Европа
Москва тврди, Киев негира дека украински ловец летал крај малезискиот авион

Украински ловец од типот „Сухој Су-25“ бил 3 до 5 километри оддалечени од малезискиот „Boeing 777“ непосредно пред неговиот пад изјави во понеделникот началникот на главната оперативна управа на Генералштабот на руската армија, генералот Андреј Картаполов, кој ги повика САД да објават сателитски снимки од тој временски интервал, а украинскиот претседател Петро Порошенко одговори дека во времето на несреќата сите украински авиони биле приземјени.
„Видовме дека украинскиот авион ’Су-25’ се крева кон малезискиот Boeing кој од него беше оддалечен 3 до 5 километри. Су-25 може да лета на височина до 10.000 метри. Носи ракети со дострел од 12 километри и сигурно гаѓа цел на растојание до 5 километри“, изјави генералот Андреј Картаполов на прес-конференција во Москва.
„Се прашуваме: зошто ловецот летал на таа височина кога и цивилен авион?“, додаде Картаполов.
Авионот од типот „Сухој Су-25“ кој во класификацијата на НАТО се именува како Frogfoot примарно е јуришен авион за напади на цели на земјата. Но постои варијанта и можност овој тип авион да биде опремен со ракета Р-60 воздух-воздух.
Генерал Картаполов наведе и други податоци за уривањето во четвртокот на 17-ти јули на малезискиот „Boeing 777“ со 298 патници и членови на екипажот на летот до Амстердам до Куала Лумпур во источна Украина, во областа на Донецк на 50-ина километри од руската граница, територија којашто е под контрола на проруските бунтовници. Украина ги обвинува бунтовниците и Русија дека се одговорни за соборување на малезискиот патнички авион, додека Москва во понеделникот првпат објави дека постојат сомневања дека авионот е урнат од украинските сили.
„По Донецк малезискиот авион ја променил насоката и се оддалечил од својот коридор 14 километри налево. Потоа се обидел да се врати во коридорот, но не го извел докрај маневарот. Во 17.20 часот забележан е значителен пад на брзината, а во 17.23 часот исчезнал од радарските екрани на руската контрола на летањето. Прашање е зошто излегол од својот коридор, односно дали станува збор за навигациска грешка или наредба на украинскиот контролор на летот“, додаде генералот Картаполов.
Тоа алудира на еден пост од социјалните мрежи на шпански контролор на летот во Украина дека околу малезискиот авион биле регистрирани два украински воени авиона. Покрај тоа, британските медиуми објавија анализа на тамошни воздухопловни експерти кои тврдат дека „Boeing 777“ летал 483 километри посеверно од маршрутата којашто ја користеле авионите на малезиската компанија изминатиот период.
Генералот Картаполов, исто така, изјави дека на денот на несреќата ракети земја-воздух на украинските сили, коишто можат да погодат цел на 35 километри оддалеченост, биле распоредени недалеку од Донецк. „Зошто тие украински сили биле таму и на кога го насочиле тоа класично противвоздушно оружје кога сите знаат дека бунтовниците немаат авијација“, запраша генералот.
Генералот покрај тоа негираше дека Русија на проруските бунтовници им доставила ракетни системи „Бук“, со кој, како што постојат сомневањa е урнат малезискиот авион на летот МН17, што го тврдат Украина и САД. „Русија на бунтовниците не им даде ракетни системи ’Бук’, ниту кој и да е друг вид оружје и воена опрема“, категоричен е генералот Картаполов.
Руското министерство за одбрана претходно во петокот соопшти дека неговиот радарски систем регистрирал активност на ракетен систем „Бук – М1“ на украинската армија во времето на трагедија, кој може да даде и податоци на друг систем. Притоа, руската страна потсетува на трагедијата од 2001 година, кога украинските противвоздушни сили на Црно Море соборија руски патнички авион „Ту-154“ на линијата Тел Авив – Новосибирск, кога загинаа 78 луѓе од кои 66 Израелци и 12 Руси членови на екипажот, и долго време негираа своја инволвираност.
Трагедијата на малезискиот авион и времето на снимањето на американскиот сателит на територијата на Украина се совпаѓаат, исто така тврди началникот на главната оперативна управа на Генералштабот на руската армија.
Картаполов на прес-конференцијата се обрати директно до САД со молба да ги достават снимките од тој сателит. „Според нашите пресметки, од 17.06 до 17.21 часот (по московско време) на 17-ти јули над југоисточните области на Украина прелетал американски вселенски уред, овој апарат е експериментален космички систем развиен за откривање и следење лансирање ракети со различни дострели“, рече Картаполов.
„Доколку kaj американската страна постојат снимки од тој сателит, би ги замолил да ги обезбедат за меѓународната задница за детално проучување“, порача рускиот генерал.
„Случајно или не, меѓутоа трагедијата на малезискиот Boeing и времето на набљудувањето на американскиот сателит на украинската територија се совпаѓаат“, изјави Картаполов.
Одговарајќи на тврдењата на руското министерство за одбрана дека украински воена авион летал близу малезискиот патнички авион во времето на несреќата, претседателот на Украина, Петро Порошено за американската телевизиска мрежа CNN рече дека сите воени апарати на украинската армија во тој период биле приземјени и кусо изјави „Тоа не е вистина“.
Американската телевизија притоа наведува дека авионот „Сухој Су-25“ е примарно јуришен авион за напад на цели на земај, како тенкови, артилериски батерии итн. Иако се дозволува можноста дека овој тип авион може биде опремен со ракети воздух-воздух Р-60 (кои во НАТО класификацијата се нарекуваат AA-8 Aphid) со наведување на извор на топлина, „меѓутоа тоа би било многу невообичаено, бидејќи украинските воздушни сили ги поседуваат ’чистокрвните’ ловци ’Сухој – Су-27’ и ’Миг-29’./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Украина припаѓа на Европската Унија, му рече данската премиерка на Зеленски

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, пристигна во Орхус, западна Данска, каде што ќе присуствува на одбележувањето на почетокот на данското претседателство со Советот на Европската Унија.
Според најавата на данската влада, Зеленски ќе разговара со премиерката Мете Фредериксен, претседателката на Комисијата, Урсула фон дер Лајен, и со претседателот на Европскиот совет, Антонио Коста.
Тие ќе разговараат за поголема воена поддршка за Украина, соработка со украинската одбранбена индустрија и нови санкции против Русија.
„Украина припаѓа на Европската Унија, тоа е во интерес и на Данска и на Европа. Затоа данското претседателство ќе направи сè што може за да ѝ помогне на Украина на патот кон членство во ЕУ“, рече Фредериксен.
Данската премиерка истакнува дека ЕУ мора да ја зајакне Украина и да ја ослаби Русија.
„Украина е клучна за безбедноста на Европа. Мора да го зголемиме притисокот врз Русија“, рече Фредериксен.
Европа
Анкета: Германците сакаат да го укинат пиењето под надзор кај тинејџерите

Мнозинството Германци сакаат построги закони за заштита на младите од алкохол, вклучително и елиминација на контролирано пиење, што им овозможува на 14-годишниците да нарачаат пиво во бар ако се во придружба на законски старател, покажува анкета објавена денес.
Резултатите од анкетата на „Форса“, нарачана од компанијата за здравствено осигурување Kaufmännische Krankenkasse (KKH), покажуваат дека 65 проценти од Германците ја поддржуваат забраната за контролирано пиење алкохол од страна на малолетници. Според сегашниот закон, на тинејџерите им е дозволено да купуваат и да пијат пиво, вино и пијалаци на база на вино на јавно место ако се во придружба на старател.
Тесно мнозинство од 52 процента од испитаниците исто така сакаат да се зголеми законската возраст за купување и пиење алкохол од 16 на 18 години. Анкетата, спроведена во јуни, опфати 1.004 испитаници од цела Германија на возраст меѓу 18 и 70 години.
Забраната за контролирано пиење ја застапуваат и покраинските министри за здравство, а ја поддржува и федералната министерка за здравство, Нина Варкен. Алкохолот е значаен проблем за децата и за тинејџерите, изјави Катарина Шенк, министерка за здравство во источногерманската покраина Тирингија и претседателка на Конференцијата на министрите за здравство.
Медицинските здруженија долго време апелираат до креаторите на здравствените политики да вложат поголеми напори за намалување на потрошувачката на алкохол во Германија. Германското здружение за исхрана препорачува целосна апстиненција од алкохолни пијалаци наведувајќи дека „не постои безбедно ниво на потрошувачка“.
„Колку порано младите луѓе почнуваат да пијат, толку се поголеми здравствените ризици“, вели психологот на KKH, Франциска Клем.
Покрај краткорочните последици, како што се несреќи, повреди и насилство, алкохолот го зголемува и ризикот од рак, кардиоваскуларни заболувања и заболувања на црниот дроб. Алкохолот е особено штетен за адолесцентите бидејќи нивните тела сè уште се во развој и затоа се почувствителни на неговите токсични ефекти, објавува агенцијата ДПА.
Европа
Украински функционер: Европа прави сè што може, но ќе биде тешко без американско оружје

Украина ги повика САД да продолжат со „континуираната“ воена помош, по изненадувачката најава дека некои испораки на оружје за Киев ќе бидат запрени, додека Вашингтон се обиде да го намали значењето на паузата.
Тоа е сериозен удар за Украина во време кога Русија ги засилува нападите во отсуство на дипломатски напредок за решавање на конфликтот. Американскиот претседател Доналд Трамп му се обраќа на рускиот претседател Владимир Путин од јануари, обидувајќи се да изврши притисок врз него да ги запре борбите, но без да постигне конкретен напредок.
Вчера, сосема неочекувано, неговата администрација објави дека престанала да испорачува одредени видови оружје во Киев, официјално поради загриженост за намалувањето на залихите на муниција во САД, од каде што доаѓа најголемиот дел од воената помош за Украина од почетокот на руската инвазија во февруари 2022 година.
Американските претставници вчера се обидоа да го минимизираат влијанието на потегот, без да дадат детали. „Министерството за одбрана продолжува да му презентира опции на претседателот во врска со воената помош за Украина, во согласност со целта за завршување на оваа трагична војна“, изјави портпаролот на Пентагон, Шон Парнел, за новинарите.
Портпаролката на Стејт департментот, Тами Брус, на брифингот изјави дека „ова не е суспензија на американската помош за Украина или испораката на оружје“, туку „изолиран инцидент“.
Оружјето, муницијата и опремата од Соединетите Американски Држави, како и разузнавачките информации, им овозможија на украинските сили да ги сопрат руските трупи, кои окупираа речиси 20 проценти од украинската територија. Украина останува зависна од американските испораки на оружје, изјави за АФП висок украински воен функционер.
„Европа прави сѐ што може, но ќе ни биде тешко без американска муниција“, додаде тој. Синоќа, украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека Вашингтон и Киев се обидуваат да ги „разјаснат сите детали“ во врска со воената помош што Соединетите Американски Држави сè уште ја обезбедуваат. „Продолжената американска помош за нашата одбрана и нашиот народ е во наш заеднички интерес“, рече тој.