Европа
Могерини со најголеми шанси за да биде наследник на Ештон
Шефицата на италијанската дипломатија Федерика Могерини има најголеми шанси за да ја наследи високата претставничка за надворешна политика и безбедност, Кетрин Ештон, на состанокот на европските лидери во средата во Брисел.
Шефицата на италијанската дипломатија Федерика Могерини има најголеми шанси за да ја наследи високата претставничка за надворешна политика и безбедност, Кетрин Ештон, на состанокот на европските лидери во средата во Брисел.
Европските челници ќе одлучат кој ќе наследи Ештон, која е воедно и потпретседател на Европската комисија (ЕК), со квалификувано мнозинство, иако консензусот е „повеќе од потребен“, изјавил неименуван европски дипломат. Засега нема официјален предлог, а доколку Могерини биде и официјално предложена и дојде до гласање, „таа има реални шанси да биде избрана“, соопштил дипломатот.
Меѓутоа се уште не е сигурно кој официјално ќе биде предложен и во следните неколку часа ќе има интензивни консултации меѓу земјите членки, а номинацијата ќе биде објавена откако ќе завршат партиските состаноци, кои вообичаено се одржуваат пред секој самит.
За време на изминатиот викенд, земјите членки во кои на власт се социјалдемократи се договориле дека ќе ја поддржат италијанската министерка Могерини, а против нејзиното назначување пак, постои отпор во балтичките држави и Полска, кои се залагаат за поостар пристап на ЕУ кон Русија, но досега само литванскиот премиер Алгирдас Буткевичиус јавно рекол дека е против нејзиното именување.
Италија се смета за една од оние земји членка која е против остри санкции против Русија поради нејзината вмешаност во украинската криза. Како можни кандидати за наследници на Кетрин Ештон се споменуваат и бугарската еврокомесарка Кристалина Георгиева, која во моментов е еврокомесар за вонредни ситуации и хуманитарна помош, и шефот на полската дипломатија Радослав Сикорски.
Што се однесува до изборот на нов претседател на Европскиот совет, кој ќе го наследи Херман ван Ромпуј, за сега нема големи изгледи дека околу тоа ќе биде постигнат консензус на овој самит. За ова нема ниту брзање бидејќи мандатот на Ван Ромпуј трае до крајот на ноември, за разлика од Ештон чиј мандат истекнува во октомври.
Доколку Могерини биде избрана за висока претставничка, тоа автоматски ќе значи дека никој од левицата нема да може да ја добие функцијата на претседател на Европскиот совет. Но доколку за висок претставник биде избран некој од редовите на Европската народна партија (ЕПП), тогаш социјалистите ќе го бараат местото на претседател на Европскиот совет за себе.
Проблемот е во тоа што тие не можат да се договорат околу имињата, а како можно решение се споменува данската премиерка Хеле Торнинг-Шмит, која би била прифатлива и за Германија и Велика Британија, но на нејзиното назначување се противат некои земји членки како што е Франција, која смета дека претседател на Европскиот совет не може да биде некој кој доаѓа надвор од Еврозоната.
Се очекува на самитот да стане збор и за распределбите на ресорите внатре во Европската комисија, што е исто така важен дел од кадровското преструктуирање. Европските лидери исто така ќе разговараат околу тоа дали Еврогрупата, во која членуваат министрите за финансии на земјите од Еврозоната, ќе добие постојан претседател или пак ќе остане на сегашното решение според кое претседателот на Еврогрупата не е постојана функција туку се врши паралелно со некоја друга. На сегашниот претседател на Еврогрупата, Јерун Дајселблум, кој воедно е и холандски министер за финансии, мандатот му истекнува кон средината на наредната година./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Украина: Русите го нападнаа Харков, уништени се згради, меѓу повредените има и дете
Украина ги уништи сите 10 беспилотни летала во руски напад во текот на ноќта, но две лица се повредени, а станбени згради во регионот Харков беа зафатени од пожар, соопштија денеска украинските власти.
Воздухопловните сили на Телеграм соопштија дека Русија лансирала и две противвоздушни наведувани ракети. Портпаролот на украинските воздухопловни сили во телевизиски пренос изјави дека руските ракети најверојатно биле насочени кон североисточниот град Харков.
Гувернерот на регионот Харков, Олех Синехубов, рече дека три станбени куќи биле запалени, а десетици биле оштетени како резултат на рускиот напад, чија цел, според него, била и инфраструктурата и станбените области. На фотографиите што ги објави Синехубов на Телеграм, се гледаат големи пламени јазици од станбените згради.
„Две лица, меѓу кои и едно 11-годишно дете, се ранети во нападот и се на медицинска помош“, рече Синехубов на апликацијата Телеграм.
Ројтерс сè уште не ја потврди независно оваа вест. Москва негира дека цели на цивили во овие „легитимни напади врз воената, енергетската и транспортната инфраструктура на Украина“.
Европа
Повредени двајца полицајци во Париз кога маж им го украл пиштолот и пукал во нив
Двајца полицајци се повредени во престрелка во полициската станица во Париз, кога на еден од нив му бил одземен пиштолот од маж кој претходно бил приведен поради напад со нож врз жена.
„Полицијата интервенираше и го донесе овде, во полициската станица, и тој потоа му го грабна пиштолот на полицаецот“, изјави началникот на полицијата Лорен Нунес.
Обвинителството соопшти дека еден од полицајците е во тешка состојба, пренесува „Монд“.
Полицијата возвратила, а напаѓачот се здобил со повреди во пределот на градниот кош, по што бил пренесен во болница.
Како што информираат од болницата, животот на напаѓачот не е во опасност.
Европа
Путин го избра премиерот
Рускиот претседател Владимир Путин предложи повторно именување на Михаил Мишустин за премиер во неговиот нов претседателски мандат, изјави утрово претседателот на Државната дума, долниот дом на рускиот парламент.
Откако Путин во вторникот положи заклетва за нов шестгодишен претседателски мандат, тамошната влада, според одредбите на рускиот Устав, поднесе оставка.
И додека во последните денови се шпекулираше дека може да има промени на некои важни и суштински позиции, а руските независни медиуми споменуваа евентуално заминување на Михаил Мишустин од премиерската позиција, Путин повторно го предложи за таа функција.
„Претседателот Владимир Владимирович Путин достави до Државната дума предлог за кандидатурата на Михаил Владимирович Мишустин за функцијата премиер. Денеска претставниците ќе донесат одговорна одлука за ова прашање во име на нивните гласачи“, изјави претседателот на Думата, Вјачеслав Володин на апликацијата Телеграм.
Ова е петти мандат на Путин на власт, а тој го номинираше Мишустин за премиер за прв пат во јануари 2020 година, кога Владата предводена од Дмитриј Медведев поднесе оставка по најавените важни уставни промени во политичкиот систем на земјата од страна на претседателот.
Мишустин, кој ќе зборува во Думата пред гласањето, мора да одговори како ќе реши низа задачи што Путин и ги постави на владата, вклучително и „зголемување на одбранбената способност на нашата земја“, рече Володин.