби 89,8 проценти од гласовите.
Дводневниот партиски состанок доаѓа на почетокот на предизвикувачка година за ЦДУ, која се соочува со избори во пет федерални држави во март и септември.
Според анкетите, крајната десница ги надминува конзервативците во две источни држави.
Мерц на митингот изјави дека ЦДУ мора „да спречи враќање на крајнодесничарскиот радикализам на власт во федералните држави на Германија“.
Европа
Уште тројца скијачи загинаа во лавини во Австрија
Уште тројца скијачи загинаа во лавини во Австрија денес, соопштија властите, во најновиот смртоносен инцидент оваа зима.
Две лица се пронајдени мртви по лавина во скијачкиот центар Санкт Антон ам Арлберг.
„Жртвите беа извлечени од снегот, но не беше можно да се спасат“, изјави портпаролот на полицијата. Уште три лица се повредени. Властите првично не дадоа никакви детали за идентитетот, возраста или националноста на жртвите.
Претходно, 42-годишен германски скијач загина во лавина во тиролскиот скијачки центар Наудерс. Мажот скијал надвор од стазата со својот 16-годишен син, кој преживеал со сериозни повреди, соопшти полицијата. Тие се обидувале да ја преминат северната падина кога се откинала плоча од снег широка околу 400 метри, носејќи ги околу 200 до 300 метри надолу.
До 40 сантиметри свеж снег паднале во делови од Тирол во последните денови. Властите предупредија дека ризикот од понатамошни лавини останува висок. Само во среда во Тирол беа регистрирани повеќе од 30 лавини.

