Европа
Ереван и Баку согласни за целосно примирје во Нагорно-Карабах

Договор за зацврстување на режимот на прекин на огнот во зоната на карабашкиот конфликт е постигнат на средбата од состанокот на претседателите на Ерменија и Азербејџан во австриската престолнина Виена со учество на шефовите на дипломатиите на Минската група на ОБСЕ, САД, Русија и Франција, објави ноќта кон вторникот кабинетот на ерменскиот претседател.
Дека претседателите на Ерменија, Серж Саргсјан, и на Азербејџан, Илхам Алиев, на виенскиот самит кој започна доцна вечерта во понеделникот се согласиле за неопходноста од целосен прекин на непријателствата во Наргорно-Карабах, чие ерменско мнозинство се бори за отцепување од азербејџанската територија, потврдил за агенцијата РИА и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, кој присуствуваше на средбата, заедно со американскиот државен секретар Џон Кери и шефот на француската дипломатија Жан-Марк Ејро.
Саргсјан и Алиев, исто така, се согласиле дека ќе го договорат терминот и местото на следниот нивен состанок во јуни и ќе ѝ овозможат на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) да состави план за примирјето и набљудувачка мисија во Нагорно-Карабах, додал Лавров.
Според него, „се чувствува желбата од двете страни да биде постигнат договор“, а Русија е подготвена да стори сé што е во нејзина моќ за да биде постигнат задоволувачки договор.
На средбата се разговарало за начините на излез од напнатата ситуација во зоната на карабашкиот конфликт. „Претставниците на земјите копретедатели на Минската група на ОБСЕ ја потврдија неопходноста од зајакнување на примирјето од 1994 и 1995 година“, соопшти кабинетот на Саргсјан.
„Договорено е да се преземат чекори за постојан мониторинг за нивното спроведување, како и наоѓање механизми за истражување на инцидентите, проширување на ингеренциите на канцеларијата на личниот претставник на актуелниот претседател на ОБСЕ, можното продолжување на преговарачкиот процес за решавање на конфликтот“, се наведува во соопштението на ерменското претседателство.
Во преговорите учествувале и претставниците на Минската група за регулирање на нагорно-карабашкиот конфликт, Американецот Џејмс Ворлик, Русинот Игор Попов и Французинот Пјер Андрие.
Од почетокот на судирите на 2-ри април и прогласувањето прекин на огнот на 5-ти април во кои загинаа 110 војници и цивили на двете страни, ова беше прва средба меѓу челниците на Ерменија и на Азербејџан. Досегашниот прекин на огнот овозможи запирање на борбите, но повремените престрелки и гранатирања уште се слушаат, а локалното население тврди дека има и жртви./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Русија: Полјаците не ни доставија никакви докази дека дроновите се од наше потекло

Москва тврди дека Полска не доставила никакви докази што покажуваат дека беспилотните летала што биле соборени во Полска се од руско производство.
Вршителот на должноста амбасадор на Русија во Полска, Андреј Ордаш, потврди за новинската агенција „РИА новости“ дека бил повикан од полското Министерство за надворешни работи по инцидентот.
Ова е првиот коментар на Русија по инцидентот, кој се случи преку ноќ.
Европа
Објавена фотографија од руски дрон во Полска

Порталот Defence24 објавува дека руски дрон е пронајден во градот Чешники, во близина на Замошќ и на 40-ина километри од границата со Украина.
Читател ја испратил фотографијата од леталото до редакцијата, а според неофицијални информации, станува збор за дрон од типот „Гербер“, кој Русија го користи за преоптоварување на украинската воздушна одбрана.
Во текот на ноќта Русија изврши масовен напад врз Украина, а повеќе од десет дрона влегоа во полскиот воздушен простор. Полската војска потврди дека оние што претставуваа директна закана биле соборени. Бројот и начинот на движење на леталото, според Defence24, укажуваат на намерна руска провокација.
фото: принтскрин
Европа
Објавена мапа од синоќешниот руски напад врз Украина: прикажани и дроновите што влегле во Полска

Украинските медиуми објавија мапа на која се прикажани беспилотните летала што учествуваа во синоќешните руски напади врз Украина. Главни цели беа Донбас и регионите Ивано-Франкивск, Лавов, Луцк, Одеса, Виница и Житомир. Некои од беспилотните летала го напуштија украинскиот воздушен простор и влегоа во Полска. Според украински извори, дури 14 руски беспилотни летала влегоа во Полска.
Полска потврди дека повеќе од десетина беспилотни летала влегле во нејзиниот воздушен простор за време на нападот врз Украина. Оние што претставуваа непосредна закана беа соборени, а во акцијата учествуваа и неколку холандски борбени авиони „Ф-35“.
Во Полска, во регионот Лублин, беспилотно летало удри во куќа, но немаше повредени. Во источна Полска, во градот Вирики, беспилотно летало или објект сличен на беспилотно летало удри во станбена куќа – покривот беше оштетен, но исто така немаше повредени.
Полскиот премиер Доналд Туск го опиша инцидентот како чин на агресија и нагласи дека НАТО реагирал активно вклучувајќи распоредување холандски борбени авиони и привремено затворање на аеродромите, вклучувајќи го и тој во Варшава.
фото: принтскрин