Европа
Германски министер ги брани муслиманите додека растат тензиите
Во екот на огорченоста поради смртоносниот напад врз редакцијата на францускиот сатиричен весник Charlie Hebdo, германскиот министер за правда Хаико Маас застана во четвртокот во одбрана на муслиманите во неговата земја, порачувајќи дека тие на ниеден начин не се поврзани со насилства како она што се случи во Париз.
„Тоа беше напад на исламот. Огромно мнозинство муслимани во Германија тоа го сметаат за предавство на нивната вера и тоа го велат гласно и отворено“, изјави германскиот министер за правда Хеико Маас на прес-конференција во Берлин.
Неколку часа претходно беа објавени резултатите од истражувањето на јавното мнение кое покажуваат дека германските муслимани се отворени и демократски ориентирани, иако повеќето Германци ги сметаат за нелојални и опасни.
Маас ја одржа прес-конференцијата десет седмици по започнувањето на собирите на граѓанското движење Родољубиви Европејци против исламизацијата на Западот (Pegida), која германските политичари сакаат да го претстават како крајно десно ориентирано и стравуваат дека може да го искористи масакрот во Париз за нов масовен собир закажат традиционално за понеделник навечер во Дрезден, откако овој понеделник таму се собраа рекордни досега повеќе од 18.000 лица кои се противат на „исламизацијата на земјата“.
„Мнозинството тука во Германија треба да разбере дека тоа беа екстремисти, они коишто немаат ништо заедничко со исламот. Екстремисти има во секое општество“, изјави Маас, додавајќи дека тој, како и министерот за внатрешни работи сакаат да спречат „војна на културите“ во Германија.
Двајца челници на десничарската партија Алтернатива за Германија (AfD) којашто го поддржува движењето Pegida, претходно изјавија дека исламскиот тероризам е причина да се сопре доселувањето во земјата. Еден од нив Александер Гауланд, изјави дека нападот во Париз потврдуваат дека Pegida е во право со своите ставови. Челниците на AfD и Pegida се сретнаа во четвртокот во Дрезден за да разговараат за области во кои меѓусебно би можеле да соработуваат.
Од 81 милиони жители на Германија, најмалку четири милиони се муслимани, а дел од нив практично и не се верници, а станува збор во најголем дел за доселеници од Турција, а потоа и од арапските земји или за нивни потомци.
Според резултатите од анкетата на германската фондација Bertelsmann, германските муслимани кои учествувале во истражувањето ја поддржуваат својата земја и имаат широка мрежа контакти со немуслимани, и покрај растот на нетрпеливоста кон нив. Според анкетата, 90 отсто од муслиманите во Германија коишто се сметаат себеси за религиозни, сметаат дека демократијата е добар облик на уредување на општеството. Исто толкав процент изјавиле дека познаваат немуслимани и надвор од своето работно место, а половината велат дека нивните социјални профили се урамнотежени меѓу муслиманите и немуслиманите.
„Германија станала нивната татковина, и покрај тоа што ги погодува очигледно негативната слика што ја создаваат малцинските исламистички радикали“, изјави за агенцијата DPA Јасемин ел-Менур, експертка за исламот во фондацијата Bertelsmann.
Истражувањето, како што е наведено, било спроведено на репрезентативен примерок од 14.000 испитаници, но во ноември 2013 година.
Во Германија 63 отсто од оние коишто себеси се опишуваат како умерени муслимани или муслимански верници тврдат дека често ги преиспитуваат своите ставови и се подготвени да го променат мислењето, на пример во поглед на истоловите брачни заедници.
Меѓу немуслиманите во Германија, меѓи кои истражувањето било спроведено во ноември 2014 година, 57 отсто изјавиле дека исламот претставува закана, за разлика од 53 отсто колку што ги имало една година претходно. Околу 61 отсто од германските немуслимани сметаат дека исламот не може да се вклопи во германскиот начин на живеење./крај/мф/сн
Извор: DPA
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Снег, дождови и силни ветрови предизвикуваат проблеми низ Европа
И денеска во Европа различни екстремни временски услови создаваат големи проблеми: снег и откажани летови во Холандија, забрана за товарен сообраќај во североисточна Франција, отежнат сообраќај на траектите во Грција и жолто предупредување во Велика Британија за снег, обилни дождови и силни ветрови.
Холандија
Невремето денеска предизвикува откажување и одложување на летови на аеродромот Шипхол во Амстердам – четири летови се откажани, а четири се одложени. Железничкиот сообраќај исто така е погоден: пријавени се задоцнувања на повеќе линии, додека сообраќајот меѓу Мастрихт и Лиеж е запрен до утре вечер. Снежните врнежи се очекуваат прво во северните, централните и источните покраини, а потоа постепено ќе преминат во дожд.
Франција
Околу 700 возачи на камиони се заглавени на автопатот А36 на североистокот и на RN57 во департманот Дуб и Жира, поради снежните врнежи кои го погодија источниот дел од земјата. Патиштата се затворени за возила над 3,5 тони до утре. Минатата ноќ работеле само машини за чистење снег, а Црвениот крст им доставил храна за возачите на камиони.
Грција
Траектите денеска постепено продолжуваат со сообраќај, откако ветровите попуштиле. Повеќето линии започнале нормално да пловат од раното утро, особено од пристаништето Пиреј. Сепак, властите предупредуваат дека рути можат да бидат откажани поради брзо менливите временски услови. Снежни врнежи се очекуваат во северните и планинските области, а се прогнозира и нагло намалување на температурата.
Велика Британија
Во многу делови на земјата е во сила жолто предупредување за снег, силни ветрови, мраз, обилни врнежи и поплави. Ова се однесува на централна и североисточна Шкотска, од северно од Глазгов до Абердин, и е во сила до 14:00 часот денеска. Метеоролозите најавуваат можни силни дождови, силни ветрови и снег, но со благо зголемување на температурите.
Германија
По неколкудневната зимска бура „Ели“, ситуацијата денеска се подобрува. Метеоролошката служба ги укина претходните предупредувања за обилни врнежи. Снежните врнежи до вчера предизвикуваа откажување на возови, пролизгување на автомобили и опасен мраз на патиштата.
Европа
Студ, снег и мраз ја погодија Европа: 34.000 домаќинства без струја во Британија, Франција под портокалов метео-аларм
Метеоролозите предупредуваат дека Велика Британија треба да се подготви за нов бран студено време, снег и мраз за време на викендот, по силната бура „Горети“ што ја зафати земјата.
За поголемиот дел од Британија е издаден жолт метео-аларм за снег и мраз.
Бурата „Горети“ во петокот донесе обилни врнежи од дожд и снег, како и силни ветрови низ голем дел од земјата, поради што десетици илјади домаќинства останаа без електрична енергија. Според податоците на Националната електрична мрежа, околу 34.000 домаќинства на југозападот на земјата биле без струја околу 22 часот синоќа.
Силниот ветер соборувал дрвја, а дел од воздушниот сообраќај бил сериозно нарушен. Авиокомпанијата „Бритиш ервејз“ откажа околу 50 летови – 25 поаѓања и 27 слетувања на аеродромот „Хитроу“ во Лондон. Аеродромот во Бирмингем делумно ја затвори пистата и ги повика патниците да го проверат статусот на своите летови.
Поради лошите временски услови, затворени беа и бројни училишта – повеќе од 250 во Шкотска, над 150 во регионите Абердиншир, Мидлендс и Велс, како и во Северна Ирска.
Лошото време ја погоди и Франција. Националната метеоролошка служба „Метео Франс“ утрово стави шест департмани под портокалов метео-аларм поради снег и голомразица. Се најавуваат снежни врнежи од пет до 10 сантиметри, а возачите се предупредени на опасни и лизгави патишта.
Според француските власти, станува збор за изразен снежен бран кој може да предизвика сериозни проблеми во сообраќајот, особено во североисточниот дел од земјата. Температури под нулата, снег и силни налети на ветер беа причина за прогласување зголемена состојба на подготвеност.
Снежниот бран пристигнува од правец на Германија и земјите од Бенелукс, во зона погодена од остатоците на бурата „Горети“. Снегот ќе паѓа и на пониски надморски височини, од 200 до 300 метри.
Се очекува снежната покривка да достигне од седум до 10 сантиметри на височини од 300 до 400 метри, од 10 до 20 сантиметри меѓу 400 и 500 метри, додека во повисоките планински предели локално може да достигне и до 40 сантиметри.
Властите упатија апел до возачите на максимална внимателност, бидејќи во текот на ноќта од сабота кон недела се очекува дополнително опаѓање на температурите и зголемен ризик од создавање мраз на коловозите.
Европа
Растат цените на становите во ЕУ – Унгарија рекордер со зголемување од 275%
Во периодот од 2015 до крајот на 2025 година, цените на становите во ЕУ во просек пораснале за 63,6%, додека закупот на живеалишта се зголемил за 21,1%, покажуваат податоците на Евростат.
Додека кириите бележат стабилен раст без поголеми турбуленции, цените на становите имале осцилации, со периоди на застој и фази на екстремно брз раст.
Унгарија рекордер по поскапување
Кога се набљудуваат поединечни земји, Унгарија е апсолутен рекордер по поскапување, со раст на цените на становите од 2015 година од дури 275%.
Покрај Унгарија, цените се повеќе од удвоени во уште 11 земји, а на врвот на листата се Португалија, Литванија и Бугарија, каде порастот надминал 150%.
Единствена земја со поевтини станови
Финска е единствената земја каде цените на недвижностите денес се пониски отколку пред десет години, со благо намалување од 2%.
Во наведениот период, зголемување на станарините е забележано во сите членки на ЕУ, а најтешка е ситуацијата во Унгарија, каде кириите се зголемени за 107%, односно повеќе од удвоени.
Висок раст на трошоците за домување е забележан и во Литванија, Словенија, Полска и Ирска, каде станарите се соочуваат со поскапувања од над 70%, објави Евростат.

