Европа
Кершов: Европа треба да се подготви за изменетите напади на IS
топ-тема
Жил де Кершов, координатор на Европската унија за антитероризам, изјави дека е невозможно со сигурност да се знае колку во моментов во Европа има милитантите кои коваат заговори. Во извештајот на полициската агенција на ЕУ – Европол, објавен во петокот, се наведува дека ги има десетици.
Околу 2.500 Европејци можеби уште учествуваат во борбите на Блискиот исток, проценува де Кершов во интервјуто за агенцијата Reuters. Но со проблемите со коишто џихадистите се соочуваат во Мосул, Алепо и на другите места, Европа мора да им влезе во трагата, доколку сака да ја сузбие дијаспората на обучени милитанти како оние кои следеа по советското повлекување од Авганистан во 1989 година.
„Мораме да бидеме подготвени, бидејќи некои од нив ќе дојдат во Европа. Може да се обидат да се вратат дома, а ние не сакаме да ја повториме грешката којашто ја направивме кон крајот на 1980-те кога советите го напуштија Авганистан, а ние ги пуштивме овие муџахедини … во светот“, вели Кершов.
Многумина од нив се бореле во алжирските крвави 1990-ти и учествувале во судирите од Чеченија преку Балканот и на Косово до Јемен, додава.
Некои Европејци, меѓу нив и жените и децата на борците, може да изберат да останат на Блискиот исток, дури и доколку Исламската држава ја загуби територијата. Други би можеле да заминат натаму во Либија во којашто владее хаос, и веќе изгледа како нова база за милитантите, а движењето веројатно ќе продолжи да регрутира преку интернет.
„Физички калифатот… пропаѓа, но се уште имаме виртуелен калифат, а тоа ѝ овозможува на организацијата да организира напади“, вели де Кершов.
Овој поранешен белгиски адвокат, кој на сегашната должноста стапи во 2007 година, вели дека во текот на последните две години направен е „импресивен“ чекор напред во разузнавачката соработка меѓу државите од ЕУ и заострување на законите и практиките на европските граници во одговорот на разни напади на Исламската држава и масовните убиства во Париз, Брисел и во Ница.
„Речиси ги закрпивме повеќето дупки“, вели Кершов за тоа што Европа може да стори во сузбивањето на исламистичките милитанти кои претставуваат најголем дел од насилните закани.
Потешкиот дел сега, продолжува Кершов, е да се занимаваме со темелните тешкотии на милитантите, без разлика дали е тоа меѓу отуѓените луѓе во Европа или меѓу гневните сунитски муслимани во Ирак и во Сирија.
„Како што се одвива борбата во Алепо, ќе има последици. Начинот на којшто ќе се обидеме да се позанимаваме со работите на сунитското население, како во Ирак, така и во Сирија, ќе има последици“, вели. Во Европа, пак, според Кершов „работите стојат многу подобро“.
Европол утврдил дека непосредните закани слични неодамнешните: групи кои ќе користат автоматски пушки и самоубиствени елеци наполнети со TATP експлозив од домашно производство или самотници со ножеви или камиони. Исламската држава, исто така, се уфрлила во бегалските заедници во Европа за да го разгори непријателството кон имигрантите во места како Германија.
Де Кершов, исто така, истакнува нови ризици од Исламската држава која би можела да употреби автомобили бомби во Европа, што е вообичаено во Сирија и во Ирак. Агенциите, исто така, се подготвуваат, вели, во времето пред нас да се спротистават на се посложените тактики како информатичките напади и биолошкото оружје.
Засега, според него, интернетот беше главно користен за регрутирање и радикализирање на поединци, нешто на што ЕУ се спротиставува соработувајќи со мрежните компании. „Засега терористичките организации не го користеа интернетот како оружје за да нападнат низ интернет“, вели де Кершов, наведувајќи ги опасностите од нарушување на нуклеарните централи, браните, електромрежите или дури системите за контрола на воздушниот сообраќај.
„Засега тоа не се случи…, но не исклучувам дека ќе бидеме соочени со тоа пред да минат пет години“, вели натаму де Кершов додавајќи дека Исламската држава има финансиски средства да најми искусни хакери криминалци.
Европската унија, вели Кершов, работи на спротиставување на хемиските, биолошките и нуклеарните закани, но не гледа „акутна опасност“и покрај доказите дека милитантите се занимавале со микроби или користеле боеви отрови во Сирија. „Мораме да бидеме подготвени“, заклучува./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Уапсени двајца тинејџери во Франција: планирале терористички напад
Двајца 16-годишници беа уапсени претходно оваа недела во северна Франција под сомнение за планирање напади врз трговски центар или концертна сала, соопшти канцеларијата на францускиот обвинител за антитероризам во петокот.
Апсењата спречија планиран напад, соопшти канцеларијата, пренесува Ројтерс.
Обвинителот за антитероризам рече дека еден од двајцата малолетници почнал да следи џихадистичка пропаганда. Имињата на уапсените не беа објавени.
Европа
Мерц реизбран за лидер на ЦДУ
Германската владејачка партија, Христијанско-демократската унија (ЦДУ), денес го реизбра Фридрих Мерц за свој лидер.
Мерц беше поддржан од 878 од 963 членови на партијата на националната партиска конференција во југозападниот град Штутгарт.
Резултатот е негов втор најдобар досега.
Во 2022 година, тој беше избран со 94,6 проценти од гласовите на онлајн партиска конференција, а подоцна беше потврден со гласање по пошта со 95,3 проценти од гласовите. Во 2024 година, тој доби 89,8 проценти од гласовите.
Дводневниот партиски состанок доаѓа на почетокот на предизвикувачка година за ЦДУ, која се соочува со избори во пет федерални држави во март и септември.
Според анкетите, крајната десница ги надминува конзервативците во две источни држави.
Мерц на митингот изјави дека ЦДУ мора „да спречи враќање на крајнодесничарскиот радикализам на власт во федералните држави на Германија“.
Европа
Уште тројца скијачи загинаа во лавини во Австрија
Уште тројца скијачи загинаа во лавини во Австрија денес, соопштија властите, во најновиот смртоносен инцидент оваа зима.
Две лица се пронајдени мртви по лавина во скијачкиот центар Санкт Антон ам Арлберг.
„Жртвите беа извлечени од снегот, но не беше можно да се спасат“, изјави портпаролот на полицијата. Уште три лица се повредени. Властите првично не дадоа никакви детали за идентитетот, возраста или националноста на жртвите.
Претходно, 42-годишен германски скијач загина во лавина во тиролскиот скијачки центар Наудерс. Мажот скијал надвор од стазата со својот 16-годишен син, кој преживеал со сериозни повреди, соопшти полицијата. Тие се обидувале да ја преминат северната падина кога се откинала плоча од снег широка околу 400 метри, носејќи ги околу 200 до 300 метри надолу.
До 40 сантиметри свеж снег паднале во делови од Тирол во последните денови. Властите предупредија дека ризикот од понатамошни лавини останува висок. Само во среда во Тирол беа регистрирани повеќе од 30 лавини.

