Европа
Јункер сепак назначи комесар за проширување, Хан е наследник на Филе
Новиот претседател на Европската комисија (ЕК), Жан-Клод Јункер во својот тим на еврокомесари сепак назначи еврокомесар за проширување, односно на местото на досегашниот комесар Штефан Филе ќе дојде австрискиот политичар Јоханес Хан.
Претставувајќи го својот нов тим во средата во Брисел, Јункер потенцираше дека „Европската унија се наоѓа во еден од најчувствителните периоди од својата историја, и еден од најголемите предизвици е да се убедат европските граѓани дека ќе има промени“.
„Европските граѓани од нас очекуваат успех. По неколку години на тешки економски времиња и болни реформи, Европејците очекуваат успешна економија, работни места, социјална заштита, безбедни граници, енергетска безбедност и дигитални можности. Денес го претставувам тимот кој ќе ја врати Европа на патот кон растот и создавањето и на работни места. Во новата Европска комисија, формата ќе ја следи функцијата. Мораме да бидеме отворени за промени и да покажеме дека Комисијата може да се промени. Она што го презентирам пред вас е политичка, динамична и ефективна Европска комисија, подготвена да и даде нов почеток на Европа. Портфолијата ги поделив на луѓе, а не на земји. На теренот ставам 27 играчи, а секој од нив има посебна улога, ова е мојот победнички тим“, порача Јункер.
Тимот на Јункер ќе има седум потпретседатели, односно шест плус високата претставничка на Унијата за надворешна политика и безбедност, Федерика Могерини.
„Во новата Комисија нема првокласни или второкласни комесари – има лидери на тимот и играчи на тимот. Тие ќе работат заедно во духот на колегијалноста и ќе зависат меѓусебно. Сакам да претставам нов начин на соработка во областите каде Европа навистина може да направи промена“, додаде новиот претседател на Комисијата.
Шесте потпреседатели во Комисијата на Јункер се Холанѓанецот Франс Тимерманс, Бугарката Кристалина Георгиева, Естонецот Андрус Ансип, Словенката Аленка Братушек, Летонецот Валдис Домбровскис и Финецот Јурки Катаинен.
Портофолиото за внатрешен пазар, индустрија и претприемништво и е доделено на полската еврокомесарка Елжбита Биенковска, потоа портофлиото за економски прашања, оданочување и царина ќе му припадне на Французинот Пјер Московици. Чешката еврокомесарка Вера Журкова пак, ќе биде комесар за правда и родова еднаквост.
Грчкиот еврокомесар Димитрис Аврамопулос ќе биде задолжен за миграција, односно неговит приоритет ќе биде формирањето на нова политика во борбата против илегалната миграција.
Австриецот Јоханес Хан ќе го наследи Чехот Штефан Филе на функцијата еврокомесар за проширување, во обид да се продолжи процесот на преговорите за проширувањето, иако како што претходно порача Јункер, за време на неговиот петгодишен мандат ќе нема нови членки на Унијата.
Составот на Јункер во себе вклучува пет поранешни премиери, четворица вицепремиери, 19 поранешни министри, 7 претходни еврокомесари, и 8 поранешни европратеници. Овој тим ја има неопходната експертиза да се соочи со моменталните економски и геополитички предизвици, се вели во соопштението на Комисијата.
Она што сега преостанува за тимот на Јункер е да ја добие согласноста од Европскиот парламент, кои најпрво ќе ги ислуша кандидатите за комесари во соодветните парламентарни комитети, а откако Парламентот ќе даде согласност, тогаш Европскиот совет и формално ќе ја именува новата Европска комисија./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Данска ќе обезбеди четири борбени авиони Ф-35 за мисијата на НАТО во Арктикот
Данска ќе обезбеди четири борбени авиони Ф-35 за мисијата на НАТО „Арктички стражар“, изјави данскиот министер за одбрана Троелс Лунд Поулсен.
НАТО во среда објави дека ја започнал мисијата за зајакнување на своето присуство на Арктикот, како дел од напорите за намалување на тензиите во рамките на алијансата предизвикани од желбата на американскиот претседател Доналд Трамп да ја преземе контролата врз Гренланд од Данска.
„Нашиот придонес (со борбени авиони Ф-35) го зајакнува целокупното присуство во регионот и ја нагласува улогата на Данска како активен сојузник на Арктикот и Северниот Атлантик“, рече Поулсен во соопштението.
Министерот им рече на новинарите пред Минхенската безбедносна конференција дека очекува и САД да придонесат во мисијата на НАТО.
НАТО започна со планирање на мисијата откако Трамп и генералниот секретар Марк Руте се сретнаа во Давос минатиот месец. По таа средба, Трамп ги повлече заканите за царини за европските земји и ја исклучи употребата на сила за преземање на контролата врз Гренланд.
Руте и Трамп се согласија во Давос дека НАТО треба да преземе поголема одговорност во Арктикот, со оглед на руските и кинеските амбиции во областа.
Европа
Откриена масовна измама со билети за Лувр: Запленети 130.000 евра
Париската полиција уапси десет лица осомничени за организирање масовна измама со билети во музејот Лувр. Меѓу уапсените наводно има вработени во музејот и туристички водичи кои ги таргетирале кинеските посетители во шема што вклучувала продажба на лажни билети и пререзервирање на тури со водичи, објавува „Еуроњуз“.
Според францускиот весник „Ле Паризиен“, полицијата ги уапси осомничените во вторник откако раководството на Лувр пријавило „неправилности“. За време на операцијата, запленети се три возила, 130.000 евра во готово и замрзнати се речиси 200.000 евра на банкарски сметки. Откриени се и неколку банкарски сефови со големи суми готовина.
Раководството на музејот во соопштението наведува дека сега „воспоставило структуриран план против измами врз основа на мапирање на измами, серија превентивни и куративни мерки, правни, технички и контролни мерки и следење на резултатите“.
Апсењата следат по низа лоши вести за најпопуларниот музеј во светот и една од најпочитуваните институции во Франција. Од минатиот месец, Лувр е принуден делумно да ги затвора вратите за посетители секоја недела поради штрајк на персоналот незадоволен од платите и условите за работа.
Протестите започнаа кон крајот на минатата година по објавувањето на осудувачки владин извештај за безбедносните пропусти, кои беа откриени по дрскиот грабеж на француските крунски скапоцености во октомври.
Европа
Зеленски: За Трамп, прекинот на огнот во Украина е само политичка победа и прашање на наследство
Украинскиот претседател Володимир Зеленски во интервју за „The Atlantic“ изјави дека претпочита да не склучува никаков мировен договор со Русија отколку да ги принуди Украинците да прифатат лош договор.
Американското списание објави растечка загриженост кај некои членови на внатрешниот круг на Зеленски дека неговиот прозорец за решение се затвора и дека Украина би можела да се соочи со години континуиран, мачен конфликт доколку не се постигне договор за завршување на војната оваа пролет.
Зеленски беше цитиран како вели дека претпочита да не прифати „договор отколку да го принуди својот народ да прифати лош“.
„Дури и по (скоро) четири години интензивно војување, тој вели дека е подготвен да продолжи да се бори доколку е потребно за да обезбеди достоинствен и траен мир“, се вели во статијата, забележувајќи дека Зеленски рекол дека „Украина не губи“ кога бил прашан за неговата проценка на позицијата на Киев на фронтот.
Два круга трилатерални преговори меѓу Русија, Украина и САД се одржаа во главниот град на Обединетите Арапски Емирати, Абу Даби, на 23 и 24 јануари и на 4 и 5 февруари.
Во понатамошните коментари за списанието, Зеленски рече дека „нема поголема победа“ за американскиот претседател Доналд Трамп од наоѓање решение за војната меѓу Русија и Украина.
„За неговото наследство, ова е број 1“, рече тој, додавајќи дека постигнувањето такво решение пред американските меѓуизбори во ноември би била „најдобрата ситуација“ за Трамп.
„Да, тој сака помалку смрт. Но, ако вие и јас разговараме како возрасни, тоа е само победа за него, политичка“, додаде тој.
Коментарите дојдоа откако Зеленски им рече на новинарите за време на викендот дека САД инсистираат на решавање на војната меѓу Русија и Украина „до почетокот на ова лето“ и дека Вашингтон „веројатно ќе изврши притисок врз страните во согласност со овој распоред“.
Во изјавите објавени од украинските медиуми, тој рече дека Киев разбира дека „внатрешните проблеми“ во САД влијаат на овој рок, особено со почетокот на кампањата за меѓуизборите подоцна оваа година.

