Европа
Една година по Мајдан, Јанукович најавува враќање во Украина
Соборениот украински претседател Виктор Јанукович кој пред една година по повеќемесечните протести во Киев и покрај потпишаниот договор за спроведување со прозападните тогаш опозициски челници на кој гаранти беа шефовите на дипломатиите на Германија, Франција и Полска, веќе следниот ден откако внесе уставни промени беше отстранет од должноста со гласање во парламентот само од пратениците на опозицијата, по што пребега во Русија стравувајќи за својот живот, во саботата изјави дека е подготвен да се врати во Украина доколку му биде дозволено за да помогне во надминувањето на кризата за којашто ја обвинува Европа.
„Господ ме сочува, па за нешто веројатно сум потребен… Штом ќе се појави можност да се вратам, ќе се вратам и ќе сторам сé што можам животот во Украина да стане подобар. А денес главна задача е да се сопре војната“, изјави поранешниот украински претседател Виктор Јанукович во интервјуто емитувано во саботата на руската телевизија во емисијата „Вести во сабота“.
„Не ми излегуваа од глава идеите како да се вратам и да го предводам протесното движење, но сите тие водеа во едно недвосмислено мнение за тоа дека доколку се вратам, непријателите ќе сторат сé да ме уништат. Моите соработници беа против да заминам за Украина. Настаните се одвиваа брзо, и жалам што не можев тоа да го сторам… но штом ќе има можност ќе се вратам“, рече Јанукович.
„Сметам дека нема власт што чини толку, колку што претрпе штети Украина по 21/22-ри февруари 2014 година (денот откако го потпиша договорот за решавање на кризата со тогаш опозициските челници Петро Порошенко, сега шеф на државата, Арсениј Јанценјук, сега премиер и Виталиј Кличко, сега градоначалник на Киев з.р.). Земјата е во урнатини, територијални загуби и човечки жртви. Беззаконие, неправда којашто царува во односите меѓу луѓето, тоа е резултатот кој го донесоа оние што дојдоа на власт во Украина“, изјави поранешниот претседател.
Според него, тој пред една година сторил сé „што е во негова моќ“. „Преговарав со опозицијата, договор предвремени претседателски и парламентарни избори, спроведов измена на Уставот, а на сето тоа гаранти беа министрите за надворешни работи на Германија, Франција и Полска“, потсетува Јанукович.
„Доаѓањето на тројцата европски министри во Киев беше значајно. Заедно со претседателот, задно со актуелната власт и опозицијата тие го подготвија соодветниот договор. Како тоа може да се нарече? Учество, или соучесништво? Во кое својство тие дојдоа? Впрочем, тие го иницираа тој процес, што значи дека тие се должни и да ја понесат одговорноста“, порача Јанукович.Јанукович беше соборен од власт минатиот февруари со бунтот и безредијата во кои загинаа сто лица во Киен, што беше поддржан од Западот, откако во ноември 2013 година реши привремено да го суспендира потпишувањето на Спогодбата за асоцијација и слободна трговија со ЕУ, образложувајќи го тоа со тешката финансиска состојба на Украина која така ќе го загубеше рускиот пазар и повластиците оценувајќи дека помошта што и’ ја ветија ЕУ и ММФ е недоволна да се спаси земјата од банкрот. Потоа потпиша договор за заем со Русија во вредност од 15 милијарди долари од кои 3 милијарди доби веднаш, коишто прозападните власти во Киев и денес не сакаат да ги вратат, како и многу пониска цена за рускиот природен гас покрај 100 долари претходен попуст на цената на гасот и 100-те милиони долари годишен наем за седиштето на руската Црноморска флота. Тој потоа побегна во Ростов на Дон, во Русија, откако стана јасно дека новите револуционерни власти ќе подигнат обвинение против него и неговото семејство, коко и поради можноста да биде убиен.
На барање на Киев Интерпол го стави Јанукович на меѓународна потерница, го сомничат за проневера и финансиски престапи, меѓутоа многу е веројатно дека Русија ќе го одбие таквото барање за негово предавање. Јанукович тврди дека не е вмешан во корупција, а жали што не може да се врати во татковината./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Британска компанија ги тужи „Фајзер“ и „Бионтек“: Ја украдоа нашата технологија за вакцина против Ковид
Британската фармацевтска компанија GlaxoSmithKline (GSK) денеска поднесе тужба пред федералниот суд во Делавер против американскиот Pfizer и германскиот BioNTech, тврдејќи дека тие ги прекршиле нејзините патенти за технологијата на гласник РНК (mRNA) во нивните вакцини против Ковид-19.
Вакцините Comirnaty на Pfizer и BioNTech ги прекршуваат иновациите на GSK заштитени со патент во mRNA вакцините, развиени „повеќе од десет години пред“ пандемијата на ковид-19, се вели во тужбата.
Патентите ја покриваат технологијата за пренос на нестабилна гласничка РНК во човечки клетки, која научниците почнаа да ја развиваат во 2008 година, а GSK стана сопственик кога го купи бизнисот со вакцини на Novartis во 2015 година, се додава.
Британската компанија бара парична отштета од Pfizer и BioNTech, вклучително и такси за патент, без да наведе износ.
Портпаролката на Pfizer во соопштението нагласи дека компанијата е „сигурна во својата позиција во однос на интелектуалната сопственост поврзана со Comirnaty“ и дека има намера „енергично да се брани“ од тврдењата на GSK. Портпаролот на BioNTech одби да ја коментира тужбата.
Портпаролот на GSK рече дека компанијата верува дека нејзините патенти „ја обезбедуваат основната технологија што се користи во mRNA вакцините на Pfizer и BioNTech против ковид-19“. GSK е „подготвен да ги лиценцира овие патенти под комерцијално разумни услови за да обезбеди пристап“ до вакцините.
Европа
(Видео) 19-годишна девојка во Украина се обидела да го продаде синот, барала 23.500 евра
Во украинскиот град Днипро, 19-годишна девојка се обидела да го продаде сопствениот двегодишен син, соопшти локалната полиција, пренесоа украинските медиуми.
Девојката наводно побарала еден милион гривни, што е околу 23.500 евра за своето дете. 19-годишната девојка наводно му го понудила детето на својот познаник и договорила средба со него. Во вторникот полицијата приведе маж додека носел пари на договорена локација.
Девојката наводно рекла дека не сака да се грижи за својот син, па решила да го продаде. Со парите што ги добила планирала да отвори сопствен бизнис.
Детето е земено во полиција и предадено на надлежните органи. Против неговата мајка е подигнато обвинение за трговија со луѓе.
Европа
Уапсени тројца мажи во истрагата за бруталното убиство на Хрват во Даблин
Уапсени се тројца мажи осомничени за убиството на 31-годишен Хрват, Јосип Штрок во Даблин минатиот месец, пишуваат ирските медиуми.
Тие се осомничени дека ги претепале Штрок, кој живеел и работел во Даблин, и неговиот пријател. Штрок почина од повредите на 3 април.
Неговиот пријател за хрватските медиуми изјавил дека биле во продавница и планирале да се дружат, кога група луѓе им кажала да почнат да зборуваат англиски.
„Немате почит кон нашата земја, ова е Ирска…“, изјави тој за Јутарњи. Тие влегле во автобусот и не забележале дека напаѓачите ги следат и биле нападнати одзади.
„Прво ме удрија со нешто, не знам дали беше шипка или палка. Ги прашав полицајците за деталите што ги виделе на видеото, а кои наводно ги имаат“, рече тој, додавајќи дека следното нешто се сеќава е кога се разбудил во болница.