Европа
Москва одговора на санкциите и критиките од самитот на Г7
Кремљ не верува дека продолжувањето на санкциите против Русија ќе има позитивно влијаени врз глобалната економија и состојбите во меѓународната политика, изјави портпаролот Дмитриј Песков, додека рускиот премиер Дмитриј Медведев ѝ наложи на владата да изработат предлози за продолжување на забраната на увоз на храна од западните земји до крајот на 2017 година.
„Позицијата на Кремљ не е променета, попрво ова прашања не е на нашата агенда. Истовремено не сметаме дека таквите одлуки може да имаат позитивно влијание врз глобалната економија и за глобалните прашања во целина“ изјави Песков за новинарите.
Британскиот премиер Дејвид Камерон претходно во петокот од Јапонија по самитот на седумте индустриски најразвиени земји групата Г7 изјави дека тие се согласиле во јуни да ги продолжат санкциите против Русија поради нејзината наводна улога во украинската криза.
Германската канцеларка Ангела Меркел, по истиот самит рече дека е прерано да се зборува за укинување на санкциите против Русија. Меѓутоа, нејзиниот министер за надворешни работи Франк-Валтер Штајнамер во четвртокот и петокот при посетат на трите балтички земји изјави дека можно е да има постепено укинување на санкциите доколку има брз напредок во смисла на договорот од Минск и призна дека „ќе биде потешко отколку лани да најдеме заедничко решение за ова прашање“.
Во заедничката декларација усвоена на самитот на челниците од Г7 се вели дека санкциите ќе останат на сила „до целосната реализација на договорот од Минск“ па дури оти ќе бидат заострени „доколку биде потребно“.,
Рускиот заменик министер за надворешни работи Сергеј Рјабков оваа изјава ја нарече „апсурдна“. Дипломатот посочи дека Москва не е учесник во украинскиот конфликт.
Санкциите воведен против Русија од страна на ЕУ истекуваат на 31-ви јули, а земјите членки за тоа ќе разговараа на самитот кој ќе се одржи на 28-ми и 29-ти јуни. Меѓутоа, во Брисел се зачестени стравувањата дека по ова прашање ќе има разногласија и оти неколку земји ќе се залагаат за олеснување или укинување на санкциите.
Подоцна рускиот премиер Дмитриј Медведев на средбата на Рускиот сојуз на индустријалци и претприемачи изјави дека продолжувањето на забраната за увоз на храна од западните земји како реакција на анти-руските санкции би им овозможило на руските производители на храна долготрајни вложувања.
„Ја задолжив владата да подготви предлог за продолжување на противсанкциите, не само за една година, туку до крајот на 2017-та. Петицијата на претседателот ќе му биде подготвена“, рече Медведев.
Русија во 2014 година со забраната за увоз на свежи прехранбени производи од многу западни земји одговори на санкциите коишто против неа ги наметна Западот, под притисок на САД, обвинувајќи дека ги поддржува рускојазичните бунтовници во источна Украина и дека го анкетирала Крим. Овој црноморски полуостров на кој доминантно е руското и рускојазичното население во март 2014 година, како одговор на соборувањето на власта во Киев и нејзиното преминување во рацете на прозападните сили со референдум ја поврати укинатата автономија и изгласа присоединување кон Руската Федерација.
Во 2015 година Русија ги прошири санкциите и на Турција, поради нејзиното уривање на руски воен авион кај границата со Сирија. Москва повеќепати објаснува дека санкциите и нејзиниот одговор се добра можноста за руските производители да развијат дејности со кои ќе можат да го завладеат големиот домашен пазар без увоз од скапите европски производи./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Данска ќе обезбеди четири борбени авиони Ф-35 за мисијата на НАТО во Арктикот
Данска ќе обезбеди четири борбени авиони Ф-35 за мисијата на НАТО „Арктички стражар“, изјави данскиот министер за одбрана Троелс Лунд Поулсен.
НАТО во среда објави дека ја започнал мисијата за зајакнување на своето присуство на Арктикот, како дел од напорите за намалување на тензиите во рамките на алијансата предизвикани од желбата на американскиот претседател Доналд Трамп да ја преземе контролата врз Гренланд од Данска.
„Нашиот придонес (со борбени авиони Ф-35) го зајакнува целокупното присуство во регионот и ја нагласува улогата на Данска како активен сојузник на Арктикот и Северниот Атлантик“, рече Поулсен во соопштението.
Министерот им рече на новинарите пред Минхенската безбедносна конференција дека очекува и САД да придонесат во мисијата на НАТО.
НАТО започна со планирање на мисијата откако Трамп и генералниот секретар Марк Руте се сретнаа во Давос минатиот месец. По таа средба, Трамп ги повлече заканите за царини за европските земји и ја исклучи употребата на сила за преземање на контролата врз Гренланд.
Руте и Трамп се согласија во Давос дека НАТО треба да преземе поголема одговорност во Арктикот, со оглед на руските и кинеските амбиции во областа.
Европа
Откриена масовна измама со билети за Лувр: Запленети 130.000 евра
Париската полиција уапси десет лица осомничени за организирање масовна измама со билети во музејот Лувр. Меѓу уапсените наводно има вработени во музејот и туристички водичи кои ги таргетирале кинеските посетители во шема што вклучувала продажба на лажни билети и пререзервирање на тури со водичи, објавува „Еуроњуз“.
Според францускиот весник „Ле Паризиен“, полицијата ги уапси осомничените во вторник откако раководството на Лувр пријавило „неправилности“. За време на операцијата, запленети се три возила, 130.000 евра во готово и замрзнати се речиси 200.000 евра на банкарски сметки. Откриени се и неколку банкарски сефови со големи суми готовина.
Раководството на музејот во соопштението наведува дека сега „воспоставило структуриран план против измами врз основа на мапирање на измами, серија превентивни и куративни мерки, правни, технички и контролни мерки и следење на резултатите“.
Апсењата следат по низа лоши вести за најпопуларниот музеј во светот и една од најпочитуваните институции во Франција. Од минатиот месец, Лувр е принуден делумно да ги затвора вратите за посетители секоја недела поради штрајк на персоналот незадоволен од платите и условите за работа.
Протестите започнаа кон крајот на минатата година по објавувањето на осудувачки владин извештај за безбедносните пропусти, кои беа откриени по дрскиот грабеж на француските крунски скапоцености во октомври.
Европа
Зеленски: За Трамп, прекинот на огнот во Украина е само политичка победа и прашање на наследство
Украинскиот претседател Володимир Зеленски во интервју за „The Atlantic“ изјави дека претпочита да не склучува никаков мировен договор со Русија отколку да ги принуди Украинците да прифатат лош договор.
Американското списание објави растечка загриженост кај некои членови на внатрешниот круг на Зеленски дека неговиот прозорец за решение се затвора и дека Украина би можела да се соочи со години континуиран, мачен конфликт доколку не се постигне договор за завршување на војната оваа пролет.
Зеленски беше цитиран како вели дека претпочита да не прифати „договор отколку да го принуди својот народ да прифати лош“.
„Дури и по (скоро) четири години интензивно војување, тој вели дека е подготвен да продолжи да се бори доколку е потребно за да обезбеди достоинствен и траен мир“, се вели во статијата, забележувајќи дека Зеленски рекол дека „Украина не губи“ кога бил прашан за неговата проценка на позицијата на Киев на фронтот.
Два круга трилатерални преговори меѓу Русија, Украина и САД се одржаа во главниот град на Обединетите Арапски Емирати, Абу Даби, на 23 и 24 јануари и на 4 и 5 февруари.
Во понатамошните коментари за списанието, Зеленски рече дека „нема поголема победа“ за американскиот претседател Доналд Трамп од наоѓање решение за војната меѓу Русија и Украина.
„За неговото наследство, ова е број 1“, рече тој, додавајќи дека постигнувањето такво решение пред американските меѓуизбори во ноември би била „најдобрата ситуација“ за Трамп.
„Да, тој сака помалку смрт. Но, ако вие и јас разговараме како возрасни, тоа е само победа за него, политичка“, додаде тој.
Коментарите дојдоа откако Зеленски им рече на новинарите за време на викендот дека САД инсистираат на решавање на војната меѓу Русија и Украина „до почетокот на ова лето“ и дека Вашингтон „веројатно ќе изврши притисок врз страните во согласност со овој распоред“.
Во изјавите објавени од украинските медиуми, тој рече дека Киев разбира дека „внатрешните проблеми“ во САД влијаат на овој рок, особено со почетокот на кампањата за меѓуизборите подоцна оваа година.

