Европа
Австрија: Крајната десница и Зелените во вториот круг од претседателските избори
Норберт Хофер, кандидатот на крајно десната Слободарска партија на Австрија (FPOe), која се противи на миграцијата, оствари во неделата неочекувана победа во првиот круг од претседателските избори, а во вториот круг ќе му конкурира Александер Ван дер Белен кого го поддржуваат Зелените, покажаа прелиминарните неофицијални резултати.
Норберт Хофер, 45-годишен, освоил 35,5 отсто од гласовите, остварувајќи го најдобриот изборен резултат на партијата FPOe на избори на национално ниво во Австрија. „Ова е почеток на новата политичка ера“, изјави Ханс-Кристијан Штрахе, челник на партијата.
Резултатите покажуваат „извонредно незадоволство“ од големата владејачка коалиција меѓу социјалдемократите и конзервативците, коментира AFP. Партијата FPOe жестоко ја критикува владата поради тоа што минатата година дозволи во земјата да влезат 90.000 баратели на азил. Дополнително, Австријците се соочуваа со слабиот економски раст и сé поголемата невработеност.
Александер Ван дер Белен во вториот круг, кој ќе се одржи на 22-ри мај, влезе со 21,1 отсто од гласовите., а на третото место е единствената жена кандидат поранешната судијка во Уставниот суд Ирмгард Грис со 18,8 отсто од гласовите.
Зад нив, како и што предвидуваа предизборните анкети, се најдоа кандидатите на големите етаблирани партии кои последните децении владеат со Австрија. Кандидатот на владејачката Социјалдемократска партија на Австрија (SPOE), Рудолф Хундестрорфер освои 11 отсто, а кандидатот на Народната партија OEVP, Андреас Кол исто толку.
„Тоа беше гласање против системот. Луѓето се несреќни од начинот на кој функционира демократијата“, изјави политичкиот аналитичар Томас Хофер.
Сегашниот претседател, 77-годишниот Хајнц Фишер, не можеше да се кандидира по двата шестгодишни мандата. Тој ќе ја извршува должноста до јули годинава, кога треба да се одржи церемонијата на инаугурација на новиот австриски претседател.
Претседателската функција во Австрија главно има церемонијален карактер и ја нарекуваат „функција на највисок службеник во државата“.
Норберт Хофер е воздухопловен инженер кој на крајната десница ѝ се приклучил доста млад, пред две децении, и полека од регионалната политика во Градишче успеа да стаса до националното ниво. Во сојузниот парламент е од 2006 година и во моментов е негов потпретседател. Хофер во јавноста е познат како „пријателското лице на FPOe, спротивно од агресивниот лидер Штрахе. Сепак, Хофер има голем удел во партиската платформа која се оценува како главно антидоселеничка.
Татко е на четири деца и се движи со помош на бастун, што е последица на сериозна повреда по параглајдерска несреќа.
Ван дер Белен е реномиран економист кој во политички води влегува откако ја навршил 50-та. Беше претседател на партијата Зелени до 2008 година. Важи за мирен и одмерен реторичар што му го донесе угледот и пошироко од левиот политички спектар.
Овој пасиониран пушач се кандидираше како независен кандидат за да привлече што повеќе избирачи, но кампањата му ја финансираат и организираат Зелените./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Украина: Русите го нападнаа Харков, уништени се згради, меѓу повредените има и дете
Украина ги уништи сите 10 беспилотни летала во руски напад во текот на ноќта, но две лица се повредени, а станбени згради во регионот Харков беа зафатени од пожар, соопштија денеска украинските власти.
Воздухопловните сили на „Телеграм“ соопштија дека Русија лансирала и две противвоздушни наведувани ракети. Портпаролот на украинските воздухопловни сили во телевизиски пренос изјави дека руските ракети, најверојатно, биле насочени кон североисточниот град Харков.
Гувернерот на регионот Харков, Олех Синехубов, рече дека три станбени куќи биле запалени, а десетици биле оштетени како резултат на рускиот напад, чија цел, според него, биле и инфраструктурата и станбените области. На фотографиите што ги објави Синехубов на „Телеграм“ се гледаат големи пламени јазици од станбените згради.
„Две лица, меѓу кои и едно 11-годишно дете, се ранети во нападот и се на медицинска помош“, рече Синехубов на апликацијата „Телеграм“.
„Ројтерс“ сè уште не ја потврди независно оваа вест. Москва негира дека цели на цивили во овие „легитимни напади врз воената, енергетската и транспортната инфраструктура на Украина“.
Европа
Повредени двајца полицајци во Париз кога маж им го украл пиштолот и пукал во нив
Двајца полицајци се повредени во престрелка во полициската станица во Париз, кога на еден од нив му бил одземен пиштолот од маж кој претходно бил приведен поради напад со нож врз жена.
„Полицијата интервенираше и го донесе овде, во полициската станица, и тој потоа му го грабна пиштолот на полицаецот“, изјави началникот на полицијата Лорен Нунес.
Обвинителството соопшти дека еден од полицајците е во тешка состојба, пренесува „Монд“.
Полицијата возвратила, а напаѓачот се здобил со повреди во пределот на градниот кош, по што бил пренесен во болница.
Како што информираат од болницата, животот на напаѓачот не е во опасност.
Европа
Путин го избра премиерот
Рускиот претседател Владимир Путин предложи повторно именување на Михаил Мишустин за премиер во неговиот нов претседателски мандат, изјави утрово претседателот на Државната дума, долниот дом на рускиот парламент.
Откако Путин во вторникот положи заклетва за нов шестгодишен претседателски мандат, тамошната влада, според одредбите на рускиот Устав, поднесе оставка.
И додека во последните денови се шпекулираше дека може да има промени на некои важни и суштински позиции, а руските независни медиуми споменуваа евентуално заминување на Михаил Мишустин од премиерската позиција, Путин повторно го предложи за таа функција.
„Претседателот Владимир Владимирович Путин достави до Државната дума предлог за кандидатурата на Михаил Владимирович Мишустин за функцијата премиер. Денеска претставниците ќе донесат одговорна одлука за ова прашање во име на нивните гласачи“, изјави претседателот на Думата, Вјачеслав Володин на апликацијата Телеграм.
Ова е петти мандат на Путин на власт, а тој го номинираше Мишустин за премиер за прв пат во јануари 2020 година, кога Владата предводена од Дмитриј Медведев поднесе оставка по најавените важни уставни промени во политичкиот систем на земјата од страна на претседателот.
Мишустин, кој ќе зборува во Думата пред гласањето, мора да одговори како ќе реши низа задачи што Путин и ги постави на владата, вклучително и „зголемување на одбранбената способност на нашата земја“, рече Володин.