Европа
Командантот на поморските сили на Украина мина на страната на Крим
Командантот на военопоморските сили на Украина, контраадмиралот Денис Березовскиј во неделата изјави дека се заколнал на верност на народот на Крим
„Јас, Березовскиј Денис Валентинович, се колнам на верноста на кримскиот народ и се обврзувам да го заштитувам, како што бара уставот”, изјавил Березовскиј на прес-конференција во Севастопол, пренесе РИА Новости.
Изјавата на кримскиот премиер Сергеј Аксенов и заклетвата на Березовскиј биле дадени во Севастопол како резултат на трипартитната средна на којашто учествувал и командантот на Црноморската флота на Русија, Александар Витко.
Претходно во неделата Русија и властите на Крим постигнаа договор за заедничка заштита на објектите на руската Црноморска флота. Набрзо потоа, привремениот премиер на Украина, Арсениј Јаценјук повика „да се повлечат војските” од автономијата.
Интересно е што контраадмиралот Березовскиј беше поставен на команданта функција во саботата со указ на вршителот на должноста украински претседател Олександр Турчинов.
Претходно во неделата имаше спротиставени информации од руска и украинска страна за наводни масовни преминувања на украински војници од базите на Крим на страната на одредите за самоодбрана, што новите власти во Киев одлучно го демантираа наведувајќи дека станува збор за шпекулации на странски медиуми, како и дека командантите на воените единици дислоцирани на Крим изразиле лојалност на вооружените сили на Украина.
Малку пред прес-конференцијата на контраадмиралот Березовски, Сергеј Аксенов, премиерот регионалната влада на Крим, јужна украинска област во која доминира русофонското население и е седиштето на руската Црноморска флота, изјави дека украинските војници „масовно ја изразуваат својата поддршка за законски избраната власта на Автономната Република Крим”.
„Благодарен сум им за патриотизмот. Воените лица се посебен вид. Тие особено јасно ја знаат опасноста од воени дејствија и јас сум сигурен дека заедно со нас ќе сторат сѐ што е возможно за да не дозволат крвопролевања, отрезнувајќи ги политичарите коишто сега се најдоа во Киев”, изјавил Асенков,
„Сакам да ги предупредам командантите кои ги ставаат своите војници во нелегални дејствија, дека во однос на нив ќе бидат преземени активности определени со законите. Секој што нема да ги почитува, ќе биде одговорен во целост според законот за кривични постапки”, се додава во писмената изјава на премиерот на Крим, кој беше избран од регионалниот парламент минатата седмица, но не го признаваат новите власти во Киев.
Во Украина на 22-ри февруари, еден ден по потпишаниот договор за надминување на тримесечната украинска криза меѓу претседателот Виктор Јанукович и тројцата челници на опозицијата со сведочење на шефовите на дипломатиите на Германија, Франција и Полска, парламентот го отстрани од должноста Јанукович, и покрај договорот за формирање влада на национално единство и распишување предвремени парламентарни и претседателски избори.
Откако подоцна украинскиот парламент го укина законот за употреба на јазиците на малцинствата, а рускито на ниво на земјата е мајчин за 29,7 отсто, Автономната република Крим и градскиот совет на Севастопол одбија да го признаат легитимитетот на новите украински власти. По обидот да се постави влада којашто ќе биде блиска до новото раководство во Киев и протестот на кримските Татари кои ги повикаа украинските власти да воспостават своја регионална власт.
Потоа беше именуван за кримски премиер Сергеј Аксенов, кој ја повика Москва да помогне да се заштити руското население на Крим, по што Москва донесе одлука за можна употреба на војската за заштита на руските интереси и руското население на полуостровот, што ја предизвика најголемата меѓународна криза во последните децении слична на онаа од периодот на Студената војна./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Украина: Русите го нападнаа Харков, уништени се згради, меѓу повредените има и дете
Украина ги уништи сите 10 беспилотни летала во руски напад во текот на ноќта, но две лица се повредени, а станбени згради во регионот Харков беа зафатени од пожар, соопштија денеска украинските власти.
Воздухопловните сили на „Телеграм“ соопштија дека Русија лансирала и две противвоздушни наведувани ракети. Портпаролот на украинските воздухопловни сили во телевизиски пренос изјави дека руските ракети, најверојатно, биле насочени кон североисточниот град Харков.
Гувернерот на регионот Харков, Олех Синехубов, рече дека три станбени куќи биле запалени, а десетици биле оштетени како резултат на рускиот напад, чија цел, според него, биле и инфраструктурата и станбените области. На фотографиите што ги објави Синехубов на „Телеграм“ се гледаат големи пламени јазици од станбените згради.
„Две лица, меѓу кои и едно 11-годишно дете, се ранети во нападот и се на медицинска помош“, рече Синехубов на апликацијата „Телеграм“.
„Ројтерс“ сè уште не ја потврди независно оваа вест. Москва негира дека цели на цивили во овие „легитимни напади врз воената, енергетската и транспортната инфраструктура на Украина“.
Европа
Повредени двајца полицајци во Париз кога маж им го украл пиштолот и пукал во нив
Двајца полицајци се повредени во престрелка во полициската станица во Париз, кога на еден од нив му бил одземен пиштолот од маж кој претходно бил приведен поради напад со нож врз жена.
„Полицијата интервенираше и го донесе овде, во полициската станица, и тој потоа му го грабна пиштолот на полицаецот“, изјави началникот на полицијата Лорен Нунес.
Обвинителството соопшти дека еден од полицајците е во тешка состојба, пренесува „Монд“.
Полицијата возвратила, а напаѓачот се здобил со повреди во пределот на градниот кош, по што бил пренесен во болница.
Како што информираат од болницата, животот на напаѓачот не е во опасност.
Европа
Путин го избра премиерот
Рускиот претседател Владимир Путин предложи повторно именување на Михаил Мишустин за премиер во неговиот нов претседателски мандат, изјави утрово претседателот на Државната дума, долниот дом на рускиот парламент.
Откако Путин во вторникот положи заклетва за нов шестгодишен претседателски мандат, тамошната влада, според одредбите на рускиот Устав, поднесе оставка.
И додека во последните денови се шпекулираше дека може да има промени на некои важни и суштински позиции, а руските независни медиуми споменуваа евентуално заминување на Михаил Мишустин од премиерската позиција, Путин повторно го предложи за таа функција.
„Претседателот Владимир Владимирович Путин достави до Државната дума предлог за кандидатурата на Михаил Владимирович Мишустин за функцијата премиер. Денеска претставниците ќе донесат одговорна одлука за ова прашање во име на нивните гласачи“, изјави претседателот на Думата, Вјачеслав Володин на апликацијата Телеграм.
Ова е петти мандат на Путин на власт, а тој го номинираше Мишустин за премиер за прв пат во јануари 2020 година, кога Владата предводена од Дмитриј Медведев поднесе оставка по најавените важни уставни промени во политичкиот систем на земјата од страна на претседателот.
Мишустин, кој ќе зборува во Думата пред гласањето, мора да одговори како ќе реши низа задачи што Путин и ги постави на владата, вклучително и „зголемување на одбранбената способност на нашата земја“, рече Володин.