Европа
Фараж: Нападите во Париз и во Келн покажуваат зошто Британија треба да излезе од ЕУ
Смртоносните исламистички напади во Париз и масовните сексуални напади на новогодишната ноќ во Келн ја зајакнаа потребата Велика Британија да ја напушти Европската унија, изјави Најџел Фараж, еден од најистакнатите застапници за ткн Брекзит, залагајќи се за неопходноста од контрола на националните граници.
Проследен со овации Најџел Фараж, челникот на Партијата за независност на Велика Британија (UKIP), изјави во саботата на собир во рамките на кампањата за излегување на земјата од Европската унија дека европската политика на примање имигранти со малку проверки ги загрозила животите на сите оние кои живеат во 28-члената ЕУ.
Британскиот премиер Дејвид Камерон вети одржување референдум за британското членство во ЕУ, а гласањето може да се случи уште оваа година, или најдоцна до крајот на 2017 година, во зависност од текот на неговите преговори со европските челници за реформите на Унијата кои тој ги бара, а во моментов анкетите покажуваат дека резултатот би бил тесен.
„Голем поборник сум на помагањето на оние на коишто им е потребна помош ширум светот, но време е интересите на жените и мажите во нашите заедници да бидат ставени на прво место, а тоа можеме да го сториме само со враќање на контролата“, изјави Фараж.
Иако со години е симбол на евроскептицизмот во Британија, Фараж не успеа да освои место во парламентот на изборите во 2015 година, но се очекува дека ќе има главна улога во кампањата за Брекзитот или излегувањето на Велика Британија од Европската унија.
На собирот Фараж потсети дека двајца од осумте мажи кои го извршија на 13-ти ноември масакрот во Париз убивајќи 130 луѓе се влегле во Европа со фалсификувани документи со масата бегалци. Мажите обвинети за сексуалното насилство на новогодишната ноќ во Келн, додаде, за неколку години ќе имаат европски пасоши и може да влезат во Британија. Германската полиција за новогодишните насилства во повеќе градови ги обвини големите групи имигранти, повеќето од Северна Африка.
„Сега е уште посериозно“, изјави Фараж пред публика од околу две илјади луѓе на собирот во малото место Кетеринг во централна Англија, „Најдобриот начин да се осигуриме против идниот тероризам е да ја вратиме контролата над нашите граници. Европската унија направи голема голема грешка со својата политикана отворени врати за секој кој сака да дојде. Да се види што се случува со илјада млади мажи кои јавно сексуално ги злостауваат жените на улица претставуваше голем шок“, додаде.
На говорницата покрај Фараж се појави и поранешниот британски министер за одбрана Лиам Фокс од владејачката Конзервативна партија на премиерот Камерон, кој исто така учествува во кампањата за излегување од ЕУ./крај/мф/сн
Извор: Reuters
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Украина: Русите го нападнаа Харков, уништени се згради, меѓу повредените има и дете
Украина ги уништи сите 10 беспилотни летала во руски напад во текот на ноќта, но две лица се повредени, а станбени згради во регионот Харков беа зафатени од пожар, соопштија денеска украинските власти.
Воздухопловните сили на „Телеграм“ соопштија дека Русија лансирала и две противвоздушни наведувани ракети. Портпаролот на украинските воздухопловни сили во телевизиски пренос изјави дека руските ракети, најверојатно, биле насочени кон североисточниот град Харков.
Гувернерот на регионот Харков, Олех Синехубов, рече дека три станбени куќи биле запалени, а десетици биле оштетени како резултат на рускиот напад, чија цел, според него, биле и инфраструктурата и станбените области. На фотографиите што ги објави Синехубов на „Телеграм“ се гледаат големи пламени јазици од станбените згради.
„Две лица, меѓу кои и едно 11-годишно дете, се ранети во нападот и се на медицинска помош“, рече Синехубов на апликацијата „Телеграм“.
„Ројтерс“ сè уште не ја потврди независно оваа вест. Москва негира дека цели на цивили во овие „легитимни напади врз воената, енергетската и транспортната инфраструктура на Украина“.
Европа
Повредени двајца полицајци во Париз кога маж им го украл пиштолот и пукал во нив
Двајца полицајци се повредени во престрелка во полициската станица во Париз, кога на еден од нив му бил одземен пиштолот од маж кој претходно бил приведен поради напад со нож врз жена.
„Полицијата интервенираше и го донесе овде, во полициската станица, и тој потоа му го грабна пиштолот на полицаецот“, изјави началникот на полицијата Лорен Нунес.
Обвинителството соопшти дека еден од полицајците е во тешка состојба, пренесува „Монд“.
Полицијата возвратила, а напаѓачот се здобил со повреди во пределот на градниот кош, по што бил пренесен во болница.
Како што информираат од болницата, животот на напаѓачот не е во опасност.
Европа
Путин го избра премиерот
Рускиот претседател Владимир Путин предложи повторно именување на Михаил Мишустин за премиер во неговиот нов претседателски мандат, изјави утрово претседателот на Државната дума, долниот дом на рускиот парламент.
Откако Путин во вторникот положи заклетва за нов шестгодишен претседателски мандат, тамошната влада, според одредбите на рускиот Устав, поднесе оставка.
И додека во последните денови се шпекулираше дека може да има промени на некои важни и суштински позиции, а руските независни медиуми споменуваа евентуално заминување на Михаил Мишустин од премиерската позиција, Путин повторно го предложи за таа функција.
„Претседателот Владимир Владимирович Путин достави до Државната дума предлог за кандидатурата на Михаил Владимирович Мишустин за функцијата премиер. Денеска претставниците ќе донесат одговорна одлука за ова прашање во име на нивните гласачи“, изјави претседателот на Думата, Вјачеслав Володин на апликацијата Телеграм.
Ова е петти мандат на Путин на власт, а тој го номинираше Мишустин за премиер за прв пат во јануари 2020 година, кога Владата предводена од Дмитриј Медведев поднесе оставка по најавените важни уставни промени во политичкиот систем на земјата од страна на претседателот.
Мишустин, кој ќе зборува во Думата пред гласањето, мора да одговори како ќе реши низа задачи што Путин и ги постави на владата, вклучително и „зголемување на одбранбената способност на нашата земја“, рече Володин.