Европа
Атина се обврза на низа реформи
Министрите за финансии на еврозоната се договорија во петокот на вонредниот состанок во Брисел за продолжување на програмата за надворешна финансиска помош за Грција за уште четири месеци, со тоа што до понеделник или вторник Атина треба да ги претстави чекорите што ќе ги преземе.
Во заедничката изјава Советот на министрите за финансии на земјите од еврозоната – Еврогрупата, се истакнува дека „грчките власти најдоцна до понеделник 23-ти февруари треба да го изложат првиот список од реформските мерки“. Потоа „институциите“ ќе ја дадат својата првична оцена, дали тие мерки се доволно сеопфатни. Изразот „институции“ сега се користи наместо досегашниот „тројката“, кој многу и’ пречеше на Грција, којашто ја сочинуваат Европската комисија, Европската централна банка (ECB) и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ).
Договорот ќе важи само доколку грчкиот документ добие зелено светло на почетокот од следната седмица, или како што изјави претседателот на Еврогрупата, Јероен Дијлселблом, во понеделник или најдоцна до вторник наутро. Во спротивно, грчкото барање за продолжување на програмата ќе биде закопано, што го призна и грчкиот министер за финансии, Јанис Варуфакис. „Доколку нашиот предлог не биде прифатен, договорот е мртов. Но, тоа нема да се случи“, рече Вариуфакис на прес-конференцијата по завршувањето на вонредната седница на Еврогрупата, доцна ноќта во петокот.
Во заедничката изјава на министрите се наведува и дека грчките власти изразиле “силна приврзаност на поширокиот и подлабок реформски процес кој има цел трајно да го подобри растот и изгледите за вработувања, да осигури стабилност и отпорност на финансискиот сектор и да ја зголеми социјалната правда“.
Грчката влада, и покрај противењата, сепак направи значителни отстапки во однос на своите почетни позиции. „Грчките власти се обврзаа дека ќе се воздржат од отфрлањето на едностраните промени на политиките и структурните реформи, коишто негативно би влијаеле врз фискалните цели, економското заздравување или финансиската стабилност“, се истакнува натаму во заедничката изјава не Еврогрупата.
Грција, исто така, недвосмислено се обврзала дека ќе ги почитува своите финансиски обврски кон доверителите и ќе ги исполнува во целост и навремено. Кога станува збор за фискалниот суфицит, во изјавата се вели дека за оваа година, институциите ќе ги земаат предвид економските околности, со што делумно е почитувано барањето на Атина. Според досегашната програма за помош, Грција за оваа година требаше да има буџетски суфицит од 3 отсто од бруто домашниот производ (БДП), кој треба да го поткрепи растот на нејзината економија.
Еврозоната, од своја страна, се обврза дека ќе и’ дава на Грција поддршка сé додека таа не може повторно да се финансира на финансиските пазари и се додека ги почитува своите обврски во рамките на догореното.
Од Европската народна партија (ЕРР) веднаш се огласија со соопштение во кое го поздравуваат фактот дека „Грција ги прифаќа правилата на еврозоната“ и дека грчкиот премиер, инаку радикален левичар Алексис Ципрас, ќе мора на своите гласачи да им ја каже вистината./крја/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
(Видео) Украина почнува да го користи американскиот систем „Темпест“
Украина очигледно го распоредила најновиот американски противвоздушен ракетен систем „Темпест“ со краток дострел. Откритието доаѓа од видео објавено од Командата на воздухопловните сили на Украина на почетокот на оваа година, за кое аналитичарите велат дека го прикажува системот во акција.
Командата на воздухопловните сили на Украина го објави видеото како дел од својата новогодишна порака, на кое се гледа одбивањето на воздушен напад без никаква официјална најава или идентификација на новото оружје. Сепак, украинската аналитичка група „Водохраи“ подоцна објави дека видеото всушност го прикажува системот „Темпест“ како пресретнува руски дрон за време на ноќен напад.
Американската одбранбена компанија V2X ја претстави платформата „Темпест“ на изложбата на Здружението на армијата на Соединетите Американски Држави (AUSA) во октомври 2025 година, но трансферот на системот во Украина не е јавно објавен. Противвоздушниот ракетен систем „Темпест“ е дизајниран да се справи со беспилотни летала, хеликоптери и авиони што летаат ниско во сите временски услови.
Европа
Русија изврши уште еден голем напад со дронови во текот на ноќта
Русија изврши голем напад врз Украина преку ноќ со 156 ударни дронови од типот „Шахед“, „Гербера“ и други. Од вкупниот број, околу 110 летала беа дронови камикази од типот „Шахед“, информираше Командата на украинските воздухопловни сили, како што објави „Украинска правда“.
Според прелиминарните податоци објавени до 8 часот наутро, украинските сили за воздушна одбрана успеале да соборат или електронски да блокираат 135 руски ударни дронови. Одбраната дејствувала на широка област, опфаќајќи ги северните, јужните, источните и централните делови на земјата.
И покрај високата стапка на пресретнување, регистрирани се 16 погодоци на ударните дронови на вкупно 11 локации. Покрај тоа, остатоците од соборените дронови паднале на две места.
Воздухопловните сили, противвоздушните ракетни единици, средствата за електронско војување, единиците за беспилотни системи и мобилните противпожарни групи на украинските одбранбени сили учествувале во одбивањето на воздушниот напад. Властите предупредуваат дека нападот сè уште е во тек и дека неколку руски дронови сè уште се во украинскиот воздушен простор.
Европа
Туристи заглавија во Финска поради екстремно ниските температури
Илјадници туристи останаа заробени во северна Финска откако екстремно ниските температури ги приземјија авионите и принудно откажаа летови.
Температурите на аеродромот Китила во Лапонија паднаа на рекордно ниско ниво од -37°C во недела наутро, предизвикувајќи прекини во воздушниот сообраќај, објави Скај њуз.
Арктичкиот студ го погодува аеродромот со денови, што ги прави операциите на аеродромот, вклучително и клучното одмрзнување на авионите, речиси невозможни. Сепак, постои надеж за блокираните британски туристи, со летови до Манчестер и Лондон закажани за понеделник попладне. Успехот на тие летови останува неизвесен бидејќи метеоролозите предвидуваат дека температурите сепак ќе бидат околу -28°C.
Иако жителите на финска Лапонија се навикнати на сурови зими, овогодинешниот студен бран, кој погоди големи области на северна, централна и источна Европа, беше поинтензивен отколку во претходните години. Обилните снежни врнежи, силните ветрови и заледените патишта го направија патувањето опасно низ овој дел од континентот.
Во Германија, патниците со железнички превоз доживеаја големи доцнења и откажувања во неделата откако националниот оператор „Дојче Бан“ ги запре сите услуги на северот од земјата. Властите во Северна Рајна-Вестфалија, најнаселената покраина во Германија, објавија дека сите училишта ќе бидат затворени во понеделник поради ниските температури, а наставата ќе се одржува преку интернет.
Во балтичките земји Естонија и Литванија, возачите беа повикани да ги одложат сите непотребни патувања поради прогнозираните снежни бури. Соседна Латвија, исто така, издаде предупредување за снег за западниот дел од земјата.

