Европа
Германската полиција уапси тројца во Хемниц, најден експлозивот

Германската полиција уапсила во саботата тројца мажи во врска со потерата по Сириецот кој се сомничи дека планирал бомбашки напад, а во претходно во претрес на стан е најден експлозив во источногерманскиот град Хемниц, во сојузната германска покраина Сасонија.
Тројцата уапсени се осомничени дека се поврзани со 22-годишниот Сириец Џабер ал-Бакр, кој во земјата влегол минатата 2015 година како бегалец. Осомничениот побегнал во текот на полициската операција спроведена поради сомневања дека се подготвува бомбашки терористички напад, и по него е објавена потерница.
Двајца осомничени се уапсени во централната градска железничка станица, а третиот во близина на станот кој бил пребаруван, пренесува агенцијата DPA. Населбата Фриц-Хекерт и железничката станица беа отсечени со полициски кордони од саботата во текот на полициската операција.
„Експлозив со голема моќност е откриен во стан во Хемниц“, соопшти полицијата на сојузната држава Саксонија на Twitter, додавајќи дека од претпазливост морала да евакуира поголем дел од населбата во овој град, пренесува Reuters.
Претходно во саботата попладнето, полицијата соопшти дека во станот не била најдена експлозивна направа, но дека биле најдени траги од експлозив. Претходно претпладнето очевидци за германските медиуми изјавија дека се слушнала силна детонација, полицијата појасни дека експлозијата била со цел да се влезе во станот./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Мелони и Ердоган разговараа за претстојните руско-украински преговори во Истанбул

Италијанската премиерка Џорџа Мелони телефонски разговараше со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган за преговорите за прекин на огнот во Украина, кои треба да започнат во четврток во Истанбул, соопшти нејзиниот кабинет.
„Во светлината на подготвеноста на Турција да биде домаќин на мировни преговори меѓу Украина и Русија во Истанбул, двајцата лидери разговараа за дипломатските перспективи и ја повторија својата поддршка за праведен и траен мир во Украина“, се вели во соопштението.
Се додава дека Мелони му се заблагодарила на Ердоган за посветеноста на Турција на договорено решение кое ќе го заврши конфликтот во Украина, пренесува Анса.
За време на разговорот, Мелони изрази надеж дека Русија, како што направи Украина, ќе прифати целосно и безусловно 30-дневно примирје, „како конкретен знак на подготвеност за мир“.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, денес изјави дека руската делегација ќе ја чека украинската страна во Истанбул во четврток, но засега не е познато дали рускиот претседател Владимир Путин ќе учествува во преговорите.
Европа
Жерар Депардје прогласен за виновен за сексуален напад

Судот во Париз го прогласи францускиот актер Жерар Депардје за виновен за сексуален напад врз две жени на филмски сет во 2021 година во еден од најзначајните случаи на #MeToo што се појавиле пред судовите во Франција, објави Си-ен-ен.
Депардје, истакната личност во француското кино, постојано негира каква било вина за време на судењето, а неговиот адвокат побара отфрлање на обвиненијата.
На судењето тој изјави дека медиумите ги искористиле обвинувањата за да му го нарушат угледот. Тој го критикува движењето #MeToo.
„Ова движење ќе се претвори во терор“, рече тој.
Сепак, судијата Тиери Донард објаснувањето на Депардје за инцидентот го сметаше неубедливо.
Државното обвинителство побара од судот да му изрече условна казна затвор од 18 месеци на 76-годишниот Депардје и глоба од 20.000 евра.
Судењето на Жерар Депардје се смета за пресвртница за француската филмска индустрија, која со години беше обвинувана дека е бавна, па дури и отпорна на обвинувањата за злоупотреба од страна на жените.
Во извештајот на францускиот парламент објавен минатиот месец се заклучува дека сексуалното насилство и сексуалното вознемирување остануваат ендемски во француската забавна индустрија и дека жените и децата сè уште се редовно изложени на предаторско однесување.
Европа
Пожар избувна во куќата на британскиот премиер, уапсен млад човек

Дваесет и едногодишен маж е уапсен под сомнение дека го запалил домот на британскиот премиер Кир Стармер во северен Лондон. Полицијата се сомнева дека пожарот бил подметнат со намера загрозување на животот. Метрополитенската полиција потврди дека осомничениот е уапсен во раните утрински часови и е во притвор.
Апсењето е поврзано со три одделни пожари што се случија во северен Лондон во текот на изминатата недела: пожар на приватна адреса во Кентиш Таун, запалено возило и уште еден пожар на влезот во друга зграда.
Полицијата соопшти дека бидејќи куќата била поврзана со добро позната јавна личност, истрагата ја презел одделот за борба против тероризмот на метрополитенската полиција. „Во тек е истрага за да се утврди што го предизвикало пожарот“, соопшти полицијата. „Сите три пожари во овој момент се третираат како сомнителни“.
Иако Кир Стармер живее на Даунинг стрит како британски премиер, тој сè уште ја одржува својата приватна адреса во северен Лондон. Влезот во куќата беше оштетен, но немаше повредени.
Еден од жителите на улицата рече дека слушнал силен тресок што звучел како „молотов коктел“.
Портпаролот на лондонската противпожарна бригада потврди дека биле повикани поради мал пожар пред куќа во Кентиш Таун во понеделникот наутро. На местото на настанот беа испратени две противпожарни возила од локалната станица.
Кабинетот на премиерот соопшти дека Стармер им е благодарен на службите за итни случаи за нивниот брз одговор, но дека поради истрагата, која е сè уште активна, не може да даде дополнителни коментари.