Европа
Европската екстремна десница одржа собир во Русија
Претставници на десетина партии од екстремната десница низ цела Европа во неделата одржаа собир во рускиот град Санкт Петербург, на кој ја изразија својата загриженост поради „ставовите на Западот во поглед на украинската криза“, пренесува порталот EurActiv.
Околу 150 членови на руските националистички и европските неонацистички партии, вклучувајќи ги грчката „Златна зора“ и германската Национална демократска партија, го осудија ставот на Западот за украинскиот конфликт и ги промовираа „традиционалните вредности“, пишува порталот.
Движењата на крајната десница низ Европа станаа гласни поддржувачи на рускиот претседател Владимир Путин и неговото справување со кризата во Украина, отфрлувајќи ги обвинувањата дека направиле „фаустовска зделка“ за да помогнат да се подобри сликата за Кремљ.
Иако Москва го смета управувањето во Украина како „фашистичко”, таа сепак продолжува да одржува тесни врски со десничарските движења во Европа.
„Не ги поддржваме санкциите против Русија во врска со конфликтот во Украина“, рекол Удо Воигт, пратеник во Европскиот парламент (ЕП) од редовите на германската Национална демократска партија.
„Неверојатно е колкаво е трпението на Русија и претседателот Путин во однос на агресивните политики на НАТО“, додал германскиот европратеник.
Организаторите на овој форум изјавиле дека целта била да се зацврстат врските меѓу партиите на екстремната десница низ Европа и да се формира една „заедничка агенда“.
„Овој собир е првиот чекор кон создавањето на новиот свет кој сме обврзани да го изградиме“, изјавил Фјодор Бируков, член на партија Родина (Татковина), организатор на овој настан.
„На овој форум гледам како на начин за одговор против либерализмот и она што се нарекува модернизам, уништувањето на традиционалните вредности, вклучувајќи христијанство преку модерниот свет“, изјавил поранешниот лидер на британската Народна партија, Ник Грифин.
„Русија е за традицијата и христијанството, и важно е поддржувачите на традициите од Русија, Европа и Америка да се обединат и да ги презентираат нашите идеи поефикасно пред јавноста“, додал тој.
Неделниот собир предизвика и осуда од либералната опозиција во Русија, а неколку демонстранти одржаа протести пред хотелот каде што се одржуваше собирот, и излегоа со транспаренти „Не за нацистите“, пишува AFP.
„Срамота е Русија да ги пречекува наследниците на Мусолини и Хитлер“, изјавила 57-годишната Наталија Герасимова, учесник во протестите против овој собир.
Во Русија пак периодов во тек се подготовки за големи прослави со кои во мај ќе се одбележи 70-годишнината од победата над Германија во Втората светска војна./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Украина: Русите го нападнаа Харков, уништени се згради, меѓу повредените има и дете
Украина ги уништи сите 10 беспилотни летала во руски напад во текот на ноќта, но две лица се повредени, а станбени згради во регионот Харков беа зафатени од пожар, соопштија денеска украинските власти.
Воздухопловните сили на „Телеграм“ соопштија дека Русија лансирала и две противвоздушни наведувани ракети. Портпаролот на украинските воздухопловни сили во телевизиски пренос изјави дека руските ракети, најверојатно, биле насочени кон североисточниот град Харков.
Гувернерот на регионот Харков, Олех Синехубов, рече дека три станбени куќи биле запалени, а десетици биле оштетени како резултат на рускиот напад, чија цел, според него, биле и инфраструктурата и станбените области. На фотографиите што ги објави Синехубов на „Телеграм“ се гледаат големи пламени јазици од станбените згради.
„Две лица, меѓу кои и едно 11-годишно дете, се ранети во нападот и се на медицинска помош“, рече Синехубов на апликацијата „Телеграм“.
„Ројтерс“ сè уште не ја потврди независно оваа вест. Москва негира дека цели на цивили во овие „легитимни напади врз воената, енергетската и транспортната инфраструктура на Украина“.
Европа
Повредени двајца полицајци во Париз кога маж им го украл пиштолот и пукал во нив
Двајца полицајци се повредени во престрелка во полициската станица во Париз, кога на еден од нив му бил одземен пиштолот од маж кој претходно бил приведен поради напад со нож врз жена.
„Полицијата интервенираше и го донесе овде, во полициската станица, и тој потоа му го грабна пиштолот на полицаецот“, изјави началникот на полицијата Лорен Нунес.
Обвинителството соопшти дека еден од полицајците е во тешка состојба, пренесува „Монд“.
Полицијата возвратила, а напаѓачот се здобил со повреди во пределот на градниот кош, по што бил пренесен во болница.
Како што информираат од болницата, животот на напаѓачот не е во опасност.
Европа
Путин го избра премиерот
Рускиот претседател Владимир Путин предложи повторно именување на Михаил Мишустин за премиер во неговиот нов претседателски мандат, изјави утрово претседателот на Државната дума, долниот дом на рускиот парламент.
Откако Путин во вторникот положи заклетва за нов шестгодишен претседателски мандат, тамошната влада, според одредбите на рускиот Устав, поднесе оставка.
И додека во последните денови се шпекулираше дека може да има промени на некои важни и суштински позиции, а руските независни медиуми споменуваа евентуално заминување на Михаил Мишустин од премиерската позиција, Путин повторно го предложи за таа функција.
„Претседателот Владимир Владимирович Путин достави до Државната дума предлог за кандидатурата на Михаил Владимирович Мишустин за функцијата премиер. Денеска претставниците ќе донесат одговорна одлука за ова прашање во име на нивните гласачи“, изјави претседателот на Думата, Вјачеслав Володин на апликацијата Телеграм.
Ова е петти мандат на Путин на власт, а тој го номинираше Мишустин за премиер за прв пат во јануари 2020 година, кога Владата предводена од Дмитриј Медведев поднесе оставка по најавените важни уставни промени во политичкиот систем на земјата од страна на претседателот.
Мишустин, кој ќе зборува во Думата пред гласањето, мора да одговори како ќе реши низа задачи што Путин и ги постави на владата, вклучително и „зголемување на одбранбената способност на нашата земја“, рече Володин.