Европа
Молдавија на изборите во недела одлучува како натаму – Русија или ЕУ
Парламентарните избори во Молдавија во недела ќе одлучат колку цврсто земјата ќе се држи до започнатиот интеграциски пат кон Европската унија и пркосењето на Русија, додека во соседна Украина нема намалување на судирите предизвикани од сличните проевропски аспирации.
Молдавија, една од најмалите и најсиромашните европски земји, сместена на западниот агол од некогашниот советски блок, поблиску е до Европа повеќе од која и да е друга земја од поранешен СССР, несметајќи ги балтичките земји.
Меѓутоа, како што се приближуваат изборите на 30-ти ноември, анкетите покажуваат дека молдавската јавност длабоко поделена околу тоа дали треба да се остане на европскиот пат или да ја промени насоката и да му се придружи на рускиот економски блок.
Европската ориентација, предводена од тричлената Проевропска коалиција на десниот центар, која е на власт од 2009 година, на Молдавија и’ донесе забрана за извоз на овошје, вино и месо во Русија, земја која и’ е најголем снабдувач со енергенси.
Економските проблеми, внатрешните превирања во владејачката коалиција, незадоволството од нејзината борба против корупцијата и носталгијата за стабилните времиња во советскиот блок, предизвикуваат раст на популарноста на левицата во пресрет на изборите.
Актуелниот премиер Иурие Леанка изјави за Reuters дека нема да има поместувања од европскиот пат, но не знае дали ова ќе ги влоши и односите со Русија. Според него, потпишувањето на новиот договор со Русија за снабдување со гас идната година е „добар знак“ и е уверен дека Молдавија ќе се врати на рускиот пазар.
Доколку владината коалиција успее да задржи мнозинство во 101-члениот парламент, европскиот пат нема да биде доведен до прашање, а така најверојатно ќе остане доколку владејачката партија направи и коалиција со комунистите, кои поединечно се најголема сила во парламентот, но се умерени и не се противат на европската интеграција.
Тоа што би можело да ги дополнително да ги искомпликува работите е растот за поддршката на Социјалистичката партија, која сака да ја види Молдавија во Царинска унија на Русија, Белорусија и Казахстан. Социјалистите, чиј лидер Игор Додон неодамна се сретна со рускиот претседател Владимир Путин, тврдат дека проевропската ориентација ќе ја оттргне Молдавија од Русија, моќниот и стабилен сојузник, и со тоа на земјата ќе и се ускрати можноста за набавка на евтин гас.
Првиот претседател на независна Молдавија, Мирчеа Снегур, на ова жестоко се противи.
„Луѓето мораат да разберат дека враќањето во едно мочуриште од кое едвај се извлековме, нема да донесе ништо добро“, рекол тој.
Дури и доколку социјалистите успеат да влезат во некоја коалиција, мнозинството, сепак, смета дека со ратификувањето на Договорот за асоцијација со ЕУ и со фактот што Молдавците можат во ЕУ да патуваат без виза, земјата е веќе предалеку на европскиот пат и е доцна за враќање назад.
Владата во Кишињев за одбрана одвојува многу малку и не покажува никакви намери да се обиде на сила да го врати под своја контрола одметнатото Приднестровље, енклавата која има руска поддршка и која често се споредува со „народните републики“ на истокот на Украина./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
(Видео) Украина почнува да го користи американскиот систем „Темпест“
Украина очигледно го распоредила најновиот американски противвоздушен ракетен систем „Темпест“ со краток дострел. Откритието доаѓа од видео објавено од Командата на воздухопловните сили на Украина на почетокот на оваа година, за кое аналитичарите велат дека го прикажува системот во акција.
Командата на воздухопловните сили на Украина го објави видеото како дел од својата новогодишна порака, на кое се гледа одбивањето на воздушен напад без никаква официјална најава или идентификација на новото оружје. Сепак, украинската аналитичка група „Водохраи“ подоцна објави дека видеото всушност го прикажува системот „Темпест“ како пресретнува руски дрон за време на ноќен напад.
Американската одбранбена компанија V2X ја претстави платформата „Темпест“ на изложбата на Здружението на армијата на Соединетите Американски Држави (AUSA) во октомври 2025 година, но трансферот на системот во Украина не е јавно објавен. Противвоздушниот ракетен систем „Темпест“ е дизајниран да се справи со беспилотни летала, хеликоптери и авиони што летаат ниско во сите временски услови.
Европа
Русија изврши уште еден голем напад со дронови во текот на ноќта
Русија изврши голем напад врз Украина преку ноќ со 156 ударни дронови од типот „Шахед“, „Гербера“ и други. Од вкупниот број, околу 110 летала беа дронови камикази од типот „Шахед“, информираше Командата на украинските воздухопловни сили, како што објави „Украинска правда“.
Според прелиминарните податоци објавени до 8 часот наутро, украинските сили за воздушна одбрана успеале да соборат или електронски да блокираат 135 руски ударни дронови. Одбраната дејствувала на широка област, опфаќајќи ги северните, јужните, источните и централните делови на земјата.
И покрај високата стапка на пресретнување, регистрирани се 16 погодоци на ударните дронови на вкупно 11 локации. Покрај тоа, остатоците од соборените дронови паднале на две места.
Воздухопловните сили, противвоздушните ракетни единици, средствата за електронско војување, единиците за беспилотни системи и мобилните противпожарни групи на украинските одбранбени сили учествувале во одбивањето на воздушниот напад. Властите предупредуваат дека нападот сè уште е во тек и дека неколку руски дронови сè уште се во украинскиот воздушен простор.
Европа
Туристи заглавија во Финска поради екстремно ниските температури
Илјадници туристи останаа заробени во северна Финска откако екстремно ниските температури ги приземјија авионите и принудно откажаа летови.
Температурите на аеродромот Китила во Лапонија паднаа на рекордно ниско ниво од -37°C во недела наутро, предизвикувајќи прекини во воздушниот сообраќај, објави Скај њуз.
Арктичкиот студ го погодува аеродромот со денови, што ги прави операциите на аеродромот, вклучително и клучното одмрзнување на авионите, речиси невозможни. Сепак, постои надеж за блокираните британски туристи, со летови до Манчестер и Лондон закажани за понеделник попладне. Успехот на тие летови останува неизвесен бидејќи метеоролозите предвидуваат дека температурите сепак ќе бидат околу -28°C.
Иако жителите на финска Лапонија се навикнати на сурови зими, овогодинешниот студен бран, кој погоди големи области на северна, централна и источна Европа, беше поинтензивен отколку во претходните години. Обилните снежни врнежи, силните ветрови и заледените патишта го направија патувањето опасно низ овој дел од континентот.
Во Германија, патниците со железнички превоз доживеаја големи доцнења и откажувања во неделата откако националниот оператор „Дојче Бан“ ги запре сите услуги на северот од земјата. Властите во Северна Рајна-Вестфалија, најнаселената покраина во Германија, објавија дека сите училишта ќе бидат затворени во понеделник поради ниските температури, а наставата ќе се одржува преку интернет.
Во балтичките земји Естонија и Литванија, возачите беа повикани да ги одложат сите непотребни патувања поради прогнозираните снежни бури. Соседна Латвија, исто така, издаде предупредување за снег за западниот дел од земјата.

