Европа
Гробачев го поддржува ставот на Москва во врска со украинската криза
Последниот комунистички челник на поранешниот Советски сојуз, Михаил Горбачов, кој ужива голем углед на западот и честопати знае да упати критики на сметка на актуелниот руски претседател Владимир Путин, во саботата за агенцијата РСН изјави оти е убеден дека во моментов Русија води правилна политика во однос на она што во моментов се случува во соседна Украина.
„Доколку нашата земја се вмеша, тогаш ќе избувне пожар кој нема да може да го изгасне целиот свет. И исправно е што политичарите ги држат сегашните позиции“, рече Горбачов.
„Нашиот предлог беше да се отворат премини за да се извадат луѓето од сите тие котли. Некој, кој седи во удобната фотелја и размислува тоа го одби. А што е во истото тоа време се случува со луѓето, децата, жените? Се стрела врз породилишта, училишта, се уриваат домови. Две илјади луѓе според официјалните информации загинале, а ранети има уште повеќе“, вели последниот претседател на СССР.
„Мораме да сториме сé за да престане меѓусебното убивање, тоа е еден народ. Доколку се судрат државите, димензиите (на судирот) ќе се прошират, и ќе ги вклучи сите кои таму се присутни, и може да се создаде страшно боиште во Европа. Тоа не смееме да го дозволиме“, порача Горбачов.
Агенцијата Итар-Тасс потсетува и на изјавата на Михаил Горбачов дадена во март откако црноморскиот полуостров Крим на референдум изгласа да излезе од составот на Украина и да се присоедини на Руската Федерација, што западот го смета за нелегитимна анексија на украинска територија, кога рече дека „Изгласаа (референдумот). Луѓето го сакаат тоа, и треба да им се излезе в пресрет“.
Тогаш Горбачов рече дека главата причина за украинската криза ја гледа во „неуспехот на перестројката (неговата реформа на комунистичкиот систем во СССР), во безумното авантуристичко распаѓање на Советскиот сојуз“. „Јас се борев за зачувување на една држава со сите расположливи политички, истакнувам – политички средства“.
„И по разговорите со раководствата на Руската Федерација, Украина и Белорусија во Беловешка Гора, јас предупредував за опасноста од разурнувачките дејствија на тогашното руско раководство“, појасни Горбачов. „За жал, моите предупредувања не ги слушна Врховниот совет на Руската Федерација и со акламација го одобри уништувањето на Сојузот (СССР), а ни збор не рече за судбината на Крим и Севастопол“, додаде.
Со Беловежкиот договор од 8-ми декември 1991 година, потпишан во Вискули во Белорусија, официјална резиденција на СССР, беше создадена Заедницата на независни држави, а беше потпишан од челниците на земјите основачки на Советскиот сојуз, на Украина – Леонид Кравчук, на Белорусија – Станислав Шушкевич и на Руската Федерација – Борис Елцин. Со него всушност беше означено распаѓањето на СССР.
Во јануари годинава кога започнаа безредијата во Киев иницирани од прозападната опозиција откако поранешниот украински претседател Виктор Јанукович реши времено да го суспендира потпишувањето на Спогодбата за придружување и слободна трговија со ЕУ, Михаил Горбачов им се обрати и апелираше до рускиот и на американскиот претседател, Владимир Путин односно Барак Обама, заеднички да најдат разрешница за ситуацијата во Украина. „Не смееме да дозволиме Украинците да војуваат со Украинци. Тоа е страшен апсурд“, напиша Горбачов тогаш./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
16-годишно момче избодено во училиште во Германија
16-годишно момче е тешко повредено кога утрово околу 8 часот било избодено од тинејџер (17) во училиште во Нојкирхен-Влуин.
На нападот наводно му претходела вербална расправија.
Постариот ученик наеднаш извадил нож и го ранил 16-годишникот во горниот дел од телото.
Момчето итно било пренесено во болница, а лекарите велат дека неговата состојба е стабилна.
По прободувањето напаѓачот побегнал од училиштето, но полицијата брзо го лоцирала и го уапсила.
Според инспекторот, немало опасност по безбедноста на другите деца во училиштето.
Европа
Во Англија извикал „Алах Акбар“ и убил случаен минувач: „Го направив тоа за луѓето од Газа“
45-годишниот Ахмед Алид вчера беше прогласен за виновен за убиство и обид за убиство. На 15 октомври минатата година, барател на азил од Мароко со нож го уби 70-годишниот Теренс Карни во центарот на англискиот град Хартлпул. Тој претходно го избодел со нож својот заспан цимер Џавед Нури додека викал „Алах Акбар“.
Алид и рекол на полицијата дека сето тоа го направил „за луѓето од Газа“. Само осум дена пред да убие случаен минувач и да го рани својот цимер, милитантите на Хамас го нападнаа Израел. Алид се заколнал дека ќе убиел повеќе луѓе доколку имал митралез и друго оружје, изјави обвинителот Џонатан Сендифорд во Судот во Тесајд.
Алид делел куќа со други баратели на азил во североисточна Англија. Тој бил вознемирен што Нури го прифатил христијанството. Цимерите рекле дека Алид почнал да носи нож откако на телевизија видел прилог за настаните во Газа.
Европа
Крим главна цел: Пентагон откри за што Украина ќе ги користи моќните ракети АТАКМС
Министерството за одбрана на САД ја појасни целта за испорака на ракети со долг дострел во Украина, кои неодамна беа испорачани во тајност. Како што објави „Њујорк тајмс“, целта на испораката на американските ракети АТАКМС е да се зголеми притисокот врз Крим, кој беше анектиран од Русија по референдумот во 2014 година.
Крим го претставува центарот во кој се лоцирани голем број руски воздушни и копнени сили и кој досега, како што пишува американскиот дневен весник, „за нив бил релативно безбедно засолниште“. Ова го тврди анонимен американски функционер. Сепак, Пентагон одби да каже колку точно од овие проектили со дострел од 300 километри се испорачани на украинската страна.
Советникот за национална безбедност на Белата куќа, Џејк Саливан, претходно ја потврди испораката на овие ракети без да прецизира дали тие се модифицирани и имаат зголемен дострел.
Украинските сили веќе употребија АТАКМС, што претседателот Володимир Зеленски го потврди на 17 април, објавувајќи дека бил извршен напад врз воздухопловната база Џанкој, која се наоѓа на 165 километри од линијата на фронтот. Министерството за одбрана на Руската Федерација не ги коментираше овие наводи.
Pentagon reveals Ukraine’s targets for ATACMS missiles – NYT — (the usual baffling lack of retaliation threats from #Putin– instead just the usual bleating that ‘it’s impossible to justify’..Bring Stalin back to life please, Russia) https://t.co/8pi0Lx8tbt #CapeTown #SouthAfrica pic.twitter.com/ZtI5cG3r2m
— Peter Mayson (@theforeverman) April 26, 2024
Американскиот дневен весник потсетува дека Украина првпат добила ракети АТАКМС во септември минатата година, но дека станува збор за верзија со половина дострел. Се шпекулираше дека Украина можеби користела американски ракети за да го урне кримскиот мост, што на почетокот на месецов го потврди и самиот претседател Зеленски, велејќи дека неговата влада „навистина сака да го уништи мостот на Крим“.
Тој е симбол на руската окупација и преку овој мост Русија испорачува воена опрема и ги снабдува војниците во Украина. Во неколку наврати досега мостот беше цел на украински напади.
– Мислам дека е вистинското време, а шефот (Бајден) донесе одлука дека е вистинско време да и го обезбеди на Украина оружјето неопходно за тековната борба. Тоа е добро осмислена и многу конструктивна одлука – изјави адмирал Кристофер Грејди, заменик командант на Здружениот генералштаб на американската армија.
Руската страна го осуди потегот на САД, а рускиот амбасадор во Вашингтон Анатолиј Антонов рече дека тоа „ја зголемува заканата за безбедноста на Крим, вклучително и Севастопол и другите руски градови“.