Европа
Медиуми: Ердоган ѝ се заканил на Европа дека ќе ја преплави со имигранти
Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган ланскиот ноември се заканил дека Европа ќе ја преплави со имигранти, доколку челниците на Европската унија не му понудат подобар договор за да помогнат во управувањето на блискоисточната бегалска криза, пренесува Reuters повикувајќи се на пишувањето од понеделникот на грчкиот информативниот портал euro2day.gr.
Објавувајќи го записникот од многу напнатиот разговор од ланскиот ноември, грчкиот портал открива длабока меѓусебна недоверба и нетрпеливост на разговорите меѓу турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган и двајца високи европски функционери, претседателот на Европската комисија Жан-Клод Јункер и претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск.
„Можеме да ги отвориме вратите кон Грција и Бугарија кога и да е, и да ги натовариме бегалците во автобуси (…) И како ќе излезете на крај со бегалците без договор? Ќе ги убиете?“, ги цитира порталот реторичките зборови на Ердоган кои се наоѓаат во преписката од записникот на споменатиот состанок. Според истиот извор, Ердоган од ЕУ побарал 6 милијарди евра во текот на двегодишен период, а кога Јункер рекол дека во понудата е само половина од износот, му одговорил дека и онака на Турција парите не ѝ се потребни. Едроган, исто така, често прекинувајќи ги европските функционери укажувал дека неговата земја веќе потрошила 8 милијарди евра за бегалските кампови. Порталот пишува дека Ердоган побарал вкупно 30 милијарди евра од Европската унија за решение на проблемот со бегалците, заканувајќи се дека на друг начин ќе ги испрати во Европа. Турскиот челник рекол наводно дека со автобуси ќе ги испраќа бегалците во Грција и во Сирија, и оти ќе ги остави бегалците со деца да тонат во крајбрежјето.
ЕУ на крајот договори фонд од помош од три милијарди евра за подобрување на прифаќањата на бегалците во Турција. Во вжештената расправа, според наводите во документот, Ердоган често го прекинувал Јункер, поранешниот премиер на Луксембург, и Туск, поранешен полски премиер, обвинувајќи ги дека ЕУ ја измамила Турција, и обвинувајќи го Јункер за неубаво однесува кон него лично. Ердоган, според наводите на euro2day.gr, рекол дека би требало да покаже повеќе почитување кон земја од 80 милиони жители, како и дека „Луксембург е само обично гратче во Турција“.
Порталот забележува дека станува збор за шокантен дијалог, во кој според неименувани соговорници Ердоган се однесувал арогантно, без отстапки, така што средбата завршила без договор. Барајќи повеќе средства, Ердоган забележал и дека Грција добила помош од 400 милијарди евра од Европа.
„Треба да се истакне дека овој инцидент, кој јасно ги покажува позициите на Турција, бил сокриен од ЕУ. Земјите членки не биле точно информирани, вклучително и грчкиот премиер, кој престојуваше во официјална посета на Турција следниот ден“, наведува грчкиот портал.
Брисел во меѓувреме повторува дека приливот на имигрантите од Турција значително не се намалил од самитот на двете страни во Анкара во ноември, кога беше и договорена помошта за Турција за згрижување на имигрантите.
Се истакнува во материјалот и дека Советот на министри на ЕУ за намерно одложување на објавување на извештајот за напредокот во процесот на интеграцијата на Турција во ЕУ, по барање на самиот Ердоган, да му помогне да победи на изборите.
Споменатата средба на којашто не се избирале зборови најверојатно е одржан на 16-ти ноември во турска Анталија, веднаш по самитот на Г20, тврди грчкиот портал./крај/мф/сн
Извор: Reuters
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Орбан му пиша на Зеленски: Четири години нè туркате во војната меѓу Украина и Русија
Унгарскиот премиер Виктор Орбан објави „отворено писмо“ до украинскиот претседател Володимир Зеленски на Икс, обвинувајќи го дека четири години се обидува да ја вовлече Унгарија во војната меѓу Украина и Русија.
„Четири години не можевте да го прифатите ставот на суверената унгарска влада и унгарскиот народ за руско-украинската војна. Четири години работевте на тоа да ја принудите Унгарија да учествува во војната меѓу вашата земја и Русија“, напиша Орбан.
Во писмото, тој тврди дека Зеленски, Брисел и унгарската опозиција „ги координираат напорите“ за да донесат „проукраинска влада“ на власт во Унгарија.
Open Letter to President Volodymyr Zelenskyy
Mr. President,
For four years, you have been unable to accept the position of the sovereign Hungarian government and the Hungarian people regarding the Russia–Ukraine war.
For four years, you have been working to force Hungary into…
— Orbán Viktor (@PM_ViktorOrban) February 26, 2026
Обвинувања за нафтоводот Дружба
Орбан го обвини Зеленски за „блокирање на нафтоводот пријателство“, или нафтоводот Дружба, за кој тврди дека е клучен за снабдувањето со енергија на Унгарија.
„Вашите постапки се против интересите на Унгарија и го загрозуваат безбедното и прифатливо снабдување со енергија за унгарските семејства. Затоа, ве повикувам да ја промените вашата антиунгарска политика“, рече Орбан.
Тој додаде дека Унгарците „не се одговорни за ситуацијата во која се наоѓа Украина“, дека сочувствуваат со украинскиот народ, но дека „не сакаат да учествуваат во војната“, „не сакаат да ги финансираат воените напори“ или „да плаќаат повеќе за енергија“.
„Ве повикувам веднаш повторно да го отворите нафтоводот и да се воздржите од понатамошни напади врз енергетската безбедност на Унгарија. Повеќе почит кон Унгарија!“, заклучи Орбан во писмото со дата, Будимпешта, 26 февруари 2026 година.
Во писмото, тој не споменува дека војната ја започнала Русија, која започнала целосна инвазија на Украина на 24 февруари 2022 година.
Европа
Редок напад: Украинците ги таргетираат командните центри со моќни американски ракети
Украинските сили започнаа серија напади со американски ракети со долг дострел ATACMS врз руски командни места, складишта за муниција и логистички објекти на окупираните територии, соопшти Генералштабот. Нападите, кои се случија ноќта на 24 февруари, претставуваат ретка потврдена употреба на оружјето, објавува The Kiev Independent.
„Како дел од систематските мерки за намалување на офанзивните капацитети на рускиот агресор, единиците на украинските одбранбени сили продолжуваат да ги таргетираат клучните непријателски командни и логистички објекти“, се вели во соопштението на Генералштабот.
Според извештајот, украинските ракетни сили и артилерија погодиле помошен команден пункт на руската 5-та армија во близина на Новопетривка во окупираниот регион Донецк. Војската соопшти дека ракетите ATACMS биле меѓу оружјето што се користело во операцијата.
Дополнителни напади биле насочени кон логистички магацин што му припаѓал на рускиот центар „Рубикон“ во близина на Василовка во окупираниот регион Запорожје, како и магацини за муниција и снабдување во Пријазовски во регионот Донецк и Олександривка во регионот Запорожје. Руски објект за одржување и поправка во близина на Јакимивка во Запорошката област, исто така, беше погоден. Целосниот обем на штетата сè уште се утврдува, додаде армијата.
Европа
Масовен воздушен напад: Русија лансираше 115 дронови, Украинците соборија 95
Русија започна масовен воздушен напад врз Украина во вторник ноќта, лансирајќи вкупно 115 дронови од различни видови, вклучувајќи ги Шахед, Гербера и Италмас. Украинската воздушна одбрана успешно ги неутрализираше повеќето од заканите, соборувајќи или блокирајќи 95 дронови на север, југ и исток од земјата, објавува Украинска правда.
Според податоците на украинските воздухопловни сили објавени до 7:30 часот утрово, од вкупниот број лансирани дронови, околу 60 беа камикази дронови Шахед. И покрај високата стапка на пресретнување, 18 дронови успеаја да ја пробијат одбраната и да погодат цели на 11 локации.
Широк спектар на одбранбени сили, вклучувајќи ги воздухопловните сили, противвоздушните ракетни единици, единиците за електронско војување и беспилотни системи и мобилните противпожарни групи, учествуваа во одбивањето на нападот. Воздухопловните сили предупредија дека нападот е сè уште во тек бидејќи неколку руски дронови сè уште се наоѓаат во украинскиот воздушен простор.

