Европа
Европските лидери без договор за наследниците на Ештон и Ромпуј
Шефовите на државите и владите на земјите членки на Европската унија (ЕУ) во средата во Брисел не постигнаа договор околу именувањето на кандидатите за најважните функции во Европската комисија (ЕК), и оваа одлука ја одложија до наредниот состанок, кој ќе биде одржан кон крајот на август.
Европските лидери не успеале да се договорат за наследникот на високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Кетрин Ештон, чиј мандат истекнува во октомври. Преговорите западнале во ќорсокак кога лидерите започнале да разговараат за најсериозниот кандидат за оваа функција, италијанската министерка за надворешни работи Федерика Могерина, навеле анонимни дипломати, пренесува Reuters.
Според белгиските медиуми, главната причина за блокадата биле земјите од источна Европа, бидејќи тие најпрво сакале да видат какви портфолија ќе им бидат назначени на нивните национални еврокомесари, а дури потоа да се гласа за двете најважни функции – високиот претставник за надворешна и безбедносна политика и претседателот на Европскиот совет.
Германската канцеларка Ангела Меркел изјави дека европските лидери на состанокот увиделе дека постои „меѓузависност“ на распределбата на портфолијата на еврокомесарите и двете најважни функции.
Жан-Клод Јункер, новиот претседател на Европската комисија, ја има должноста да ги назначи 27-те еврокомесари, со исклучок на претставникот за надворешна политика и безбедност, за чие назначување мора да има согласност и од ЕК и од Европскиот совет.
Меркел сепак нагласи дека во однос на ова, секоја земја членка има право на сопствено мислење. Европските лидери ќе се состанат кон крајот на август за да се договорат за пакетот на назначувања, а во меѓувреме, секоја земја членка ќе треба да предложи сопствени кандидати.
Меркел исто така потенцираше дека родовата распределба исто така има голема улога, но ги негирала тврдењата дека Германија ќе предложи друг кандидат, потврдувајќи дека конечниот избор на Берлин е сегашниот еврокомесар за енергетика, Гунтер Јотингер.
Откако Јункер ќе предложи распределба на портфолијата, тогаш европските лидери ќе ги изберат кандидатите кои ќе ги наследат Ештон и ван Ромпуј, потенцирала Меркел.
Според германската канцеларка, на состанокот во Брисел една работа била јасна, а тоа дека наследникот на Ештон ќе мора да дојде од редовите на Социјалистите и Демократите (SD). Францускиот претседател Франсоа Оланд исто така го потврдил ова.
„Сепак, во однос на изборот на претседател на Европскиот совет, работите сега се помалку јасни, а тоа мора да биде „личност која ќе може да собере консензус“, изјави Оланд.
Францускиот претседател потврди дека тој го поддржал назначувањето на италијанската министерка за надворешни работи, Федерика Могерини за наследник на Ештон, но призна дека немало консензус околу нејзиното назначување.
„Италијанскиот кандидат ја има мојата поддршка, но бараме заедничко решение“, рече Оланд.
Според Оланд, освен двете најважни функции, на 30 август најверојатно ќе биде назначен и новиот претседател на Еврогрупата./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Уапсени двајца тинејџери во Франција: планирале терористички напад
Двајца 16-годишници беа уапсени претходно оваа недела во северна Франција под сомнение за планирање напади врз трговски центар или концертна сала, соопшти канцеларијата на францускиот обвинител за антитероризам во петокот.
Апсењата спречија планиран напад, соопшти канцеларијата, пренесува Ројтерс.
Обвинителот за антитероризам рече дека еден од двајцата малолетници почнал да следи џихадистичка пропаганда. Имињата на уапсените не беа објавени.
Европа
Мерц реизбран за лидер на ЦДУ
Германската владејачка партија, Христијанско-демократската унија (ЦДУ), денес го реизбра Фридрих Мерц за свој лидер.
Мерц беше поддржан од 878 од 963 членови на партијата на националната партиска конференција во југозападниот град Штутгарт.
Резултатот е негов втор најдобар досега.
Во 2022 година, тој беше избран со 94,6 проценти од гласовите на онлајн партиска конференција, а подоцна беше потврден со гласање по пошта со 95,3 проценти од гласовите. Во 2024 година, тој доби 89,8 проценти од гласовите.
Дводневниот партиски состанок доаѓа на почетокот на предизвикувачка година за ЦДУ, која се соочува со избори во пет федерални држави во март и септември.
Според анкетите, крајната десница ги надминува конзервативците во две источни држави.
Мерц на митингот изјави дека ЦДУ мора „да спречи враќање на крајнодесничарскиот радикализам на власт во федералните држави на Германија“.
Европа
Уште тројца скијачи загинаа во лавини во Австрија
Уште тројца скијачи загинаа во лавини во Австрија денес, соопштија властите, во најновиот смртоносен инцидент оваа зима.
Две лица се пронајдени мртви по лавина во скијачкиот центар Санкт Антон ам Арлберг.
„Жртвите беа извлечени од снегот, но не беше можно да се спасат“, изјави портпаролот на полицијата. Уште три лица се повредени. Властите првично не дадоа никакви детали за идентитетот, возраста или националноста на жртвите.
Претходно, 42-годишен германски скијач загина во лавина во тиролскиот скијачки центар Наудерс. Мажот скијал надвор од стазата со својот 16-годишен син, кој преживеал со сериозни повреди, соопшти полицијата. Тие се обидувале да ја преминат северната падина кога се откинала плоча од снег широка околу 400 метри, носејќи ги околу 200 до 300 метри надолу.
До 40 сантиметри свеж снег паднале во делови од Тирол во последните денови. Властите предупредија дека ризикот од понатамошни лавини останува висок. Само во среда во Тирол беа регистрирани повеќе од 30 лавини.

