Европа
Минхен: Осомничен 18-годишен доселеник од Иран

Минхенската полиција смета дека вооружениот напаѓач во трговскиот центар „Олимпија“ бил 18-годишен доселеник од Иран со германски пасош и дејствувал сам.
Полицијата на Минхен во првото соопштение откако во 2 часот по полноќ во саботата објави дека е укината вонредната состојба, појасни дека двете лица кои набрзина го напуштиле трговскиот центар бегајќи од „Олимпија“ и кои беа осомничени за соучесништво во нападот, немаат поврзаност со нападот.
Телото на младиот маж, кој најверојатно извршил самоубиство, е најдено на километар од местото на нападот.
„Осомничениот, кој според податоците кои во моментов ги поседува истрагата, е 18-годишен германски Иранец од Минхен“, изјавил за новинарите првиот човек на минхенската полиција Хубертус Андре, пренесе телевизијата ZDF.
Откако пукал врз случајните минувачи во близина на трговскиот центар „Олимпија“, според првичните сознанија, тој извршил самоубиство, додаде Андре, но истакна дека сé уште не е познато што точно се случило.
„Во текот на потрагата полициските службеници во цивилна облека во првата фаза од операцијата контактирале со напаѓачот и стрелале кон него. Дали го погодиле или не, ќе покаже обдукцијата“, истакна началникот.
Мотивите за нападот врз случајните минувачи не се познати. „Мотивите и предисторијата на неговото дејствување сосема се непознати“, изјавил Андре.
Истакнал дека воопшто не се покажале како точни информациите за тројца напаѓачи, престрелки на други локации низ Минхен, како и за земањето заложници или поставена бомба, но дека патролите во градот ќе продолжат уште извесен период./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Зеленски: Ако Путин не дојде во Турција, тоа ќе изгледа како негов целосен пораз

„Никој не знае колку долго ќе трае војната. Но, не десет години. Украина нема да издржи… Русите нема да им веруваат на Украинците, а Украинците нема да им веруваат на Русите. Само надворешни посредници можат да гарантираат почитување на сите договори. Ако Путин не дојде во Турција, тоа ќе изгледа како негов целосен пораз“, рече украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Претходно портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека руската делегација ќе биде во Истанбул на 15 мај, додавајќи дека очекуваат и украинската страна да се појави на преговорите.
Европа
Шефовите на дипломатијата на членките на НАТО се состануваат во Турција: се бараат поголеми инвестиции во одбраната

Министрите за надворешни работи на земјите-членки на НАТО денеска се среќаваат во Анталија, Турција, на последната рунда разговори на високо ниво пред самитот на западната воена алијанса во Холандија во јуни.
Домаќин на дводневниот состанок, на кој првенствено ќе се разговара за распределбата на средствата за одбрана и иднината на европската безбедност, е турскиот шеф на дипломатијата, Хакан Фидан.
На самитот на лидерите на НАТО во Хаг во јуни се очекува договор за нова цел за трошоците за одбрана, а агенцијата ДПА потсетува дека американскиот претседател Доналд Трамп постојано бара од сојузниците на НАТО драстично да ги зголемат воените трошоци.
Во моментов, членките на НАТО се подготвени да издвојат најмалку два проценти од БДП за одбрана, но некои сè уште издвојуваат помалку од тие два проценти. Европските членки на НАТО се соочуваат и со пресвртот на поддршката за Украина од страна на новата американска администрација и последиците од оваа политика за европската безбедносна архитектура.
Во Анталија ќе пристигне и американскиот државен секретар Марко Рубио. Се очекува министрите на НАТО да започнат консултации за време на вечерата и да продолжат со разговорите утре наутро.
Европа
Зеленски: Доаѓам во Турција, ќе се сретнам со Ердоган, Путине, те чекаме

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека очекува евентуална директна средба со рускиот претседател Владимир Путин во Истанбул да резултира со примирје. Зеленски рече дека ќе се сретне со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во Анкара, но дека двајцата се подготвени веднаш да отпатуваат за Истанбул доколку Путин одлучи да се појави на разговорите.
„Ќе го чекаме Путин во Турција. За да не манипулира Русија со градовите и да тврди дека Путин не е подготвен да лета за Анкара, туку е во Истанбул“, им рече Зеленски на новинарите во Киев на прес-конференција. „Му испратив порака на претседателот Ердоган, а турската страна е подготвена.“
Разговорите би можеле да вклучуваат и размена на затвореници на принципот „сите за сите“, што би ѝ овозможило на Украина да излезе од преговорите со некаков вид „политичка победа“, рече Зеленски во интервју за францускиот весник „Либерасион“.
Доколку средбата се случи, тоа би била првата средба лице в лице меѓу двајцата лидери од 2019 година и би можела да означи пресвртница во застојот на дипломатските напори за ставање крај на големата инвазија на Русија. Кремљ сè уште не го потврди присуството на Путин, додека Киев продолжува да инсистира на безусловно примирје.
„Безусловно примирје, во овој момент и со оглед на сите денови и месеци досега, никој од руска страна не може да го гарантира освен Путин“, рече Зеленски.
Тој додаде дека на состанокот бил поканет и поранешниот американски претседател Доналд Трамп. „Доколку го потврди своето доаѓање, тоа би бил дополнителен поттик за Путин да дојде“, рече Зеленски.
Трамп, кој моментално е на четиридневна турнеја на Блискиот Исток, ја изрази својата поддршка за разговорите, нарекувајќи ги „многу важни“ и додавајќи дека „силно се залага“ за нивно одржување. „Мислам дека од тоа може да произлезе нешто добро“, рече Трамп на 12 мај.