Европа
Абдеслам отпуштен од болница, нови детали за операцијата
Главниот осомничен за 13-ноемвриските терористички напади во Париз кога беа убиени 130 луѓе, Салах Абдеслам и еден од неговите соучесници, се отпуштени од болницата во Брисел, изјави градоначалникот на белгиската престолнина Иван Мајер.
„Двајцата осомничени терористи ја напуштија болницата Сен Пјер во Брисел“, напиша бриселскиот градоначалник Иван Мајер на Twitter. Притоа изразува благодарност до целиот персонал во спомнатата здравствена установа и до припадниците на белгиската полиција.
Во петокот попладнето во Брисел во емигрантското предградие Моленбек за време на рација беше уапсен еден од главните осомничени за терористичките напади во Париз ланскиот ноември, Салах Абдеслам. Во престрелката со полицијата, тој беше полесно ранет во ногата и префрлен во болница. Покрај него, уапсено е уште едно лице, кое исто така било рането во престрелката. Вториот полесно ранет во операцијата користело лажно име Амине Шукри.
Безбедносните служби сега очекуваат од Абдеслам да добијат информации за плановите на екстремната сунитска група Исламска држава, за нејзината структура, неговите контакти во Европа и во Сирија, како и податоци за мрежата за поддршка и информации за финансирањето на нивните активности.
Иследниците сакаат да открија и како мрежата, којашто дејствувала под заветот за молчење, го криела неколку месеци. Абдеслам, инаку е уапсен во квартот на само неколку стотини метри од домот на неговите родители.
Полициската акција во којашто беше уапсен Французинот Салах Абдеслам била изведена порано од предвиденото, откако во медиумите протекле информациите дека полицијата е на неговата трага, односно дека се откриени неговите отпечатоци од прстите во стан во Брисел во кој три дена претходно беше изведена рација. Во текот на три часа полицијата ја опколила сомнителната локација во бриселскиот кварт Моленбек и по неколку минути двајца осомничени биле фатени.
Четиримесечната потрага по главниот осомничен за терористичките напади од Париз била интензивирана кога во вторникот бил пребаран стан во бриселското предградие Форест во кој се пронајдени отпечатоци од прсти и ДНК на Абдеслам. Тогаш во полициската рација загина еден маж, а од станот успеале да побегнат двајца мажи за кои полицијата верува дека биле Абдеслам и Шукри.
Во петокот, според белгиските медиуми, полицијата пресретнала телефонски разговор кој потврдил дека Абдеслам се наоѓа во објект ан улицата Катр-Вен во Моленбек. Вкупно се уапсени пет лица во оваа операција, меѓу кои е и тричлено семејство, маж и две жени, кои го криеле најбараниот бегалец во Европа.
Потрагата по Абдеслам траеше околу четири месеци и ја водеа заедно француската и белгиската полиција. Францускиот претседател Франоса Оланд, претходно во петокот вечерта изјави дека очекува Белгија „што поскоро“ на Франција да ѝ го предаде Абдеслам.
„По Салех Абдеслам е издаден европски налог за апсење и не се сомневам дека француските правосудни власти многу брзо ќе упатат молба за израчување кое белгиските власти ќе го одобрат најбрзо што можат“, изјави Оланд на заедничката прес-конференција со белгискиот премиер Шарл Мишел во Брисел.
„Нормално е Абдеслам да биде предаден и дека француското правосудство ќе го води неговиот случај“, порача белгискиот министер за внатрешни работи Жан Жамбон за приватната телевизија u RTL-TVI. Нагласи дека најтешкото злосторство кое му се припишува на Абделсам е сторено во Франција.
Францускиот претседател и белгискиот премиер потврдија дека Салах Абдеслам е идентификуван, како и дека се уапсени и двајца негови соработници.
Оланд истакна дека многу повеќе лица отколку што претходно се претпоставуваше учествувале во нападите во Париз. Францускиот претседател најави дека во саботата претпладне во Елисејската палата ќе се одржи состанок на францускиот Совет за безбедност и вети продолжување на борбата против џихадистичките мрежи./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Британска компанија ги тужи „Фајзер“ и „Бионтек“: Ја украдоа нашата технологија за вакцина против Ковид
Британската фармацевтска компанија GlaxoSmithKline (GSK) денеска поднесе тужба пред федералниот суд во Делавер против американскиот Pfizer и германскиот BioNTech, тврдејќи дека тие ги прекршиле нејзините патенти за технологијата на гласник РНК (mRNA) во нивните вакцини против Ковид-19.
Вакцините Comirnaty на Pfizer и BioNTech ги прекршуваат иновациите на GSK заштитени со патент во mRNA вакцините, развиени „повеќе од десет години пред“ пандемијата на ковид-19, се вели во тужбата.
Патентите ја покриваат технологијата за пренос на нестабилна гласничка РНК во човечки клетки, која научниците почнаа да ја развиваат во 2008 година, а GSK стана сопственик кога го купи бизнисот со вакцини на Novartis во 2015 година, се додава.
Британската компанија бара парична отштета од Pfizer и BioNTech, вклучително и такси за патент, без да наведе износ.
Портпаролката на Pfizer во соопштението нагласи дека компанијата е „сигурна во својата позиција во однос на интелектуалната сопственост поврзана со Comirnaty“ и дека има намера „енергично да се брани“ од тврдењата на GSK. Портпаролот на BioNTech одби да ја коментира тужбата.
Портпаролот на GSK рече дека компанијата верува дека нејзините патенти „ја обезбедуваат основната технологија што се користи во mRNA вакцините на Pfizer и BioNTech против ковид-19“. GSK е „подготвен да ги лиценцира овие патенти под комерцијално разумни услови за да обезбеди пристап“ до вакцините.
Европа
(Видео) 19-годишна девојка во Украина се обидела да го продаде синот, барала 23.500 евра
Во украинскиот град Днипро, 19-годишна девојка се обидела да го продаде сопствениот двегодишен син, соопшти локалната полиција, пренесоа украинските медиуми.
Девојката наводно побарала еден милион гривни, што е околу 23.500 евра за своето дете. 19-годишната девојка наводно му го понудила детето на својот познаник и договорила средба со него. Во вторникот полицијата приведе маж додека носел пари на договорена локација.
Девојката наводно рекла дека не сака да се грижи за својот син, па решила да го продаде. Со парите што ги добила планирала да отвори сопствен бизнис.
Детето е земено во полиција и предадено на надлежните органи. Против неговата мајка е подигнато обвинение за трговија со луѓе.
Европа
Уапсени тројца мажи во истрагата за бруталното убиство на Хрват во Даблин
Уапсени се тројца мажи осомничени за убиството на 31-годишен Хрват, Јосип Штрок во Даблин минатиот месец, пишуваат ирските медиуми.
Тие се осомничени дека ги претепале Штрок, кој живеел и работел во Даблин, и неговиот пријател. Штрок почина од повредите на 3 април.
Неговиот пријател за хрватските медиуми изјавил дека биле во продавница и планирале да се дружат, кога група луѓе им кажала да почнат да зборуваат англиски.
„Немате почит кон нашата земја, ова е Ирска…“, изјави тој за Јутарњи. Тие влегле во автобусот и не забележале дека напаѓачите ги следат и биле нападнати одзади.
„Прво ме удрија со нешто, не знам дали беше шипка или палка. Ги прашав полицајците за деталите што ги виделе на видеото, а кои наводно ги имаат“, рече тој, додавајќи дека следното нешто се сеќава е кога се разбудил во болница.