Европа
Франција: За сквернавењето на еврејските гробишта уапсени малолетници
Пет малолетници се уапсени и приведени во рамките на истрагата за сквернавењето на стотиците еврејски гробишта во источна Франција, најтешкиот ваков инцидент во последните 25 години, објави во понеделникот обвинителот во Саверне.
Еден од малолетниците, коишто се на возраст меѓу 15 и 17 години, во понеделникот претпладнето дал исказ, соопшти државниот обвинител Филип Вание. Ниеден од малолетниците, кои потекнуваат од ист региони, досега не бил во судир со законот или бил на некој начин казнуван.
Сквернавењето на стотиците еврејски гробови во Сар-Унион предизвика жестоки осуди од претставниците на француските власти и тамошната еврејска заедница, која инаку е најголемата во Европа со 550 илјади припадници, во атмосферата на нападот од саботата во данската престолнина Копенхаген врз еврејската синагога, ланскиот идентичен напад врз еврејски храм во Брисел, и особено речиси еден месец по исламистичките напади во Париз во кој една од целите беше еврејски супермаркет во кој беа убиени четворица Евреи.
Вкупно се оштетени 250 гробови од околу 400, прецизираше во понеделникот обвинителот Вание. На повеќето биле урнати надгробните обележја, а неколку гробови биле отворени. Додаде дека е уништен и споменикот на жртвите на депортацијата во концентрационите логори кој се наоѓал на влезот на гробиштата.
„Утрово едно момче се пријави во полицијата во Сар-Унион и рече дека учествувало во злосторството“, изјави Вание и додаде дека вкупно биле пет малолетници. Вандализмот го извршиле во четвртокот попладне.
Ова не е првпат истите еврејски гробишта во Сар-Унион да бидат цел на вандалски напад, во 1988 година биле превртени шеесетина еврејски надгробни споменици, а во 2011 година беа уништени 54 гробови. Сепак, ова е најтешкиот ваков инцидент во Франција откако во 1990 година скиндхедсите ги осквернавија еврејските гробишта во местото Карпентра.
Според податоците на Претседателскиот совет на еврејските институции во Франција, бројот на антисемитски инцидентите во оваа земја во 2014 година бил двојно зголемен во однос на претходната 2013-та, покрај зголемувањето од 130 отсто на случаите на физичко насилство врз припадниците на еврејската заедница./крај/мф/сн
Извор: AFP
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Украина: Русите го нападнаа Харков, уништени се згради, меѓу повредените има и дете
Украина ги уништи сите 10 беспилотни летала во руски напад во текот на ноќта, но две лица се повредени, а станбени згради во регионот Харков беа зафатени од пожар, соопштија денеска украинските власти.
Воздухопловните сили на Телеграм соопштија дека Русија лансирала и две противвоздушни наведувани ракети. Портпаролот на украинските воздухопловни сили во телевизиски пренос изјави дека руските ракети најверојатно биле насочени кон североисточниот град Харков.
Гувернерот на регионот Харков, Олех Синехубов, рече дека три станбени куќи биле запалени, а десетици биле оштетени како резултат на рускиот напад, чија цел, според него, била и инфраструктурата и станбените области. На фотографиите што ги објави Синехубов на Телеграм, се гледаат големи пламени јазици од станбените згради.
„Две лица, меѓу кои и едно 11-годишно дете, се ранети во нападот и се на медицинска помош“, рече Синехубов на апликацијата Телеграм.
Ројтерс сè уште не ја потврди независно оваа вест. Москва негира дека цели на цивили во овие „легитимни напади врз воената, енергетската и транспортната инфраструктура на Украина“.
Европа
Повредени двајца полицајци во Париз кога маж им го украл пиштолот и пукал во нив
Двајца полицајци се повредени во престрелка во полициската станица во Париз, кога на еден од нив му бил одземен пиштолот од маж кој претходно бил приведен поради напад со нож врз жена.
„Полицијата интервенираше и го донесе овде, во полициската станица, и тој потоа му го грабна пиштолот на полицаецот“, изјави началникот на полицијата Лорен Нунес.
Обвинителството соопшти дека еден од полицајците е во тешка состојба, пренесува „Монд“.
Полицијата возвратила, а напаѓачот се здобил со повреди во пределот на градниот кош, по што бил пренесен во болница.
Како што информираат од болницата, животот на напаѓачот не е во опасност.
Европа
Путин го избра премиерот
Рускиот претседател Владимир Путин предложи повторно именување на Михаил Мишустин за премиер во неговиот нов претседателски мандат, изјави утрово претседателот на Државната дума, долниот дом на рускиот парламент.
Откако Путин во вторникот положи заклетва за нов шестгодишен претседателски мандат, тамошната влада, според одредбите на рускиот Устав, поднесе оставка.
И додека во последните денови се шпекулираше дека може да има промени на некои важни и суштински позиции, а руските независни медиуми споменуваа евентуално заминување на Михаил Мишустин од премиерската позиција, Путин повторно го предложи за таа функција.
„Претседателот Владимир Владимирович Путин достави до Државната дума предлог за кандидатурата на Михаил Владимирович Мишустин за функцијата премиер. Денеска претставниците ќе донесат одговорна одлука за ова прашање во име на нивните гласачи“, изјави претседателот на Думата, Вјачеслав Володин на апликацијата Телеграм.
Ова е петти мандат на Путин на власт, а тој го номинираше Мишустин за премиер за прв пат во јануари 2020 година, кога Владата предводена од Дмитриј Медведев поднесе оставка по најавените важни уставни промени во политичкиот систем на земјата од страна на претседателот.
Мишустин, кој ќе зборува во Думата пред гласањето, мора да одговори како ќе реши низа задачи што Путин и ги постави на владата, вклучително и „зголемување на одбранбената способност на нашата земја“, рече Володин.