Европа
Австрија повикува ЕУ да испрати војници во Грција
Европската унија би требало да испрати група војници и цивили кои ќе ѝ помогнат на грчката гранична полиција, бидејќи европската агенција за границите Фронтекс е „пребавна“, изјави во понеделникот австрискиот министер за одбрана, Ханс Петер Доскозил.
Подоцна, неговиот портпарол за новинарите појасни дека австрискиот министер предлага „преодна мисија“ којашто ќе ги регистрира мигрантите во Грција или ќе ги враќа во матичните земји сé додека Фронтекс не биде целосно подготвен за спроведување на договорот меѓу Европската унија и Турција кој би требало да го запре натамошниот прилив на бегалци и мигранти во Европа.
„Фронтекс досега беше одговорен за заштитата на надворешните граници на ЕУ, но е пребавен поради својот начин на работење. Затоа предлагаме (…) да се изнајдат заеднички решенија низ соработка со министерствата за надворешни и за надворешни работи“, додаде австрискиот министер за одбрана, Ханс Петер Доскозил во текот на започнатата дводневна посета на соседна Словенија.
Додаде дека за предлогот ќе разговара на средбата на министрите за одбрана на централна Европа, којашто идната седмица ќе се одржи во австриската престолнина Виена.
ЕУ предложи сили со околу 4.000 луѓе под надзор на Фронтекс, кои ќе вклучуваат судии, преведувачи и граничари, за да ѝ се помогне на Грција во решавањето на илјадниците барања за азил.
Грција прими околу 43.000 мигранти и бегалци кои во понеделник и натаму пристигнуваа и покрај договорот меѓу ЕУ и Турција кој стапи на сила во неделата, 20-ти март, со кој треба да се спречи илегалниот прилив на мигранти во земјите на ЕУ.
Според договорот меѓу ЕУ и Турција, сите имигранти и бегалци, вклучително и Сиријците кои бегаат од војната, коишто илегално ќе влезат во Грција преку поморскиот пат од неделата 20-ти март па натаму, ќе бидат вратени во Турција по регистрирањето и разгледувањето на нивното барање за азил. За возврат, ЕУ ќе прими за секој вратен Сириец по еден директно од Турција, вкупно 72.000 луѓе. Покрај тоа, Турција ќе добие и двојно зголемена од првично договорената помош – вкупно 6 милијарди евра, забрзување на постапката за укинување на визите за нејзините државјани околу јуни и заживување и забрзување на турските пристапни преговори.
Појаснувајќи ја изјавата на Доскозил за посебните сили, неговиот портпарол рече дека „Тоа би требало да биде воена мисија на ЕУ за брзо спроведување на одлуките на Европскиот совет. Фронтекс мора да вработи 4.000 луѓе. Можеме да претпоставиме дека ќе биде потребно време додека Фронтекс не обезбеди толкав број луѓе“, додаде./крај/мф/сн
Извор: STA
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
(Видео) Украина почнува да го користи американскиот систем „Темпест“
Украина очигледно го распоредила најновиот американски противвоздушен ракетен систем „Темпест“ со краток дострел. Откритието доаѓа од видео објавено од Командата на воздухопловните сили на Украина на почетокот на оваа година, за кое аналитичарите велат дека го прикажува системот во акција.
Командата на воздухопловните сили на Украина го објави видеото како дел од својата новогодишна порака, на кое се гледа одбивањето на воздушен напад без никаква официјална најава или идентификација на новото оружје. Сепак, украинската аналитичка група „Водохраи“ подоцна објави дека видеото всушност го прикажува системот „Темпест“ како пресретнува руски дрон за време на ноќен напад.
Американската одбранбена компанија V2X ја претстави платформата „Темпест“ на изложбата на Здружението на армијата на Соединетите Американски Држави (AUSA) во октомври 2025 година, но трансферот на системот во Украина не е јавно објавен. Противвоздушниот ракетен систем „Темпест“ е дизајниран да се справи со беспилотни летала, хеликоптери и авиони што летаат ниско во сите временски услови.
Европа
Русија изврши уште еден голем напад со дронови во текот на ноќта
Русија изврши голем напад врз Украина преку ноќ со 156 ударни дронови од типот „Шахед“, „Гербера“ и други. Од вкупниот број, околу 110 летала беа дронови камикази од типот „Шахед“, информираше Командата на украинските воздухопловни сили, како што објави „Украинска правда“.
Според прелиминарните податоци објавени до 8 часот наутро, украинските сили за воздушна одбрана успеале да соборат или електронски да блокираат 135 руски ударни дронови. Одбраната дејствувала на широка област, опфаќајќи ги северните, јужните, источните и централните делови на земјата.
И покрај високата стапка на пресретнување, регистрирани се 16 погодоци на ударните дронови на вкупно 11 локации. Покрај тоа, остатоците од соборените дронови паднале на две места.
Воздухопловните сили, противвоздушните ракетни единици, средствата за електронско војување, единиците за беспилотни системи и мобилните противпожарни групи на украинските одбранбени сили учествувале во одбивањето на воздушниот напад. Властите предупредуваат дека нападот сè уште е во тек и дека неколку руски дронови сè уште се во украинскиот воздушен простор.
Европа
Туристи заглавија во Финска поради екстремно ниските температури
Илјадници туристи останаа заробени во северна Финска откако екстремно ниските температури ги приземјија авионите и принудно откажаа летови.
Температурите на аеродромот Китила во Лапонија паднаа на рекордно ниско ниво од -37°C во недела наутро, предизвикувајќи прекини во воздушниот сообраќај, објави Скај њуз.
Арктичкиот студ го погодува аеродромот со денови, што ги прави операциите на аеродромот, вклучително и клучното одмрзнување на авионите, речиси невозможни. Сепак, постои надеж за блокираните британски туристи, со летови до Манчестер и Лондон закажани за понеделник попладне. Успехот на тие летови останува неизвесен бидејќи метеоролозите предвидуваат дека температурите сепак ќе бидат околу -28°C.
Иако жителите на финска Лапонија се навикнати на сурови зими, овогодинешниот студен бран, кој погоди големи области на северна, централна и источна Европа, беше поинтензивен отколку во претходните години. Обилните снежни врнежи, силните ветрови и заледените патишта го направија патувањето опасно низ овој дел од континентот.
Во Германија, патниците со железнички превоз доживеаја големи доцнења и откажувања во неделата откако националниот оператор „Дојче Бан“ ги запре сите услуги на северот од земјата. Властите во Северна Рајна-Вестфалија, најнаселената покраина во Германија, објавија дека сите училишта ќе бидат затворени во понеделник поради ниските температури, а наставата ќе се одржува преку интернет.
Во балтичките земји Естонија и Литванија, возачите беа повикани да ги одложат сите непотребни патувања поради прогнозираните снежни бури. Соседна Латвија, исто така, издаде предупредување за снег за западниот дел од земјата.

