Европа
Медиуми: Најмалку двајца загинати при земањето заложници во Париз
Во најновиот инцидент во центарот на француската престолнина Париз, кој се случува во петокот во кошер продавница во 20-от арондисмент загинале најмалку две лица, пренесува агенцијата AFP повикувајќи се на извор близок на истрагата.
Новиот вооружен инцидент во Париз, трет од средата по масакрот во редакцијата на сатиричниот неделник Charlie Hebdo во кој беа убиени 12 луѓе, се случи малку по 13 часот по локално време. Според медиумските извештаи, стрелбата во кошер продавницата најверојатно е чин на истиот напаѓач кој во четвртокот уби жена полицаец и рани уште еден сообраќаец. Во четвртокот, човек со панцирен елек во париското предградие Монруж отвори оган врз полицајката и сообраќаен полицаец. Засега не е точно утврдена причината за пукањето и дали тоа има врска со нападот од средата во редакцијата на магазинот.
Амеди Кулибали (32) и неговата девојка Ајат Бомедиен се двајцата напаѓачи кои во продавница со еврејски производи држат шест заложници, а француската полиција бара информации за нив.
Не е потврдено дека Бомедиен е заедно со Кулибали во продавницата, но се поврзува со терористичниот акт, во кој најмалку едно лице е рането. Според сведоштво на менаџер кој успеал да избега од продавницата една негова колешка е ранета со два куршуми, а Кулибали штом влегол во продавницата веднаш почнал да пука кон рафтовите, рафално од автоматско оружје.
AFP јавува дека двајца од заложниците во продавницата се мртви, а на местото на настанот се видени амбулантни возила кои заминуваат кон болница.
За Кулибали се верува дека го изврши вчерашното убиство на сообраќајната полицајка во Монруж и дека е поврзан со браќата Каши, извршители на 12-кратното убиство во редакцијата на весникот Шарли Ебдо.
Претходно во петокот беше објавено дека е воспоставен контакт со веројатните напаѓачи во уредништвото на Charlie Hebdo во 11-от арондисмент во Париз кои избегаа од местото на нападот со автомобил. Осомничени се 32-годишниот и 34-годишиот Саид и Шариф Каши. Третиот осомничен 18-годишниот Хамид Мурад, и“ се предаде на полицијата тврдејќи дека има алиби.
Ноќта од средата кон четвртокот, непознати лица фрлија три гранати во дворот на џамијата во градот Ле Ман. Уште еден случен инцидент се случи во департментот Воклуз, кога напаѓачи отвориле оган врз автомобил на муслиманско семејство..
Во четвртокот, двајца мажи вооружени со автоматско оружје, се пријавени дека украле автомобил во департмантот Оази. Подоцна се дозна дека станува збор за браќата Каши, кои влегле во престрелка на полициски контролен пункт при што земале заложници. Се уште трае операцијата за нивна неутрализација./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Британска компанија ги тужи „Фајзер“ и „Бионтек“: Ја украдоа нашата технологија за вакцина против Ковид
Британската фармацевтска компанија GlaxoSmithKline (GSK) денеска поднесе тужба пред федералниот суд во Делавер против американскиот Pfizer и германскиот BioNTech, тврдејќи дека тие ги прекршиле нејзините патенти за технологијата на гласник РНК (mRNA) во нивните вакцини против Ковид-19.
Вакцините Comirnaty на Pfizer и BioNTech ги прекршуваат иновациите на GSK заштитени со патент во mRNA вакцините, развиени „повеќе од десет години пред“ пандемијата на ковид-19, се вели во тужбата.
Патентите ја покриваат технологијата за пренос на нестабилна гласничка РНК во човечки клетки, која научниците почнаа да ја развиваат во 2008 година, а GSK стана сопственик кога го купи бизнисот со вакцини на Novartis во 2015 година, се додава.
Британската компанија бара парична отштета од Pfizer и BioNTech, вклучително и такси за патент, без да наведе износ.
Портпаролката на Pfizer во соопштението нагласи дека компанијата е „сигурна во својата позиција во однос на интелектуалната сопственост поврзана со Comirnaty“ и дека има намера „енергично да се брани“ од тврдењата на GSK. Портпаролот на BioNTech одби да ја коментира тужбата.
Портпаролот на GSK рече дека компанијата верува дека нејзините патенти „ја обезбедуваат основната технологија што се користи во mRNA вакцините на Pfizer и BioNTech против ковид-19“. GSK е „подготвен да ги лиценцира овие патенти под комерцијално разумни услови за да обезбеди пристап“ до вакцините.
Европа
(Видео) 19-годишна девојка во Украина се обидела да го продаде синот, барала 23.500 евра
Во украинскиот град Днипро, 19-годишна девојка се обидела да го продаде сопствениот двегодишен син, соопшти локалната полиција, пренесоа украинските медиуми.
Девојката наводно побарала еден милион гривни, што е околу 23.500 евра за своето дете. 19-годишната девојка наводно му го понудила детето на својот познаник и договорила средба со него. Во вторникот полицијата приведе маж додека носел пари на договорена локација.
Девојката наводно рекла дека не сака да се грижи за својот син, па решила да го продаде. Со парите што ги добила планирала да отвори сопствен бизнис.
Детето е земено во полиција и предадено на надлежните органи. Против неговата мајка е подигнато обвинение за трговија со луѓе.
Европа
Уапсени тројца мажи во истрагата за бруталното убиство на Хрват во Даблин
Уапсени се тројца мажи осомничени за убиството на 31-годишен Хрват, Јосип Штрок во Даблин минатиот месец, пишуваат ирските медиуми.
Тие се осомничени дека ги претепале Штрок, кој живеел и работел во Даблин, и неговиот пријател. Штрок почина од повредите на 3 април.
Неговиот пријател за хрватските медиуми изјавил дека биле во продавница и планирале да се дружат, кога група луѓе им кажала да почнат да зборуваат англиски.
„Немате почит кон нашата земја, ова е Ирска…“, изјави тој за Јутарњи. Тие влегле во автобусот и не забележале дека напаѓачите ги следат и биле нападнати одзади.
„Прво ме удрија со нешто, не знам дали беше шипка или палка. Ги прашав полицајците за деталите што ги виделе на видеото, а кои наводно ги имаат“, рече тој, додавајќи дека следното нешто се сеќава е кога се разбудил во болница.