Европа
Меркел не се откажува од политиката на отворени врати за имигрантите и покрај нападите
Германската канцеларка Ангела Меркел рече во четвртокот дека не се откажува од политиката на отворени врати за имигрантите и покрај низата напади со исламистичка заднината во последните десетина дена коишто ги извршија главно лица кои бараат азил.
„Нападите со исламистичка заднина претставува потсмевање на сторителите кон земјата која им дала засолниште“, изјави германската канцеларка Ангела Меркел во текот на својата традиционална летна конференција за медиумите којашто, поради низата драматични настани во земјата, оваа година беше преместена од крајот на август за крајот на јули.
Меркел, сепак, ја бранеше политиката на отвореност кон имигрантите и својот слоган „„Ќе успееме“ со кој го одбележа отворањето на границите и примањето на околу 1,1 милиони баратели на азил само минатата 2015 година, и заклучи дека исламистичките напади не ја довеле во прашање нејзината решителност во давањето засолниште на оние на коишто заштитата им е потребна.
„Никогаш не реков дека ќе биде едноставно. Но јас и денеска, како и пред една година, сум убедена дека ќе ни појде од рака да ја исполниме историската задача. Тоа претставува голем предизвик во време на глобализацијата, и јас сум уверена дека ќе ни успее“, рече Меркел.
Ги осуди последните напади од кои два имаа исламистичка заднина, а во три од четири напади, сторителите се бегалци. „Исламистичките терористи се обидуваат да го оспорат начинот на кој ние живееме. Тие шират омраза меѓу верите и на тоа решително ќе се спротиставиме“, порача Меркел осврнувајќи се на терористичките напади во Европа во последниот период.
„Овие напади потресуваат и депримираат. Тука се кршат цивилизациските табуа. Нападите се случија на места на коишто можел да се најде секој од нас“, рече Меркел.
Германската канцеларка нагласи дека по нападите од последните денови треба да се преиспитаат мерките кои би требало да служат за безбедноста во земјата. „Таму каде што постојат безбедносни дупки, ние ќе бидеме принудени да дејствуваме“, порача Меркел и најави план од 9 точки чијашто цел е да се зголеми безбедноста во земјата.
Меѓу најважните точки од споменатиот план, Меркел ја вброи и можноста од интервенција на вооружените сили во случај на поголеми терористички напади, како и заеднички подготовки на Бундесверот и полицијата.
Меѓу мерките кои би требало да го зголемат нивото на безбедност во Германија, канцеларката го најави зголемувањето на бројот на вработените во безбедносни служби, формирање биро за информатичката безбедност со цел подобро да се следат информатичките комуникации, како и подобра соработка со странските разузнавачки служби. Натаму, се планира формирање специјална датотека во којашто ќе бидат чувани податоци за влегувањата и излегувањата од земјата.
Во врска со бегалците коишто последните години влегле во Германија, Меркел најави мерка за олеснување на протерувањето на лицата за кои не постојат правни основи да останат во земјата, како и систем кои би требало да овозможи откривање на радикализирањето на поединци во раната фаза./крај/мф/сн
Извор: DPA
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Британска компанија ги тужи „Фајзер“ и „Бионтек“: Ја украдоа нашата технологија за вакцина против Ковид
Британската фармацевтска компанија GlaxoSmithKline (GSK) денеска поднесе тужба пред федералниот суд во Делавер против американскиот Pfizer и германскиот BioNTech, тврдејќи дека тие ги прекршиле нејзините патенти за технологијата на гласник РНК (mRNA) во нивните вакцини против Ковид-19.
Вакцините Comirnaty на Pfizer и BioNTech ги прекршуваат иновациите на GSK заштитени со патент во mRNA вакцините, развиени „повеќе од десет години пред“ пандемијата на ковид-19, се вели во тужбата.
Патентите ја покриваат технологијата за пренос на нестабилна гласничка РНК во човечки клетки, која научниците почнаа да ја развиваат во 2008 година, а GSK стана сопственик кога го купи бизнисот со вакцини на Novartis во 2015 година, се додава.
Британската компанија бара парична отштета од Pfizer и BioNTech, вклучително и такси за патент, без да наведе износ.
Портпаролката на Pfizer во соопштението нагласи дека компанијата е „сигурна во својата позиција во однос на интелектуалната сопственост поврзана со Comirnaty“ и дека има намера „енергично да се брани“ од тврдењата на GSK. Портпаролот на BioNTech одби да ја коментира тужбата.
Портпаролот на GSK рече дека компанијата верува дека нејзините патенти „ја обезбедуваат основната технологија што се користи во mRNA вакцините на Pfizer и BioNTech против ковид-19“. GSK е „подготвен да ги лиценцира овие патенти под комерцијално разумни услови за да обезбеди пристап“ до вакцините.
Европа
(Видео) 19-годишна девојка во Украина се обидела да го продаде синот, барала 23.500 евра
Во украинскиот град Днипро, 19-годишна девојка се обидела да го продаде сопствениот двегодишен син, соопшти локалната полиција, пренесоа украинските медиуми.
Девојката наводно побарала еден милион гривни, што е околу 23.500 евра за своето дете. 19-годишната девојка наводно му го понудила детето на својот познаник и договорила средба со него. Во вторникот полицијата приведе маж додека носел пари на договорена локација.
Девојката наводно рекла дека не сака да се грижи за својот син, па решила да го продаде. Со парите што ги добила планирала да отвори сопствен бизнис.
Детето е земено во полиција и предадено на надлежните органи. Против неговата мајка е подигнато обвинение за трговија со луѓе.
Европа
Уапсени тројца мажи во истрагата за бруталното убиство на Хрват во Даблин
Уапсени се тројца мажи осомничени за убиството на 31-годишен Хрват, Јосип Штрок во Даблин минатиот месец, пишуваат ирските медиуми.
Тие се осомничени дека ги претепале Штрок, кој живеел и работел во Даблин, и неговиот пријател. Штрок почина од повредите на 3 април.
Неговиот пријател за хрватските медиуми изјавил дека биле во продавница и планирале да се дружат, кога група луѓе им кажала да почнат да зборуваат англиски.
„Немате почит кон нашата земја, ова е Ирска…“, изјави тој за Јутарњи. Тие влегле во автобусот и не забележале дека напаѓачите ги следат и биле нападнати одзади.
„Прво ме удрија со нешто, не знам дали беше шипка или палка. Ги прашав полицајците за деталите што ги виделе на видеото, а кои наводно ги имаат“, рече тој, додавајќи дека следното нешто се сеќава е кога се разбудил во болница.