Европа
Германија на тешко болните им дозволува одгледување марихуана
Германскиот суд донесе одлука во вторникот дека лицата коишто трпат хронични болки можат да одгледуваат марихуана во терапевтски цели.
Пет лица со хронични болки се жалеа пред судот во Келн откако германскиот Сојузен завод за лекови и медицински апарати (BfArM) им го одби барањето за одгледувањето на растението вo домашни услов. Судот донесе одлука според којашто BfArM мора да преиспита три од барањата коишто ги одбил.Иако сите поднесувачи на жалбите можеле да купуваат и консумираат марихуана за терапевтска намена, тие сакале да одгледуваат свои растенија, бидејќи не можеле да си го дозволат лекот, а здравственото осигурување не им го покривало тој трошок. Судот во Келн одлучил дека тројца од поднесувачите на жалбите го исполнуваат условот за производство на лекот, имајќи предвид дека било „доволно сигурно“ дека трета страна нема да има пристап до растението и производот. „Ова не значи дека секој може да започне да одгледува марихуана дома, ова важи само за оние коишто се тешко болни и ништо друго не им помага“, изјави портпаролката на судот Стефани Зајферт, додавајќи дека одгледувањето останува противзаконска дејност за сите други. Келнскиот суд, исто така, истакна дека за секој поединечен случај ќе мора да се проценува дали се исполнуваат условите од страна на лицата коишто ќе бараат дозвола за одгледување марихуана во домашни услови и за свои потреби./крај/мф/сн
Извор: Reuters
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Околу 500 патници заглавени во авиони поради снег во Минхен
Околу 500 патници останале заглавени во авиони на аеродромот во Минхен, откако нивните летови биле откажани поради обилни снежни врнежи. Иако дел од авионите биле подготвени за полетување, патниците не можеле да се вратат во терминалот поради недостиг на автобуси и зафатени паркинг-позиции за авионите.
Повеќе од 100 летови планирани за четврток навечер биле откажани поради снегот, а дел од патниците ја поминале целата ноќ во леталата.
Лоша логистика и ограничен капацитет
Според портпарол на авиокомпанијата Луфтханза, дури и летовите што добиле специјални дозволи за ноќно полетување не можеле да тргнат. Како причина се наведува тоа што сите паркинг-места за авиони во близина на терминалот биле веќе зафатени, а капацитетот на автобусите за превоз на патници бил ограничен.
„Во тој момент сите паркинг-места кај терминалот беа исполнети, а бројот на автобуси е ограничен“, изјавил портпаролот, додавајќи дека организацијата на автобускиот превоз е во надлежност на аеродромот.
Летови кон повеќе европски и светски дестинации
Според информациите на Луфтханза, погодени биле летови кон Сингапур, Копенхаген, Гдањск, Грац и Венеција. Дури во раните утрински часови автобуси пристигнале и ги превезле патниците до терминалот.
Од аеродромот во Минхен кратко соопштиле: „Жалиме за непријатностите што настанаа“.
Студен бран во регионот
Ледениот бран изминатите денови го зафати и Виена, додека хаос беше пријавен и во Марибор, каде што голем број жители останаа без струја, а дел и без вода.
Поради состојбата, во поширокото подрачје на вториот по големина град во Словенија беше прогласена вонредна состојба.
Европа
Уапсени двајца тинејџери во Франција: планирале терористички напад
Двајца 16-годишници беа уапсени претходно оваа недела во северна Франција под сомнение за планирање напади врз трговски центар или концертна сала, соопшти канцеларијата на францускиот обвинител за антитероризам во петокот.
Апсењата спречија планиран напад, соопшти канцеларијата, пренесува Ројтерс.
Обвинителот за антитероризам рече дека еден од двајцата малолетници почнал да следи џихадистичка пропаганда. Имињата на уапсените не беа објавени.
Европа
Мерц реизбран за лидер на ЦДУ
Германската владејачка партија, Христијанско-демократската унија (ЦДУ), денес го реизбра Фридрих Мерц за свој лидер.
Мерц беше поддржан од 878 од 963 членови на партијата на националната партиска конференција во југозападниот град Штутгарт.
Резултатот е негов втор најдобар досега.
Во 2022 година, тој беше избран со 94,6 проценти од гласовите на онлајн партиска конференција, а подоцна беше потврден со гласање по пошта со 95,3 проценти од гласовите. Во 2024 година, тој доби 89,8 проценти од гласовите.
Дводневниот партиски состанок доаѓа на почетокот на предизвикувачка година за ЦДУ, која се соочува со избори во пет федерални држави во март и септември.
Според анкетите, крајната десница ги надминува конзервативците во две источни држави.
Мерц на митингот изјави дека ЦДУ мора „да спречи враќање на крајнодесничарскиот радикализам на власт во федералните држави на Германија“.

