Европа
Германска десна партија бара затворање на границите за азилантите
Десничарката опозициска партија Алтернатива за Германија (AfD) објави во понеделникот дека Германија треба да ги затвори своите граници за барателите на азил кои сакаат да влезат преку сигурните трети земји, како и повторно да бидат воспоставени граничните контроли за да се сопре рекордниот прилив бегалци.
Германија, најголемата и најбогата европска економија со релативно либерални закони за азил и великодушни бенефиции, очекува повеќе од 800.000 баратели на азил до крајот на оваа година, што изнесува речиси еден отсто од нејзиното население. Тоа е далеку најголемиот број со кој се соочува една земја членка на Европската унија зафатена со бранот мигранти и бегалци во 2015 година.
Партијата партија Алтернатива за Германија (AfD), која во испитувањата на јавното мнение добива меѓу 3 и 4,5 отсто, објави програма во која се наведува дека „правото на барање азил во Германија треба да се укине“.
За да може „хаосот околу азилите да биде ставен под контрола“, во предлогот на AfD се истакнува дека барателите на азил своите барања би морале да ги поднесуваат во германските амбасади во земјите на нивното потекло или во институциите на ЕУ или на ОН. Доколку војна или други околности тоа го оневозможуваа, тогаш би морале да одат во германската амбасада во соседна земја. Секој обид за барање азил на германските граници треба да биде одбиен и на таквите лица треба да им биде оневозможено влегувањето во земјата, бара AfD.
Но владата на канцеларката Ангела Меркел се реши широкоградо да ги отвори границите на Германија и дозволува особено бегалците од Сирија да бараат азил, без разлика каде влегле прво во ЕУ, ставајќи ги надвор од сила вообичаените постапки и забрзувајќи го приливот мигранти на за западот и северот од граничните земји на Европската унија./крај/мф/сн
Извор: DPA
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Британска компанија ги тужи „Фајзер“ и „Бионтек“: Ја украдоа нашата технологија за вакцина против Ковид
Британската фармацевтска компанија GlaxoSmithKline (GSK) денеска поднесе тужба пред федералниот суд во Делавер против американскиот Pfizer и германскиот BioNTech, тврдејќи дека тие ги прекршиле нејзините патенти за технологијата на гласник РНК (mRNA) во нивните вакцини против Ковид-19.
Вакцините Comirnaty на Pfizer и BioNTech ги прекршуваат иновациите на GSK заштитени со патент во mRNA вакцините, развиени „повеќе од десет години пред“ пандемијата на ковид-19, се вели во тужбата.
Патентите ја покриваат технологијата за пренос на нестабилна гласничка РНК во човечки клетки, која научниците почнаа да ја развиваат во 2008 година, а GSK стана сопственик кога го купи бизнисот со вакцини на Novartis во 2015 година, се додава.
Британската компанија бара парична отштета од Pfizer и BioNTech, вклучително и такси за патент, без да наведе износ.
Портпаролката на Pfizer во соопштението нагласи дека компанијата е „сигурна во својата позиција во однос на интелектуалната сопственост поврзана со Comirnaty“ и дека има намера „енергично да се брани“ од тврдењата на GSK. Портпаролот на BioNTech одби да ја коментира тужбата.
Портпаролот на GSK рече дека компанијата верува дека нејзините патенти „ја обезбедуваат основната технологија што се користи во mRNA вакцините на Pfizer и BioNTech против ковид-19“. GSK е „подготвен да ги лиценцира овие патенти под комерцијално разумни услови за да обезбеди пристап“ до вакцините.
Европа
(Видео) 19-годишна девојка во Украина се обидела да го продаде синот, барала 23.500 евра
Во украинскиот град Днипро, 19-годишна девојка се обидела да го продаде сопствениот двегодишен син, соопшти локалната полиција, пренесоа украинските медиуми.
Девојката наводно побарала еден милион гривни, што е околу 23.500 евра за своето дете. 19-годишната девојка наводно му го понудила детето на својот познаник и договорила средба со него. Во вторникот полицијата приведе маж додека носел пари на договорена локација.
Девојката наводно рекла дека не сака да се грижи за својот син, па решила да го продаде. Со парите што ги добила планирала да отвори сопствен бизнис.
Детето е земено во полиција и предадено на надлежните органи. Против неговата мајка е подигнато обвинение за трговија со луѓе.
Европа
Уапсени тројца мажи во истрагата за бруталното убиство на Хрват во Даблин
Уапсени се тројца мажи осомничени за убиството на 31-годишен Хрват, Јосип Штрок во Даблин минатиот месец, пишуваат ирските медиуми.
Тие се осомничени дека ги претепале Штрок, кој живеел и работел во Даблин, и неговиот пријател. Штрок почина од повредите на 3 април.
Неговиот пријател за хрватските медиуми изјавил дека биле во продавница и планирале да се дружат, кога група луѓе им кажала да почнат да зборуваат англиски.
„Немате почит кон нашата земја, ова е Ирска…“, изјави тој за Јутарњи. Тие влегле во автобусот и не забележале дека напаѓачите ги следат и биле нападнати одзади.
„Прво ме удрија со нешто, не знам дали беше шипка или палка. Ги прашав полицајците за деталите што ги виделе на видеото, а кои наводно ги имаат“, рече тој, додавајќи дека следното нешто се сеќава е кога се разбудил во болница.