Европа
Масовни протести во Белгија против мерките за штедење
Повеќе од сто илјади луѓе дефилираа во четвртокот на улиците на белгиската и европската престолнина Брисел, протестирајќи против најавените мерки за штедење на новата влада на Белгија.
Како што пишуваат белгиските медиуми, демонстрациите во четвртокот претставуваат почеток на низата протести коишто се очекуваат следните неколку седмици. Станува збор за контраофанзива на белгиските работнички синдикати, социјалистите, зелените и партијата од крајната левица против мерките што ги најави владата на Шарл Мишел. Владата којашто беше составена по долги консултации ја сочинуваат три десничарски фламански партии и франкофоните либерали на Мишел.
Белгиската влада, којашто должноста ја презема во октомври, најави мерки за буџетски штедења во износ од 11 милијарди евра во следните пет години. Тие мерки, меѓу другото, го вклучуваат и предлогот следната 2015 година да се прескокне индексацијата на плаќањата и социјалните давачки, односно во Белгија на сила е закон со којшто автоматски се зголемуваат платите и социјалните давачки во висина на инфлацијата, потоа да се продолжи работниот век од 65 на 67-годишна возраст од 2030 година. Мерки за штедење се предвидени во областите на културата, научното истражување, јавните услуги итн.
Владата истакнува дека ги преземала ваквите мерки за да го одржи буџетскиот дефицит во рамките коишто ги дозволуваат приписите на Европската унија, како и за да создаде подобри услови за економијата преку пониски даноци поради зголемување на конкурентноста.
Синдикатите најавија серија штрајкови низ белгиските покраини следните седмици, а како кулминација на протестите е најавен генерален штрајк во целата земја на 15-ти декември.
Демонстрациите од четвртокот со проценети над 110 илјади луѓе се најголемите белгиски протести во последните неколку години. Слични демонстрации на ниво на целата држава против мерките за штедење беа одржани во декември 2011 година и во февруари минатата 2013 година, кога на повикот на синдикатите се одѕваа меѓу 50 и 80 илјади луѓе.
Во четвртокот во еден момент дојде до судир меѓу демонстрантите и полицијата. Притоа, полицијата употреби солзавец и водени топови./крај/мф/сн
Извор: RTBF
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Британска компанија ги тужи „Фајзер“ и „Бионтек“: Ја украдоа нашата технологија за вакцина против Ковид
Британската фармацевтска компанија GlaxoSmithKline (GSK) денеска поднесе тужба пред федералниот суд во Делавер против американскиот Pfizer и германскиот BioNTech, тврдејќи дека тие ги прекршиле нејзините патенти за технологијата на гласник РНК (mRNA) во нивните вакцини против Ковид-19.
Вакцините Comirnaty на Pfizer и BioNTech ги прекршуваат иновациите на GSK заштитени со патент во mRNA вакцините, развиени „повеќе од десет години пред“ пандемијата на ковид-19, се вели во тужбата.
Патентите ја покриваат технологијата за пренос на нестабилна гласничка РНК во човечки клетки, која научниците почнаа да ја развиваат во 2008 година, а GSK стана сопственик кога го купи бизнисот со вакцини на Novartis во 2015 година, се додава.
Британската компанија бара парична отштета од Pfizer и BioNTech, вклучително и такси за патент, без да наведе износ.
Портпаролката на Pfizer во соопштението нагласи дека компанијата е „сигурна во својата позиција во однос на интелектуалната сопственост поврзана со Comirnaty“ и дека има намера „енергично да се брани“ од тврдењата на GSK. Портпаролот на BioNTech одби да ја коментира тужбата.
Портпаролот на GSK рече дека компанијата верува дека нејзините патенти „ја обезбедуваат основната технологија што се користи во mRNA вакцините на Pfizer и BioNTech против ковид-19“. GSK е „подготвен да ги лиценцира овие патенти под комерцијално разумни услови за да обезбеди пристап“ до вакцините.
Европа
(Видео) 19-годишна девојка во Украина се обидела да го продаде синот, барала 23.500 евра
Во украинскиот град Днипро, 19-годишна девојка се обидела да го продаде сопствениот двегодишен син, соопшти локалната полиција, пренесоа украинските медиуми.
Девојката наводно побарала еден милион гривни, што е околу 23.500 евра за своето дете. 19-годишната девојка наводно му го понудила детето на својот познаник и договорила средба со него. Во вторникот полицијата приведе маж додека носел пари на договорена локација.
Девојката наводно рекла дека не сака да се грижи за својот син, па решила да го продаде. Со парите што ги добила планирала да отвори сопствен бизнис.
Детето е земено во полиција и предадено на надлежните органи. Против неговата мајка е подигнато обвинение за трговија со луѓе.
Европа
Уапсени тројца мажи во истрагата за бруталното убиство на Хрват во Даблин
Уапсени се тројца мажи осомничени за убиството на 31-годишен Хрват, Јосип Штрок во Даблин минатиот месец, пишуваат ирските медиуми.
Тие се осомничени дека ги претепале Штрок, кој живеел и работел во Даблин, и неговиот пријател. Штрок почина од повредите на 3 април.
Неговиот пријател за хрватските медиуми изјавил дека биле во продавница и планирале да се дружат, кога група луѓе им кажала да почнат да зборуваат англиски.
„Немате почит кон нашата земја, ова е Ирска…“, изјави тој за Јутарњи. Тие влегле во автобусот и не забележале дека напаѓачите ги следат и биле нападнати одзади.
„Прво ме удрија со нешто, не знам дали беше шипка или палка. Ги прашав полицајците за деталите што ги виделе на видеото, а кои наводно ги имаат“, рече тој, додавајќи дека следното нешто се сеќава е кога се разбудил во болница.