Европа
Министрите на ЕУ разговараа за проширувањето и стратешките приоритети
Расправата за процесот на проширување на Европската унија со земјите кандидати за членство, спроведувањето на стратешките приоритети на ЕУ и нејзиното приближување кон граѓаните беа главните теми на неформална средба на министрите за европски работи и државните секретари од членките, на која присуствуваше и еврокомесарот за проширување Јоханес Хан, одржана во неделата и во понеделникот во Братислава, соопшти во понеделникот словачкото претседателство со Унијата.
Министрите во неделата вечерта разговарале со претставниците на земјите кандидати за членство – како што е наведен редоследот во соопштението – Турција, Македонија, Црна Гора, Србија и Албанија, за процесот на проширување, за тоа што Европската унија очекува од ниви обратно, и за тоа како европските институции можат да им помогнат да ги исполнат критериумите за членство.
Вториот ден од состанокот беше посветен на спроведувањето на стратешките приоритети на ЕУ, во присуство на првиот потпретседател на Европската комисија, Франс Тимерманс, Европскиот совет во јули 2014 година го усвои документот под назив Стратешка агенда за ЕУ во времињата кои се менуваат, со кој беа дефинирани петте политички приоритети за Унијата во наредните пет години.
Министрите го изразија задоволството од постигнатиот напредок во некои важни области, како што се дигиталниот развој и енергетската унија, но и се согласија за потребата од побрзо напредување кога станува збор за сферите коишто влијаат врз секојдневниот живот на европските граѓани.
„Стратешката агенда за Унијата во времињата кои се менуваат е клучен политички документ кој би требало да насочува на заедничките настојувања на европските институции и државите членки до 2019 година. Значителен напредок е постигнат во многу области, но нема сомневање дека во другите мораме да ги зајакнеме напорите, Резултатите од денешната средба ќе ни помогнат во претстојните месеци да сториме што е можно повеќе за да постигнеме напредок онаму каде што може да донесе конкретни позитивни промени за европејците“, изјавил, како што е наведено во соопштението, по средбата словачкиот државен секретар Иван Корчок.
Министрите, исто така, ја истакнале и потребата од подобра комуникација со европските граѓани, во заднината на одлуката Велика Британија да ја напушти Европската унија.
„Комуницирањето е повеќе од едноставно давање информации. Неопходни ни се отворен дијалог со граѓаните и нивни повратни информации. Сите посакуваат резултати. Во времињата кога ЕУ е насекаде критикувана, не е доволно да бидат по стигнати тие резултати, мораме и да ги претставиме и да комуницираме со пошироката јавност“, рекол Корчок
„Брекзитот е пример на неуспех во комуницирањето и на нашата неспособност нештата да се наречат со вистинското име“, додал истакнувајќи дека цел на состанокот не била подготовка на нова стратегија за подобро комуницирање со граѓаните, туку размена на мислењата за тоа што сите учесници можат да сторат за да се промени сегашната ситуација./крај/мф/бс
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Висок руски генерал застрелан во Москва
Висок руски воен функционер, генерал-потполковник Владимир Алексеев, беше застрелан во Москва во петокот и итно префрлен во болница. Државните медиуми ја објавија веста, повикувајќи се на истражители, пренесува Ројтерс.
Според официјални информации, непознато лице испукало неколку куршуми кон Алексеев во станбена зграда во северозападна Москва во петокот, а потоа избегало од местото на нападот. Ранетиот генерал бил итно префрлен во московска болница, а неговата состојба сè уште не е официјално објавена, објавија руските медиуми. Истражниот комитет соопшти дека е отворена кривична постапка за обид за убиство и нелегално поседување огнено оружје.
Истражителите и форензичките експерти се на местото на пукањето, ги прегледуваат снимките од надзорните камери и ги испрашуваат сведоците, додека потрагата по напаѓачот или напаѓачите продолжува. Информациите за пукањето брзо се проширија на руските и украинските канали на Телеграм.
Алексеев е заменик-началник на Главната дирекција на Генералштабот на Министерството за одбрана. Тој беше еден од високите функционери испратени да преговараат со водачот на платениците Евгениј Пригожин за време на неговиот краткотраен бунт во јуни 2023 година.
Европа
„Старлинк“ е блокиран за Русите, Украина: Бројот на напади веднаш се намали
Руските сили го намалија бројот на напади на фронтот откако Украина и SpaceX постигнаа договор за блокирање на нерегистрираните сателитски интернет терминали на Starlink. Извори од Генералштабот на вооружените сили на Украина потврдија дека бројот на руски напади во некои области е намален, додека во други сектори тие целосно престанале, пишува Украинска правда.
Според извештајот на Генералштабот објавен вчера во 16 часот, украинските сили регистрирале 56 борбени ангажмани по должината на фронтовската линија од почетокот на денот. Намалувањето на руската активност следува по мерките преземени за ограничување на неовластената употреба на технологијата Starlink.
Експертот за воена радиотехнологија Серхиј „Флеш“ Бескрестнов објави дека руските сили вчера се соочиле со масовен прекин на терминалите на Starlink.
Според него, Русите се жалат дека не можат повторно да ја воспостават врската, што ќе влијае на координацијата на нивните дејства по целиот фронт.
Проблемот стана јавен на 25 јануари, кога Бескрестнов, кој оттогаш стана советник за технологија на министерот за одбрана Михаил Федоров, изјави дека руските сили веројатно го користат Starlink на беспилотните летала Шахид.
Американскиот претприемач Илон Маск одговори на барањето на Федоров за помош во решавањето на проблемот, по што SpaceX презеде контрамерки. Маск на 1 февруари објави дека мерките се чини дека дале резултати.
Федоров потоа извести за постепеното воведување на систем што ќе им овозможи само на овластени терминали на Starlink да работат на украинска територија.
Украинската влада донесе декрет за воведување на таканаречена „бела листа“, што значи дека само потврдени и регистрирани терминали наскоро ќе можат да работат во Украина, додека сите други ќе бидат исклучени.
Европа
Започна вториот ден од разговорите во Абу Даби, Рубио: Има добри и лоши вести
Вториот ден од трилатералните разговори меѓу Украина, Русија и САД, насочени кон решавање на војната, започна во главниот град на Обединетите Арапски Емирати. Ова го објави Рустем Умеров, секретар на Советот за национална безбедност и одбрана на Украина, пренесува Украинска правда.
„Вториот ден од преговорите во Абу Даби започна. Работиме во истите формати како и вчера: трилатерални консултации, работа во групи, а потоа усогласување на ставовите. Резултатите ќе следат“, објави Умеров на Фејсбук.
Коментирајќи го напредокот на разговорите во Абу Даби на 4 февруари, американскиот државен секретар Марко Рубио рече дека има и добри и лоши вести. Според Рубио, добрата вест е дека списокот на нерешени прашања што постоеја меѓу Украина и Русија е значително стеснет. Украинската делегација подготвува извештај до претседателот Володимир Зеленски за резултатите од првиот ден од преговорите.

Украинската делегација во Абу Даби ја сочинуваат секретарот Рустем Умјеров, шефот на кабинетот на Зеленски, Кирило Буданов, и неговиот прв заменик Серхиј Кислица, лидерот на парламентарната фракција „Слуга на народот“ Давид Арахамија, началникот на Генералштабот на вооружените сили на Украина, Андриј Хнатов, и советникот на кабинетот на претседателот, Олександр Бевз.
Според Умјеров, украинскиот тим во Абу Даби планирал и билатерален состанок со американската страна, претставена од специјалниот претставник на американскиот претседател, Стив Виткоф, и зетот на Доналд Трамп, Џаред Кушнер. Тие требало да разговараат за документ за безбедносни гаранции и план за просперитет.

Трилатералните разговори во Обединетите Арапски Емирати се одржуваат по големиот руски напад врз Украина. По последниот напад, претседателот Володимир Зеленски во вторникот изјави дека работата на украинскиот преговарачки тим ќе биде „прилагодена“.

