Европа
Лондон тврди дека Камерон и Туск се договориле за условите за социјалната помош
Велика Британија и Европската унија се договориле за условите за активирање на „сопирачката во итни ситуации“ со кои на четири години може да им се ускратат правата на имигрантите од ЕУ во Британија на социјален надомест, но останале уште многу нешта на што треба да се работи во преговорите за другите реформи, објави ноќта кон понеделникот утрото кабинетот на британскиот премиер Дејвид Камерон по неговиот разговор со претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск.
„Кога станува збор за другите социјални надоместоци, Европската комисија го изнесе предлогот кој појаснува дека моменталните услови во Велика Британија ги исполнуваат критериумите за повлекување на сопирачката во итните ситуации. Ова е значаен момент, кој значи дека премиерот може да ја оствари својата обврска на четири години да се одложат надоместоците за имигрантите кои доаѓаат од ЕУ“, изјави портпаролот на британскиот премиер.
За состанокот со британскиот премиер Дејвид Камерон, првиот човек на Европскиот совет Доналд Туска во неделата доцна вечерта извести на својот Twitter. „Нема договор. Интензивните разговори продолжуваат во следните 24 часа. Доколку постигнеме напредок, предлогот на членките на ЕУ ќе им го изнесам утре (понеделник)“, напиша Туск.
Пред работната вечера со британскиот премиер, Туск изјави дека ќе изнесе решенија за четирите барања коишто ги формулираше Камерон пред да го распише референдумот, кој го вети до крајот на 2017 година, на кој Британците би требало да се изјаснат дали сакаат нивната земја да остане или да излезе од Европската унија. Туск притоа истакна дека нема да има компромис кога станува збор за темелните слободи. Британските барања се однесуваат на конкурентноста, суверенитетот, социјалната сигурност и управувањето со економијата.
Камерон изјави дека е постигнат напредок во преговорите по неговиот состанок со претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, во петокот во Брисел, меѓутоа предупреди дека предлозите на ЕУ на неговите барања „сé уште не се доволно добри“.
Лондон постави четири барања реформи како услов за останувањето на Велика Британија во 28-члената Унија: да не се дискриминираат земјите кои не се членки на еврозоната, да се стави акцент на конкурентноста, да се обнови суверенитетот на земјите членки (на пример, со воведување на правото на националните парламенти на вето) и ограничувањето на доселувањето од новите земјите членки и од Европа.
Камерон сака да воведе четиригодишен мораториум пред секоја исплата на социјална помош на имигрантите од земјите членки на ЕУ кои доаѓаат да работат во Велика Британија, но ова барање, оценето како дискриминаторско, е во спротивност со слободата на движењето на луѓето и стоките, што се смета за една од основните придобивки и основни начела на ЕУ.
Британскиот премиер вети дека повторно ќе преговара за условите за британското останување во ЕУ пред одржувањето на референдумот до крајот на 2017 година. Но се шпекулира дека тој може да се одржи уште во текот на 2016-та, поточно во јуни, доколку Камерон постигне задоволителен договор на самитот со европските челници на 18-ти и 19-ти февруари, но извор близок на британската влада вели дека Камерон нема намера да брза да постигне договор./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Орбан му пиша на Зеленски: Четири години нè туркате во војната меѓу Украина и Русија
Унгарскиот премиер Виктор Орбан објави „отворено писмо“ до украинскиот претседател Володимир Зеленски на Икс, обвинувајќи го дека четири години се обидува да ја вовлече Унгарија во војната меѓу Украина и Русија.
„Четири години не можевте да го прифатите ставот на суверената унгарска влада и унгарскиот народ за руско-украинската војна. Четири години работевте на тоа да ја принудите Унгарија да учествува во војната меѓу вашата земја и Русија“, напиша Орбан.
Во писмото, тој тврди дека Зеленски, Брисел и унгарската опозиција „ги координираат напорите“ за да донесат „проукраинска влада“ на власт во Унгарија.
Open Letter to President Volodymyr Zelenskyy
Mr. President,
For four years, you have been unable to accept the position of the sovereign Hungarian government and the Hungarian people regarding the Russia–Ukraine war.
For four years, you have been working to force Hungary into…
— Orbán Viktor (@PM_ViktorOrban) February 26, 2026
Обвинувања за нафтоводот Дружба
Орбан го обвини Зеленски за „блокирање на нафтоводот пријателство“, или нафтоводот Дружба, за кој тврди дека е клучен за снабдувањето со енергија на Унгарија.
„Вашите постапки се против интересите на Унгарија и го загрозуваат безбедното и прифатливо снабдување со енергија за унгарските семејства. Затоа, ве повикувам да ја промените вашата антиунгарска политика“, рече Орбан.
Тој додаде дека Унгарците „не се одговорни за ситуацијата во која се наоѓа Украина“, дека сочувствуваат со украинскиот народ, но дека „не сакаат да учествуваат во војната“, „не сакаат да ги финансираат воените напори“ или „да плаќаат повеќе за енергија“.
„Ве повикувам веднаш повторно да го отворите нафтоводот и да се воздржите од понатамошни напади врз енергетската безбедност на Унгарија. Повеќе почит кон Унгарија!“, заклучи Орбан во писмото со дата, Будимпешта, 26 февруари 2026 година.
Во писмото, тој не споменува дека војната ја започнала Русија, која започнала целосна инвазија на Украина на 24 февруари 2022 година.
Европа
Редок напад: Украинците ги таргетираат командните центри со моќни американски ракети
Украинските сили започнаа серија напади со американски ракети со долг дострел ATACMS врз руски командни места, складишта за муниција и логистички објекти на окупираните територии, соопшти Генералштабот. Нападите, кои се случија ноќта на 24 февруари, претставуваат ретка потврдена употреба на оружјето, објавува The Kiev Independent.
„Како дел од систематските мерки за намалување на офанзивните капацитети на рускиот агресор, единиците на украинските одбранбени сили продолжуваат да ги таргетираат клучните непријателски командни и логистички објекти“, се вели во соопштението на Генералштабот.
Според извештајот, украинските ракетни сили и артилерија погодиле помошен команден пункт на руската 5-та армија во близина на Новопетривка во окупираниот регион Донецк. Војската соопшти дека ракетите ATACMS биле меѓу оружјето што се користело во операцијата.
Дополнителни напади биле насочени кон логистички магацин што му припаѓал на рускиот центар „Рубикон“ во близина на Василовка во окупираниот регион Запорожје, како и магацини за муниција и снабдување во Пријазовски во регионот Донецк и Олександривка во регионот Запорожје. Руски објект за одржување и поправка во близина на Јакимивка во Запорошката област, исто така, беше погоден. Целосниот обем на штетата сè уште се утврдува, додаде армијата.
Европа
Масовен воздушен напад: Русија лансираше 115 дронови, Украинците соборија 95
Русија започна масовен воздушен напад врз Украина во вторник ноќта, лансирајќи вкупно 115 дронови од различни видови, вклучувајќи ги Шахед, Гербера и Италмас. Украинската воздушна одбрана успешно ги неутрализираше повеќето од заканите, соборувајќи или блокирајќи 95 дронови на север, југ и исток од земјата, објавува Украинска правда.
Според податоците на украинските воздухопловни сили објавени до 7:30 часот утрово, од вкупниот број лансирани дронови, околу 60 беа камикази дронови Шахед. И покрај високата стапка на пресретнување, 18 дронови успеаја да ја пробијат одбраната и да погодат цели на 11 локации.
Широк спектар на одбранбени сили, вклучувајќи ги воздухопловните сили, противвоздушните ракетни единици, единиците за електронско војување и беспилотни системи и мобилните противпожарни групи, учествуваа во одбивањето на нападот. Воздухопловните сили предупредија дека нападот е сè уште во тек бидејќи неколку руски дронови сè уште се наоѓаат во украинскиот воздушен простор.

